Маја Славева

„Може да се организираме пола да донесеш, за 2 500 денари и спреми ми убаво, важи?“ наш, млад и надежен во неговите редови, пратеник во Собрание, дел од оние кои и’ го сменија личниот опис на државата.

Што имаме во државава за 2500 денари, на пример?

Имаме 2.871 денар социјална парична помош која месечно ја користат вкупно 128 679 членови на домаќинства во Македонија за да преживеат.

Невработени, способни за работа, здрави и прави татковци и мајки кои не можат да обезбедат средства за егзистенција во напатеново ни државиче.

Човек со 12 500 денари месечна плата, додека ги плати месечните сметки, не му остануваат ни 2 500 денари за да се прехрани во месецот. Дополнителна е маката ако од таа плата живее цело семејство. Чекаат детски стомачиња да бидат нахранети, да биде купен прибор за на училиште, чекаат детски желби да бидат исполнети, чекаат и родителите еден подобар ден. Чекаат еден ветен живот. Чекаат и гладуваат, се греат на што најдат, се снаоѓаат како знаат, се лечат како знаат и умеат…Преживуваат, не живеат.

За 2500 денари луѓето јадат цел месец во државава, цепкајќи го секој денар до наредна плата, ако не ја задоцни работодавателот. Им се може на тие таквите работодаватели изгледа. Работникот нека трпи, тие како трпеле некогаш и слични такви комплекси од малечките им ситни душички.

Расфрлањето со пари кои ти ги даваат токму тие луѓе кои едвај врзуваат крај со крај, за да се бориш за нивни права и да им донесеш подобар живот како што си ветил, не е воопшто благородно. „Шема“ не се тера со народни пари.

Лицемерно е, предавнички е да му ја стегате испуканата рака на селанецот кога го молите за глас во кампања, а кога ќе сте на власт, парите кои таа рака ги дава за вашата плата да бидат „шмркнати“ за ваши лични задоволства. Лицемерно е да скокате по дебатни емисии со напамет научени аргументи кои не држат вода во нормалниот свет и да продавате лажна култура и воспитаност, а во јавност ве гледаат во пијани изданија полни со сочни пцовки.

Ова вашево не е револуција. Ова е еволуција на Содома и Гомора. Ова е срамниот пат ко кој се движи нашата ни веќе зомбистична држава. Заради тоа што од таа Македонија која ја знаевме, не остана ништо. Ниту име, ниту систем, ниту идентитет, ниту јазик, ниту младина. Тоа е таа ваша „метла“. Тоа е таа ваша „пола убаво спремена“. Ете така убаво се организиравте.

На крај, ќе ја „шмркнете“ и оваа, новокомпониранава РСМ.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.