Весна Јаневска
Неколку дена по смртта на мојот дедо на портата на баба ми тропнал непознат човек и го побарал младиот газда во куќата, мојот десетгодишен татко. Непознатиот извадил од џебот купче пари и му ги подал на детето, велејќи дека му ги должел на татко му. Баба ми се побунила и ги одбивала парите велејќи дека не знае за такво нешто. Човекот одговорил: „Јас знам, комшивке“. Ги оставил парите и заминал.
Во мојата наивност или романтизам цел живот длабоко верував и сѐ уште верувам дека целата вредност, духот, моралот и традицијата на мојот народ е опишан и се состои во зборовите „Јас знам“, јас имам совест и чесност, работам, се оддолжувам и не заборавам, не лажам и туѓо не земам, па макар и никој за тоа да не знае. При тоа да не заборавам да додадам дека во Скопје во таа не толку далечна 1940 година пред самиот почеток на Втората sветска војна и Големата несреќа живееле и ги почитувале овие принципи Македонци, Турци, Срби, Власи, Албанци, Роми, Евреи, Ерменци и така натаму, да не ги набројувам сите.
Верувајќи во овие вредности според кои живееле мноштвото од моите и ваши преdци очекував извинување, барем од некого. Врват денови, а јас извинувањето го пропуштив или навистина го немаше?
Слушам ОБСЕ вели говорот на омраза пред избори во нашава држава се зголемувал и вклучувал и етнички навреди, организацијата Визентал праќа пораки, некои светски медиуми зборуваат за говорот на омраза во нашава земја, а оние што се негови генератори молчат.
Па да не беше дел од {арената револуција и да не беше вработена во Влада можеби, можеби ќе останеше само декадентно мислење на поединец. Во 21 век? После сѐ што сме чуле и виделе за Големата несреќа? Со неподнослива леснотија, на цел етникум, а и држава да им припишеш својство на криминал? Малку е, па има уште. Лајкови од официјални државни функционери. Шо се случи ЛУЃЕ? Ги заборавивте ли бабите и дедовците, си ги заборавивте ли корените? Каде отиде човечкото од нас? Во моето опкружување, кое и не е баш мало и ограничено, луѓето се делат на чесни и нечесни, на домаќини и недомаќини, на вредни и мрзeливи, на работни и лембети, на учени и неуки, но никако не на Евреи и Македонци, Срби, Албанци, Роми и многу други. Каде нашиве луѓе научија дека тоа треба така?
Во Холокаустот беше извршен геноцид на околу 6 милиони европски Евреи, на две третини од нив. Та ние изградивме меморијален центар заедно со нив, за да изразиме сочувство за она што им се случило. Зарем не му е секому јасно колку е болно за оваа етничка заедница и во денешно време во 21век некој без причина да ги обвинува и да им го руши достоинството. Та Министерката беше 2 дена на функција, и да сакаше да згреши немаше кога. А вие? Вие предвреме згрешивте и за тоа треба да се извините.
Не сакам и не можам да се извинувам од ваше име. Не припаѓам на вашата група. Се разликувам од вас и со овој текст воведувам ново ниво на комуникација. Не Ве навредувам, не Ве мразам, не Ви завидувам, се прашувам само кој Ѓавол во овие свети денови Ве тера да си го поганите и јазикот и душата?
А на Министерката и на сите припадници на еврејската заеница од името на ЛУЃЕТО во оваа држава и се извинувам. Знам која е и од каде доаѓа, и ја прочитав биографијата и ги слушнав зборовите. Наследи еден од добрите министри во претходната Влада и ја чека тешка работа во тешко министерство. Верувам дека ќе работи и живее по принципите по кои живееле нашите претци, дека ќе работи за државата и народот и дека ќе воведе ново високо ниво и на комуникација и на успеси.
Ако тоа е така, ние ќе ја почитуваме и ќе стоиме до неа и зад неа како и до сите други кои ќе ги исполнуваат нашите идеали, кои и да се од која и да било етничка заедница.
Летај на крилјата на успехот за твојата земја, Македонија, горда Еврејке од родот ЧОВЕК!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.