Весна Јаневска
Пандемијата со коронавирусот покажа многу нешта од кои многу можеме да научиме и тоа никако не смееме да го пропуштиме, па заради тоа мој мал придонес кон знаењето следи подолу во текстот.
Епидемијата во Вухан, ако се издигнеме над стереотипното мислење за Кина, покажа што значи организирана држава и организиран здравствен систем. Покажа и висока свесност на населението, а ако не тоа, покажа барем верба во државата и нејзино почитување. Тие се справија со епидемијата.
Од пандемијата може да научиме или барем да увидиме и други исклучително значајни нешта, кои треба да ги знаеме, или за да ги коригираме, или за да ги прифатиме како факти на нашето идно живеење.
Она што според мене е на прво место во овој момент е разногласието по повод новиот и непознат непријател за човештвото. Светската здравствена организација постојано дава препораки и смерници за тоа како треба да се организира борбата против Ковид-19. Овие смерници се засновани на искуствата од Кина, Италија, Шпанија и други земји, искуства кои во моментот се прибираат од страна на релевантни стручњаци и научници.
Одреден број стручњаци кои се појавуваат секаде во светот, си дозволуваат да ги релативизираат тие препораки потенцирајќи го своето мислење и хипотези со што меѓу населението внесуваат забуна. Сега замислете едно население кое нема доверба во државните институции, нема доволно информации и нема доволно образование како ќе ги восприема сите овие збунувачки хипотези издигнати на ниво на тези. И праќањето на двојни и опонентни пораки е најголемото зло што може да му го понудиме на населението. Сосема е логично, ако малку или ништо не знаеме за непријателот да ги спроведеме најригорозните мерки на претпазливост. Тоа го прави Светската здравствена организација. Зарем не е доволно само да се слушне дека бројките на смртност во Италија и Шпанија се доближуваат до 1000 дневно за да се сфати сериозноста на ситуацијата? Не дека споредбата со смртноста од грипот не треба да се направи, но при тоа не смее да се заборави да се каже дека таа смртност се бележи во подолг временски период, а оваа е галопирачка во најкус можен период и дека оваа болест знае нагло да се влоши.
Што се случува во Италија и Шпанија со сигурност ќе знаеме откако епидемијата ќе заврши, но едно е јасно докторите и медицинскиот персонал прават сѐ што ЗНААТ и можат. Се справуваат со илјадници болни, од нив огромен број возрасни над 60 години. Ако знаеме дека во овој дел од светот, вклучувајќи ја и Македонија во најголем дел, населението е возрасно, а препораките се релативизираат и се има лежерен однос кон епидемијата, тогаш навистина што не е јасно?
Не прифаќам некој да ме обвини дека ширам дефетизам и паника! Не, јас само се обидувам да им предочам на нашите граѓани со што се соочуваат и тоа според соопштенијата од Светската здравствена организација!
Оваа пандемија покажа и колкав е капацитетот на државите или нивните здравствени системи да се справуваат со елементарни непогоди, да менаџираат масовни епидемии, да покажат заедништво и солидарност, да ја сфатат сериозноста на ситуацијата или да го покажат сето обратно од ова што го споменав. Оставам секој сам да размислува и расудува за мојата изјава, но при тоа е сосема неопходно да потенцирам дека постои и ден по кризата. Тогаш повторно ќе треба да размислиме за сите горенаведени елементи, да извлечеме заклучок и да се прилагодиме на ситуацијата за да преживееме, колективно, не индивидуално. Како што од даденава ситуација може да се види индивидуалното преживување станува сѐ понеизвесно, па затоа колективот треба да се погрижи бројот на болни да биде што е можно помал за и смртноста да биде помала.
Лежерноста и препотентниот став дека ние сме недостижни и тоа нам не може да ни се случи, без оглед на тоа каде живееме, колку сме богати, па и образувани сега станува јасно дека се неодржливи во целиот свет.
Станува јасно и дека само позитивната пропаганда по медиумите за борба против вирусот не е доволна.
Затоа, со цел да ја намалиме штетата еве неколку конкретни предлози до одговорните:
- Министерот за здравство да даде писмена наредба до секоја болница во земјата да обезбеди посебна просторија со посебен приод за тешко болни, сомнителни или доказано позитивни за КОВИД-19, кои треба да бидат примени на лекување итно, за да не умираат луѓе пред вратата на болниците или по пат за Скопје;
- Да се обучи итно барем по еден тим од секоја болница за третман на болни од КОВИД-19;
- Да се обебеди соодветна опрема за медицинскиот персонал за тие тимови и за вработените во Брза помош;
- Да се прати писмено упатство до сите транспортни претпријатија на луѓе како треба да постапат при превоз на оние кои ги носат во карантин, за да не остануваат ЛУЃЕ заклучени во автобус по 10 часа без вода и храна и можност за употреба на тоалет;
- Да се прати писмено упатство до шоферите на санитетските возила;
- Да се прати писмено упатство до медицинскиот персонал за ракување со починатите;
- Да се направи и обзнани упатство за ракување со починатите за семејствата, за сите според религиозната припадност;
- Да се дадат писмени упатства за одржување на личната хигиена на медицинскиот персонал;
- Да се спроведе еднаквост за сите во однос на почитување на карантинските мерки, за да не се случува едни да одат во државен карантин, а други некој да ги преземе;
- Да се прати писмено упатство до директорите на болниците во Македонија како треба да постапуваат во кризнава ситуација, за да не мора да се разрешуваат тие што не знаат или да се постават тие што ЗНААТ!
Дали ќе ги здружиме силите за одбрана и дали ќе сфатиме дека ваква катастрофа се решава само со единство и користење на сите расположиви ресурси зависи од нашите цивилизациски достигнувања, свесност, етичност, моралност, компетенција и капацитет.
Ако ова сѐ ни недостасува за мене има само еден едиствен заклучок. Потфрлил образониот систем, од што произлегува дека во образованието треба длабока и тешка реформа.
Како ќе живееме во иднина и кои принципи ќе владеат во нашето живеење и како најдобро ќе се адаптираме кон принципите кои други ги наметнуваат зависи само и исклучиво од нас.
Што направивме се гледа, а што треба да направиме, пропуштаме. За да го зачуваме духот на народот , а и народ, брзо, брзо, треба нешто да напрваиме. Се прашувам што ли мисли нашиот великан за нас? Можеби е подобро да незнам.
За крај уште една препорака до Министерот за образование и наука. Во овие тешки моменти на страв, соочување со смртта, затвореност дома, решавање на домашните проблеми, рзни психолошки состојби, отпуштање од работа на стотици, немаштија, непозната онлајн настава ОСЛОБОДЕТЕ ги учениците од дополнителни СТРЕСОВИ.
УКИНЕТЕ ЈА МАТУРАТА ОВАА ГОДИНА!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.