Васко Шутаров

Живееме во страв. И тоа не е ништо ново. Ако само за миг се потсетиме на бројни истражувања во Македонија работени последниве години, нема да откриеме истражување каде стравот не е доминантно изразено чувство меѓу граѓаните на државата. Страв од неизвесно утре, страв од сиромаштија, страв од болести. Со оглед на тоа, што сè поминавме од осамостојувањето на државата до денес, зарем некому може да му биде чудно, зошто е така? Денес, на скалата од доминантни стравови, подеднакво рамноправно и подеднакво силно се подредени истите стравови, но само по обратен редослед. Стравот за здравјето, па стравот од сиромаштија и невработеност, стравот од неизвесната утрешнина. Само што, стравот е пуштен на најјако и токму овие месеци нѝ ги кине душите, како никогаш порано.

Да се управува со стравот и да се владее во времиња на страв, не е ни нова идеја, ни нова појава. Ниту во светот, ниту во Европа. На Балканот и во Македонија, можат на прсти да се избројат откраднатите години на слобода од стравот.

Во култната книга на Бери Гласнер „Култура на стравот”, познатиот социлог зборува за тоа, како одредени политички групи го поттикнуваат чувството на страв кај луѓето, за да можат полесно да ги остварат своите цели. Стравот од утрешнината во македонското општество ви личи ли на спонтана појава? Методологијата за управување со стравот не е сигурно наш изум, но кај нас функционира беспрекорно. Плански и системски. И последниве неколку месеци, достигнува своевидна кулминација.

Ако на луѓето им се всади страв од опасна заразна болест поради која мора да отсуствувааат од работа, стравот ќе ги натера најпрво да се загрижат за своето здравје, па дури потоа за работата која дотогаш ја работеле? Ако луѓето стравуваат од губењето на работа, можат и да замижат пред намалувањето на нивните плати. Ако стравуваат од намалување на платите, лесно ќе замижат ако дел од нивните колеги бидат отпуштени од работа. Ако им се всади страв дека можат да ги изгубат пензиите, иако со тешко срце, пензионерите веројатно би замижеле пред нивното намалување. Ако во услови на доминантен страв по вашето и здравјето на најблиските, здравствен авторитет започне да ви препорачува протоколи како да ги организирате вашите свадби и венчавки, колку и да звучи надвор и од умот и од верата, спремни ли сте еден ден лесно да замижете пред слаткоречиво препорачани протоколи за димензиите на физичка дистанца во вашата спална соба. Така милозвучно звецкаат синџирите на стравот. А господарите со стравот, многу добро ги познаваат овие златни синџири со кои можат да ги врзат и држат граѓаните во состојба на постојан страв.

Власта која ги користи сите можни алатки од методологијата за манипулирање со стравот на народот, во суштина му ја узурпира можноста за здраво расудување, но пред сè го лишува човекот од елементарното достоинство. Мнозинство од луѓето веќе чувствуваат, дека војната против пандемскиот вирус и на глобално ниво и на домашно тло, се претвори во очигледна војна против здравиот разум. И во совршен инструментариум за тренирање растегливост на човековите права и слободи. Од власта која го контролира општеството преку страв, а која не се ни обидува барем од политичка култура барем еднаш, да се извини за драконското редуцирање на правата и слободите, како можете да очекувате дека редовно ќе ви полага сметки за својата работа, како политички одговорна влада. Напротив, преплашеното општество мора да биде задоволно и од привидот за постигнати резулати и од привидите за стабилност. Тоа е мантрата на големите мајстори за тренирање страв меѓу луѓето. А привидот од демократија е секогаш идеален превез за матни работи и зделки, за кои во нормални демократски времиња никому не би му паднале на памет да ги прави. Тоа се стандарди, од секое владеење базирано на методологијата на продуцирање страв.

Има ли културата на стравот во која живееме, некаква своја алтернатива? Според францускиот геополитиколог Доминик Моизи, секако дека има. Тој изведува интересна теза, како всушност емоциите и чувствата ја обликуваат политиката. Според него, во светот доминираат три емоции или чувства: надежта, понижувањето и стравот. И сите три се поврзани, со самодовербата. Надежта е израз на самодовербата, стравот израз на недостаток од самодоверба, а понижувањето е израз на повредена самодоверба. Мапирајќи ги доминантните емоционални обрасци во светот, Доминик Моизи смета дека во Азија е доминанта културата на надежта. Тоа најмногу се чувствува во Кина и Индија, во т.н. „локомотива на самодоверба”, во која и покрај сериозните предизвици, најголем дел од населението, смета дека денес е веќе подобро од вчера, а сигурно полошо од утре.

