Петар Поп-Арсов
Министерот за внатрешни работи изгледаше збунето! Делуваше изненадено и изгубено, како грогиран боксер кој едвај стои на нозе и се прашува од која страна дојде ударот?! Ударот од кој ги „виде сите ѕвезди“. Посакувајќи што поскоро гонгот да го означи крајот на оваа тешка рунда, оставаше впечаток дека не е сигурен дали на паузата треба да замине во сопствениот агол. Аголот каде што можеби го чека завршниот удар со кој ќе биде дефинитивно нокаутиран. „Кој го изгасна светлото?“, ќе беше, или можеби ќе биде неговото последно прашање што ќе си го постави пред да го „бакне подот“. Предаден и нокаутиран од своите! Најлошата варијанта! Тоа е логичниот след на настаните за секој кој „не сака да се меша во сопствената работа“.
Со пресудата од петокот, веќе гледаме дека и за тоа се лежи затвор!
Недопустливо е министерот за внатрешни работи да дозволи да биде доведен во позиција да не знае што се случува токму во неговиот ресор и како мало дете да ја префрла вината и одговорноста на друга адреса. Во конкретниов случај на адреса на Обвинителството. Ако навистина сметаше дека друг е одговорен, тој мораше веднаш да постапи и да ги процесоира сите инволвирани, на чело со тие на кои покажа со прст пред целата македонска јавност. Во спротивно, треба самиот да ја понуди сопствената оставка.
Така треба да постапи еден министер за внатрешни работи, независно дали истиот се вика Оливер, Гордана или поинаку.
Обвинителката изгледаше јадно! Целиот нејзин фокус беше ставен на тоа како да ја префрли вината на некој друг. Сите се виновни освен таа! Мизерија! Изговори и правдање за сопствената улога во претставата која што повторно и нанесе срам на државата Македонија и на нејзиниот систем. Претстава која независно од „сеирот и забавата“ која што ја пружи, до болка ги понижи македонските граѓани. Нејзиното појавување пред камерите внесе огромна грижа и страв за функционирањето и опстојувањето на правниот систем и правниот поредок. „Зарем целиот судски процес спроведуван до сега, претставуваше само една обична фарса која имаше за цел да ја одреди „највисоката пазарна цена на слободата“ на бегалецот со домашна и меѓународна потерница, Сашо Мијалков?“, беше првото прашање кое што се роди во главите на многумина кои директно ја гледаа Обвинителката со црвена маска?
„Кој ја наплати „највисоката пазарна цена“ за „бегството во непознат правец“?“, беше второто прашање кое се наметна самото по себе. Дали одговорите на ова прашање повторно ќе се движат на релација Обвинителство – Влада, односно Обвинител – Премиер, исто онака како што се движеа во случајот со Луј Витон торбата чие што движење сè уште претставува енигма. Тогаш настрада „Специјалната“ од СЈО. Кој ќе настрада сега, ќе видиме?!
Случајот мора да се расчисти и да има разрешница за доброто на македонската држава и за доброто на македонските граѓани!
Министерот за правда. Освен што статираше на онаа долга премиерска пресконференција пред владата, друга активност не можевме да забележиме. Улогата на сценски реквизит што му беше доделена во целава претстава, говори за сериозноста со која се смета на неговиот придонес во клучни моменти. Секој дополнителен коментар за улогата и придонесот на министерот за правда, поконкретно за ликот кој што ја извршува таа функција, е излишен. Излишен е од причина што сите негови надлежности беа узурпирани од Премиерот.
Стигнавме до Премиерот. Човекот се претстави во вистинско светло. На дело го видовме неговиот карактер и неговиот начин на поимање на политичкиот и правен поредок во државата. Фасциниран од самиот себе што „успешно“ координирал акција со која го „решил случајот“, ја информираше македонската јавност дека конечно ја донел правдата во Македонија. Презадоволен од сопствениот начин на делување, преземајќи ги сите конци во свои раце, беше пресреќен што си потврди самиот на себе дека неговите методи се далеку поефективни од правните процедури и целокупниот систем на државата. Беше среќен што конечно им докажа на сите околу него кој е Зоран Заев.
Ги суспендираше, им ги узурпираше надлежностите и ги понижи министрите за правда и внатрешни. Тие немо фигурираа на неговата пресконференција на која што тој зборуваше во прво лице еднина. Соопшти дека го решил случајот сам. На свој начин. Со закани и уцени. Се стекна впечаток дека се одвивала заложничка драма во која бегалецот бил принуден да се предаде за да не биде „убиван по еден заложник на секои половина час“. Филм! Со цел памет се пофали дека неговите мафијашки методи на делување ги надминуваат и елиминираат сите слабости на системот за кои токму тој е избран да ги санира и отстрани. Ни соопшти дека ова е начинот на решавање на проблемите. Неговиот начин!
Останува уште да му поверуваме! Да му поверуваме дека тој не е клучниот играч кој манипулирал со процесот и ги создал сите услови за бегството. Да му поверуваме дека не постоел договор со бегалецот и обид за негово целосно исполнување. Да му поверуваме дека самиот го решил случајот без да биде „замолен“ да го врати назад оној што самиот го пушти да побегне.
