Васко Шутаров

(„Надвор е пролет, живи сме”…)

Го преживеавме последниот парламентарен состав. Се распушти Собранието. И тоа е можеби единствената добра вест, после подолго време на македонската политичка сцена. Највисокиот претставнички дом како тежок камен нависна и вистински натежна над главите на граѓаните. Беше сѐ, само тоа што вистински требаше да биде, не! Храм на демократијата? Храм на највисоката власт? Храм за креирање и владеење на правото? Храм за практицирање добра политичка култура? Храм во кој владее силата на аргументот? Храм во кој се почитуваат процедурата, законитоста, уставноста? Храм во кој се заштитени правата и слободите на секој граѓанин? Од овој храм, последниов парламентарен состав остави само еден огромен и тешко заборавлив срам.

Велат, да се зборува за љубов, значи веќе да се биде во љубов. Парафразирајќи ја оваа и не само литерарна вистина, може логички да се продолжи низата? Да се зборува за политика, значи да се биде во политика. Да се зборува за култура , значи да се биде во култура.

Да се зборува за режим, значи да се биде во режим

Да се зборува цели три години за режим-значи веќе да се биде во апсолутен хибриден режим. Деклариран со признати светски извештаи. Да се зборува за култура цели три години, значи веќе да се биде во апсолутна култура на (само) заборавање. Самозаборавена и самобендисана култура.

За три години од работењето на овој собраниски состав, не помина ниту еден закон од културата. Не постоел досега таков собраниски мандат, до толкава мерка „скаран со културата”. Националната стратегија за култура на Р. Македонија 2018-2022, остана единствен жив документ излезен од ресорот култура. Во отсуство на законска материја која требаше да ја оживее и оделотвори, Стратегијата остана мртво слово на хартија. Ништо не стаса до Собранието! Ни долго најавуваниот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, ни Законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, ни Законот за употребата на македонскиот јазик. Сите три ги следеше исклучителна контроверза во процесите на нивна подготовка и обид за легитимирање пред културната и пошироката општествена јавност. Сите, редум животно важни закони, за сите кои навистина веруваа(т) дека токму културата е насловната страница на една држава, на едно општество, на еден живот.

Требаше далеку уште пред распуштањето на Собранието, да се самораспуштат креаторите на тригодишната културна политика на државата. Не им појде од рака ништо. Дури ни законите што во паника ги пуштаа по скратена постапка во собраниска процедура пред рокот за распуштање, во кои под превезот на ургентно менување на казнените одредби, требаше дискретно да се избришат од сите законски одредби пишаните траги за Р. Македонија во законската материја од културата. И за да биде врвен апсурдот, Република Македонија „преживеа” во севкупната законска материја во културата. Духот од Преспа, комплетно си ја преспа културата. Некој ќе рече, Мизрахи им е повторно виновна! Некој, толку Бог им дал на некадарните! Ама баш некадарни за ништо! Дали за законско уредување на културата, дали за ставање една тула, ама барем една, во објект од културата. Ви текнува дали имаше некое отворање на културен објект изминативе три години, а да го пропуштивме да го одбележиме? Поминаа ли годишните програмски конкурси онака, баш господски, културно? Велат, господин е само оној што до перфекционизам си ја работи и сака својата работа. Макар работел било што. Во културата, господството треба да се претпоставува! За жал, ништо господско во македонската култура не видовме цели три години, освен ако го апстрахираме господарањето на крајниот волунтаризам, непримерен дилетантизам и врвниот клиентелизам. А и читаме за „господството во културата”, деновиве посебно изразени преку примитивизмот и пцостите на еден несуден претставник на македонската културна дипломатија во странство!

Многу е жално, врз трагите од она што требаше да биде македонската култура, да се ликува над неуспесите на досега актуелнава културна номенклатура. Уште помалку да се гордее некој, што бил лош пророк во предвидувањата на „дострелите”, до кои вистински стасаа. До никаде! Како предвидувањето на пример, во една претходна колумна посветена на годишната Програма за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и личности, за изминатата 2019 година. Излегов лош пророк и вистински жалам за тоа. Ако неносењето на Програмата за 2019 беше преседан или исклучок, неносењето на Програмата за одбележувањето на државни јубилеи во 2020 година во Собранието, сакале да си признаеме или не, веќе стана правило. И не можам да разберам, уште помалку да ја прифатам, неподносливата леснотија на собраниско распуштање, без да се донесе оваа Програма. Таа е повеќе од симбол на државноста, традицијата, културата на сеќавањето, културата на иднината.

