Васко Шутаров

На мојот мајчин јазик, зборот чемер означува горчина, голема тежина и мачнина на душата. За таков тип душевна болка, истиот збор го имаат и други блиски јазици. Меѓутоа, само на мојот мајчин македонски јазик, истото име е дадено и на една лековита билка, билката чемер. Од коренот на чудотворниот чемер се лечат мноштво слабости и болести, од зајакнување на организмот, подобрување на апетитот, зголемување на бројот на црвените крвни зрнца. Коренот на чемерот е најгорчливото природно соединение, а билката, најгорчлива од сите лековити. И само на мојот македонски јазик, чемерот во душата нашол свој еквивалент по горчливост во природата. Мојот мајчин јазик горчилото во душата го препознало во најгорчливото во природата. Чемер против чемер.

Живееме чемерни години. Среќавам десетици, стотици блиски или познати луѓе. Секој со својот чемер. Се гледа тоа и се чувствува јасно, просто опипливо е. Како воздухот од чемер што го дишеме. Секој со свои лични причини за сопствениот чемер. Но за сите заедно, најмачниот составен дел на секојдневниот чемер е чувството дека не мрдаме ни милиметар напред и не стануваме нормална држава. Чувството дека последниве две години нашиот Дом стана едвај стабилна куќа, на три кревки потпорни столба, кои предизвикуваат чувство на несигурност и загрозеност. Чувство дека дадовме сè во двата асиметрични и неправични за нас договори со соседите, а за возврат добиваме само нови и нови проблеми. Чувството дека освен што ни се посегна по името, ни се загрозува и мајчиниот јазик, а со тоа севкупната културна традиција и културно наследство, нè прави пречувствителни и полни со чемер. И убаво звучат срамежливите и дискретно спакувани пораки од владата, „идат празници, ајде да се насмееме” или „зарем не гледате колку блескаме, почнувајќи од елките на плоштадите”, но чемерот е посилен и вели-до тука беше и доста беше!

И шчо напраифме?

Имаме ние разбирање за сите други сензибилитети. И бескрајно трпение. Познати сме по тоа. Впрочем мојот народ има два преубави збора-благородно и благодарно. Но, како што “кесето со златници од сказните, од кое колку и да земате тоа толку и се полни”-реално се испразни, така и трпението, сензибилноста, благодарноста и благородството се исцрпуваат и ги исцртуваат своите вжештени линии. Имено, дојдовме до ѕидот, создаден токму од нив. До последиците од трите договори (двата меѓусоседски и едниот меѓупартиски), последици за кои поумни глави од потпишувачите на истите, предупредуваа благовремено. Во ниеден од тие договори не е приметлив македонскиот ракопис, изготвени се под диктат и предизвикуваат последици за кои потпишувачите убедуваа, дека не можат да се случат. А последици се случуваат секој ден.

Кога го читам мислењето на БАН деновиве, како да слушам бугарска радио-програма „Хоризонт” од 70-те и 80-те години на минатиот век, од време на коминикеата на Тодор Живков и Цола Драгочјева. И самите се пофалија, дека денешниов став го изградиле уште во 1979 година. Истиот негаторски дискурс кон македонскиот народ, јазикот и културата на Македонците и денес? Така блиски народи, а така далечни најмногу од овие причини. Немаме само ние проблем со дискурсот на БАН. Европската Унија има проблем со дискурсот и тонот од времето на комунизмот. Бидејќи не можам да замислам една Ангела Меркел да решава било каков проблем, со јазикот на некогашниот источно-германски комунистички лидер Ерих Хонекер, или Романија и Унгарија денес, да се расправаат преку дискурсите на нивните поранешни комунистички првенци, Јанош Кадар и Николае Чаушеску. Иако чесно кажано, студениот тон од Софија, најмногу ми се чини предизвикан од лесно ветени а неисполнети ветувања, од некој од македонска страна. Ај, погодете кој?

