Петар Поп-Арсов
Демократијата е комплициран систем. Не е за секого. Барем не за секој кој што по склоп на околности го допрел врвот на демократската пирамида. Неопходна е политичка култура, почитување на политичкиот противник, толеранција кон искажаното мислење и критиката. Демократијата претставува баланс меѓу моќта и одговорноста. Секое нејзино несоодветно практицирање превагнува во полза на моќта, на штета на одговорноста, а отчетноста, толеранцијата и останатите демократски вредности стануваат само посакувана имагинарна цел. Демократијата подразира заштита на слободата на говор и изразување.
Што имаме ние од сето тоа? Што имаме од слободата на говор и изразување?
Имаме тужби кон новинар. Тужби исклучиво упатени кон опозиционо настроени новинари. Имаме нивно повикување на распит и информативни разговори. Тужби и распит за објавени текстови или споделени информации кои, замислете, потекнуваат од самите државни институции. Информации во кои нема fake news, нема шпекулација, нема измама, нема лага. Само информација од јавен интерес.
И веднаш следува распит. Од каде е информацијата, зошто е објавена, кој е укажувачот?
Тоа е нашата „демократија“!
Демократијата не е систем создаден преку ноќ, туку систем граден со децении наназад. Систем граден врз урнатините останати од фашизмот, а подоцна и врз урнатините на квазикомунизмот. Поставеноста на демократската пирамида не подразбира дека на нејзиниот врв треба да стои фараон, туку човек со префинето чувство за почитување на макотрпно создаваните демократските вредности и придобивки.
Дали на врвот на македонската пирамида на демократијата стои човек демократ или „фараон“? Е сега, не баш оригинален фараон, не онаков вистински, туку замислен, маскиран во маска од струмичкиот карневал. „Демократски фараон“. Дали беше фараон или самурај, сидро ли беше или кормило, сеедно?! И така не се прави разлика во нивното поимање од страна на нашиот „демоктратски фараон“, исто како што не се прави разлика во поимањето на демократијата и репресијата.
Најнова пикантерија на македонскиот „фараон“ е поднесување на тужби против директните политички противници. Против опонентите од спротивниот табор. Тужби за искажан политички став и тврдења за несоодветно практикување на власта. „Несоодветно практикување на власта“ е многу блага формулација за она што секојдневно го гледаме и слушаме, но политичката култура ги обврзува сите страни, па и нас кои што критикуваме, да внимаваме со формулациите во дефинирањето на она што обичниот човек го поима како „криминал“, „диктатура“, „репресија“, „заплашување“, „влевање страв во коски“.
Незамисливо е во едно демократско општество премиер да тужи претставник на директен политички опонент. Замислете само како ќе се доживее информацијата ако Меркел, Макрон или најсвежиот од нив, Борис Џонсон, поднесат тужба против високи претставници на најголемите опозициони партии во овие земји. Демократија на максимум, врв.
Слободата на изразување претставува есенцијална придобивка во демократските општества и основен предуслов за нивниот напредок. Незамисливо е за високоразвиените демократии премиерот да си го тужи опонентот.
Како илустрација може да посочиме дека Европскиот суд за човекови права има либерален пристап во поимањето на слободата на изразување. Дури може да се каже дека Судот во Стразбур има „радикално либерален“ пристап во оваа област од причина што постои пресуда во која се смета дека слободата на изразување се применува не само за „информации“ или „идеи“ кои се поволно прифатени или се сметаат за ненавредливи или индиферентни, туку и за оние што ја навредуваат, шокираат или вознемируваат државата и јавноста, но сепак се во функција на јавниот интерес. Овој став на Судот е вграден во многу други подоцнежни пресуди и одлуки.
Тужбата на „фараонот“ се однесува на класичен политички говор, на изразување на политички став искажан од политички опонент. Ваквиот начин на изразување ужива заштита на членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Ужива дури и поголема заштита од вообичаеното од причини што се работи за една од основните компоненти на секое демократско општество. Затоа развиените демократии, во кои се почитува слободата на изразување, се на врвот на светската пирамида на демократијата. На тој врв стојат политичари со изразено демократско чувство, беспрекорна политичка култура и максимален респект спрема политичкиот противник.
Нашиов „демократски фараон“ демократијата ја сваќа само кога треба да го раздава и да го распродава македонското ткиво. Да го разнебитува она за што со генерации се водела борба и е платена огромна цена во човечки животи и судбини. Демократијата ја сфаќа само кога треба да го брани исклучиво својот личен интерес. Затоа поднесува тужби. Во неговата перцепција за демократијата нема место за одбрана на интересот на граѓаните и народот, особено одбрана на интересот на македонскиот народ.
Политичарите кои што се на врвот на демократската пирамида мора да се подготвени на критики и напади. Тие критики не се насочени против нивната личност туку против функцијата која што ја обавуваат и начинот на кој што ја обавуваат. Таква е поставеноста на демократскиот систем и по тие принципи функционира секое демократско општество.
Нема потреба од тужби заради секоја политичка критика или посочување на, благо реченото од погоре, „несоодветно практикување на власта“. Доволно е, а зошто не би било и демократска должност на секој висок функционер, да покрене иницијатива пред македонските правосудни органи за преиспитување на сопствената инволвираност во случаи и афери посочени од страна на политичкиот противник. Испитувањето на сите наводи содржани во нападите, како и детерминирањето на нивната основаност е во интерес на вистината, а вистината е единствениот аргумент кој што има вредност кај врховниот судија кој што му суди на секој политичар и секоја политика, народот.
Тоа би било демократија, демократија поткрепена со владеење на правото и потребната политичка култура.
И за крај, клучното прашање кое што треба да не загрижува како општество е каде се сега борците за човекови права? Каде се сите оние кои што постојано говореа за заштита на јавниот интерес? Каде се невладините организации, разно разните хелсиншки комитети и останати експертите кои до пред само три години пишуваа и публикуваа анализи за судската пракса на ЕСЧП поврзана со заштитата на правото на слобода на изразување? Каде се сега претставниците на здруженијата на новинари да го дигнат својот глас заради заштита на своите колеги и вистината?
Ги снема!
А, кога ги нема борците за заштита на слободата на говор и изразување, ја нема ни демократија, зарем не?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.