Што нема да славиме годинава, без амин на Собранието?

А требаше. Мораше! И нема прошка, барем за ова НЕ! За другото, живи сме, па ќе издржиме!

Да почнеме со ред. 200 години од смртта на големиот македонски просветител Јоаким Крчовски. 175 години од смртта на друг голем македонски просветител, Кирил Пејчиновиќ. 125 години од смртта на преродбеникот, револуционер, поет, Ѓорѓи Пулевски. 110 години од раѓањето на Мајка Тереза, светица и Нобеловка. 110 години од раѓањето на големиот писател, историчар, новинар и публицист Ѓорѓи Абаџиев. 110 години од раѓањето на истакнатиот македонски вајар и академик од првата генерација вајари Димо Тодоровски. 110 години од раѓањето на основоположникот на ликовната критика кај нас Димче Коцо. 110 години од раѓањата на Цветан Димов и Љупчо Арсов, револуционери, народни херои. 110 години од раѓањето на униврзитетскиот професор Љубен Лапе, основоположник на Филозофскиот факултет, Архивот, Друштвото на историчарите. 100 години од раѓањата на Стив Наумов, Елпида Караманди, Наум Наумовски-Борче, Тодор Циповски, Мара Нацева, Илија Јовановски-Цветан. 100 години од смртта на Марко Цепенков. 90 години од раѓањето на Томо Шијак, 90 години од раѓањето на Ѓорги Чупона, Димитар Солев, Вања Лазарова. 80 години од смртта на Димитрија Чуповски. 80 години од раѓањето на Ристо Шишков, на Глигор Чемерски. И уште десетици и десетици значајни јубилејни годишини од настани и славни личности. Дел од нив влезени во усвоената комисиска предлог-програма, дел предложени со амандмани, кои не стасаа до пленарна седница и усвојување како Годишна програма за 2020 година.

И по којзнае кој пат истото прашање. Зошто избираме втора година по ред, култура на заборавање? Наместо култура на сеќавање. Светска и европска неприкосновена вредност е културата на сеќавање. Не би сакал да помислам дека овој тренд на институционално и системско заборавање e во рамките на некое веќе искреирано и осмислено рекомпонирање и демонтирање на државниот и националниот континуум на Републиката. Иако, годините, образованието а и политичкото искуство не ми дозволуваат да се убедам дека само некадарноста, неукоста и немањето чувство за државност и професионална одговорност се причина што државата се откажува, втора година по ред од официјално претставување, промовирање и покровителство на своето највредно, од она што нѐ формирало како држава.

Многу бргу ќе дознаеме. Дали беше во прашање, веќе традиционално отсуство на концепт и капацитет за креирање култура, докажано низ три циклуси на практицирања власт во самостојна Македонија. Или концепт во најава, со веќе употребен инструментариум на култура на заборавање, со кој ќе сакаа да нѐ редефинираат како држава и како нација. Иако ни за градење ни за рушење не ги бива, за практикувања вазална култура, докажано и со сигурност ги бидува. За култура на омраза, култура на ароганција и култура на поделби, исто така совршено ги бидува. Но, пред тоа, народот ќе се праша дали такви како нив, заслужуваат некогаш повторно да добијат можност за владеење во културата.

Останува надежта, дека следниот парламентарен состав ќе ја има културата како еден од своите основни столбови. И културата на сеќавање, како свој spiritus movens во креирањето на нашата иднина. Достоинствена, човечна, здрава и нормална иднина. Заслужуваат македонските граѓани, да имаат конечно парламент во кој културата, а со тоа и политичката и парламентарна култура ќе бидат мерна единица за повеќе добро и повеќе убаво, за секој поединечно во државата. И заслужува, најнапред во заборав да оди, културата на заборавање која никогаш нема да може да разбере, зошто кога земаш грст пепел за да фрлиш врз минатото, будиш нешто што сѐ уште е оган или што може да биде оган.

А, надвор е пролет. Живи сме!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.