И што тоа се подобри видливо и реално во грчко-македонските односи, после Преспанскиот договор? Точно е дека никнаа уште десетина стоматолошки ординации на југот на државата, дури и уште едно казино се отвори, а конфекциските работнички ја задржаа својата цена за шиење од трета рака, за 70 центи по парче. Е да, добивме на “подарок” нова трговска грчка марка, “Macedonia The GReat”, промовирана свечено и пред нашиот премиер. ЕУ и Европското биро за интелектуална сопственост во Аликанте, веќе имаат реален проблем со ова грчко решение за брендирање на регион во Грција, што не ја почитува нормата на Преспанскиот договор. Нели според Договорот (чл. 1.3. ж) и во склад со европските директиви, во меѓусебна консултација и договарање ќе ги разгледувавме заеднички трговските ознаки? Или, најдоа меко и податливо од наша страна, па ајде да видиме до каде можеме да си подигруваме. Најмногу, ај погодете со кого?
Европа, преку Венецијанската комисија, нотира сериозен проблем со Законот за јазици, кој сакале признале или не, се донесе со бројни уставни и деловнички аномалии. Уште и аплициран со европско знаменце. Врвните европски правни експерти предупредуваат на неприменливост на законот. Но, помалиот партнер од владејачката коалиција убедува дека нема отстапувања од веќе постоечкиот закон. Дури и шестото за три дена “мислење” на премиерот во заминување, оди во таа насока-“институционално ние ќе си го решаваме тоа, без измени на законот”. И повторно, ЕУ има проблем. Абасадорите Тимоние и Фуере веќе сугерираа внимателно да се разгледаат и почитуваат Препораките од Венеција. Уште да ни исцртаат, дека францускиот нон-пејпер и сите останати што деновиве циркулираат во контекст на идното европско проширување, јасно ни укажуваат да не ги заобиколуваме, игнорираме или релативизираме европските органи, институции и тела, кои се во служба на нашите интереси. Туку идат избори, партнерите од владејачката коалиција и меѓусебно ќе си вадат очи за албанските гласови, караванот ќе си врви а најгласните во игнорирањето на Венецијанските забелешки, ќе бидат и најгласни во скандирањата “ЕУ и НАТО”. Ај, погодете кои?

И шчо требит да праиме за однапред?

Да си се вратиме себеси! Да си ги исчитаме уште еднаш европските документи, да не се откажеме никогаш од најдолгиот пат на тлото на Европа, за европски вредности и европска нормалност. Да си ги сакаме и почитуваме сите наши сограѓани како и досега, од сите етнички заедници, подеднакво. Да си ги почитуваме најблиските соседи, бидејќи судени сме едни на други и не можеме да ги замениме со други. Но, најпрво себе почитувајќи се. Своето достоинство, интегритет и идентитет. И конечно, сплотени по сите три прашања. Бидејќи, обединувачка македонска платформа, никогаш нема да ни се случи однадвор. Само наш предизвик и наша привилегија е тоа. Благородна и благодарна мисија токму на оваа наша генерација. И мораме да се сложиме, колку и да звучат старомодно овие изблици на насобраниот чемер. Најпрво околу јазикот, нашиот македонски јазик кој долги години го имавме како “запуштено дете”. Во моментов тоа е, налик на сосема “напуштено дете”. Да се обединиме околу употребата, заштитата и унапредувањето на македонскиот јазик, овде и веднаш! Лектори за македонски јазик дома, секаде каде што треба, од државни до локални институции, преку широката медиумска мрежа и секое делче од јавниот информативен простор. Лекторати по македонски јазик низ европски и светски универзитети, секаде каде што можеме. Зголемен фонд на часови по литература на македонски јазик но и часови по култура на изразување. Да си го зачуваме и унапредуваме богатството од дијалекти, да си ги зборуваме најнапред дома.

И, нека го извади власта слободно, веќе еднаш на мегдан, предлог-законот за употреба на македонскиот јазик, што толку долго го “крчка” по стручни и јавни расправи, како никој друг закон пред тоа. Или се спремаше овој закон само од популистички причини, онака за пред избори? Доста тргувавте со најсветото бре луѓе! Дотерани сме до ѕидот на трпението, а со јазикот, обединувањето околу него, ќе си ги зачуваме и унапредиме и идентитетот и културата. Да ги вложиме сите наши институционални и индивидуални напори, да си ги промовираме јазикот и културата. Да се огледаме барем малку на соседите од Косово каде што секој граѓанин што се разбира од нови технологии и зборува некој странски јазик е ставен во функција на амбасадор на својата земја за признавање на Косово на меѓународен план. Ние можеме да бидеме културни и јазични дипломати на својата земја, секаде, во секое време и на секое место. А државата мора, тоа секогаш да биде! Да се сплотиме (конечно!), барем околу ова што ни остана, во годиниве на чемер. “Не ни се нужни победи нам. Наше е да се издржи!”, ќе рече македонскиот поетски великан. А и не напразно вели поговорката: Јазикот е мек, ама ги надживува и најтврдите заби!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.