Западот пак, според Моизи, е обединет во културата на стравот. За нас се најинтересни и најрелевантни, европските стравови. Голем дел од тие стравови, се дел и од нашето заедничко европско минато. Тие стравови според Моизи, имаат корен во разорното насилно минато, повеќе конфликтно и воено отколку мирно, од империјализмот, преку двете светски војни, фашизмот, сталинизмот, холокаустот и комунистичките логори. Покрај тоа, европските стравови ги подгрева и отвореното и нерешено прашање на европскиот идентитет. „На прашањето, кои сме ние, од географски, политички и културен аспект, Европа сè уште нема јасен одговор, што продуцира сериозна егзистенцијална вознемиреност”, ќе каже Моизи.

Културата на понижување, авторот ја лоцира во државите од Блискиот исток. „Понижувањето е немоќ, емоција која пред сè е последица на чувството дека веќе немате контрола над својот живот, било колективно како народ било одделно, како поединец.“ Нациите и државите кои воспоставиле култура на понижување, стануваат деструктивни кон себе, а во контекст на своето окружување реагираат со страв и отсуство на било каква надеж или доверба.

Можеме ли во овие контексти, да се препознаеме себеси? Во процесиве на сериозно забраздување од длабока култура на страв во култура на понижување, во најава? Зошто? Најнапред, затоа што наместо политика и култура на уважување, си дозволивме да доживееме и на домашен и на надворешен план, покрај стравот и култура на понижување. Преименувани, престрашени за својот опстанок, за своето здравје и егзистенција, со така кревки права и слободи, контаминиран здрав разум, со дополнителни идентитетски теми и дилеми, живееме во страв и јасно изразено чувство и на страв и на понижување. А, цврсто решени сме, да чекориме на патот кон Европа. Кон истата таа Европа, престрашена од сопствената немоќ, да се справи со најсериозните актуелни предизвици, па и со големиот предизвик, конечно себе идентитетски да се одреди и дефинира.

Легитимен е тој наш пат. И во моментов, единствен. А наместо да живееме во константен страв дека тој пат е долг и неизвесен, најмалку што можеме да направиме е за почеток да го поедноставиме. Бидејќи, тој пат и најмногу од нас зависи.

Смелоста, наспроти стравот и понижувањето, е многу едноставен и еднократен чин. Започнува со зрело соочување со сопствените стравови и слабости. Смелоста е сознание, дека нашата домашна неслога, е често најголем мотив за слога, кај некој друг. А нашиот домашен страв, мотив кој постојано охрабрува некој друг. И продолжува, наместо со бескрајното талкање по совет и ум, до соседските и белосветски дворски игри и политики, со седнување во сопствениот двор, со кротко и мудро договарање за она што е бесценето и што не смее во иднина да биде предмет на тргување и договарање, на ниеден домашен или меѓународен пазар. До тука беше и до толку беше! На прсти се бројат бесценостите, кои нѝ останаа како одлика на модерна европска држава. Бидејќи, нашите животи го почнуваат својот крај оној ден, кога ќе замолчиме за значајните нешта.

Ниедна личност нема право, да ги уништува вашите соништа! Кој не ги разбира овие цитати од Мартин Лутер Кинг, нема да го разбере ни насловот, ни водечкиот мотив за пишување на оваа колумна. Уште помалку ќе ги ослушне и разбере соништата на сите оние кои некогаш живееле и се бореле за оваа земја. И имале свој сон. За Македонија, да се избори за живот во култура на надеж. Македонија да стане модерна европска држава. Граѓаните на Македонија да излезат конечно, од културата на живеење во страв и културата на понижување, кон култура на надеж. И никој нема право да застане и да нѝ го попречи тој наш легитимно избран пат. Но, кој од актуелните политичари ќе ги разбере и видливо исцртаните црвени нишки кои нѝ ги врзале нашите претци, како долг но и како водилка по патот кон европското ѕвездено небо, да не се изгубиме и заборавиме кои сме, тој ќе може да се надева и може да смета на довербата на граѓаните во иднина. Актуелната генерација владејачки политичари не ѝ беа достојни на Македонија и не беа на нивото на таа задача. Не беа достојни за таа најважна генерациска мисија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.