Да му поверуваме, но како?! Овој пат чашата е прелиена! Ова е почетокот на неговиот политички крај. Почеток на крајот по кој за очекување е уште појасно да ги видиме неговите методи на решавање на проблемите. На дело и во пракса. Крај по кој ќе видиме дополнителна узурпација на власт и надлежности. Крај во кој ќе не потсети на моментите кога истовремено сакаше да биде премиер и министер за финансии, или кога самиот се постави и беше на чело на Телото за реформи во судството. Да, заборавивме дека не така одамна тој беше и „првиот реформатор“ на македонското судство, согласно неговиот план 3-6-9.
Деновиве ја доживеавме кулминацијата на неговите реформи. Бегствата, договарањето на пресуди, „заложничките драми“ и узурпацијата на надлежности, се врвните дострели на реформите во македонскиот судски систем. Тоа тука нема да застане. Во зависност од тоа колку време ќе трае детронизацијата на Заев, толку време ќе ги трпиме последиците од неговото „осознавање и просветлување“ дека неговите мафијашки методи се најефикасниот начин на водење на државата. Тие допрва следуваат!
Шекеринска?! Неа не можам да ја апстрахирам од функцијата и да говорам со општ пристап. Едноставно е срасната со секоја политичка функција што досега ја извршуваше. Нејзиниот личен идентитет е всушност идентитетот на нејзината моментална функција. Друг идентитет нема. Таа самата по себе е функција.
Шекеринска воопшто не учествуваше во минатонеделните епизоди, кои всушност требаше да претставуваат кулминација на приказната наречена „Вистината за Македонија“. Таков политички профил, како што е Шекеринска, свесно да остане надвор од настаните, треба да има сериозна причина и прецизно пресметан ризик за политичкиот бенефит или политичката штета. Во критичните моменти се појави на Криволак, во придружба на амбасадорката на САД. Сликана во хеликоптер, во манир на мршојадец кој надлетува над својот „оброк“, испрати порака дека ја чека разврската на судирот Заев-Спасовски, со цел да ја продолжи сопствената политичка долговечност, гоштевајќи се со остатоците на едениот од нив. Или можеби на двајцата?! Уште подобро за неа!
Останатите министерски „ѕвезди“ како да пропаднаа во земја. Ниту збор за европската политичка штета што ќе ја претрпиме од оваа лакрдија.
Судството! Каква беше улогата на судството во приказнава?
Делуваше „независно“! Како ништо да не зависи од него! „Преправај се дека спиеш…или дека си мртов“, беше тактиката применета од македонското „независно“ судство во критичните моменти. Беше доведено во положба да се правда и брани од директните и индиректни напади од обвинителката и останатите за тоа дали се постапувало ажурно или не. Третата власт оставаше впечаток како да чека исход од некаков договор за тоа каква и колкава казна треба да пресуди во конкретниот предмет. Договор, направен таму некаде, далеку од институциите на македонскиот правосуден систем. Зарем подигањето на решението за домашен притвор од обвинителството, а не од судот како што е ред, не претставува доволна илустрација за целосната „независност“ на македонското судство.
Целава циркузијада нанесе уште еден огромен срам на државата. Срам кој што ќе има свои последици и консеквенции во нејзините меѓународни активности, пред се активностите поврзани со процесот на евроинтеграции. Постоењето на сомнителни постапки во обвинителството, како и постоењето на рецидиви од начинот на делување на „Специјалната“, која патем кажано беше вистински „десерт“ за актуелнава со црвена маска, сè уште се присутни како впечаток за начинот на функционирање на македонското обвинителство. Министерството за внатрешни работи покажа дека е некадарно и истото може целосно да биде изолирано и дисквалификувано од останатите институции. Премиерот ја симна демократската декоративна шминка и го покажа своето вистинско прво лице еднина, „трговец со правдата“ и „диктатор со мафијашки манири“! Министерот за правда беше само холограм, а судот ја потврди својата „независност“!
Воопшто нема да зачуди доклоку сите овие елементи претставуваат причина поради која ќе бидеме оценети како проблематични и недоволно подготвени за почеток на преговори со ЕУ. Тоа ќе бидат дополнителни аргументи во рацете на противниците на македонските евроинтеграции, а бугарската политика кон Македонија ќе добие сопствен параван во самата македонска држава. Тоа е придонесот на оваа приказна и инволвираните актери во неа.
За опозицијата имам само една порака. Кратка!
Да го канализира незадоволството на народот и да ги обедини и правилно подреди сопствените редови. Нејзиното раситнување и дезорганизирање е единствената сламка за спас на веќе распаднатата владејачка гарнитура. Секој што учествува во раситнувањето и чувањето во хибернирана положба на опозициските капацитети, работи директно во полза на реанимација на „клиничкиот мртовец“, владата на Заев. Испуштањето на ваквата шанса ќе претставува сериозен пех и оставање на државата во рацете на трговците со правдата, а народот на нивната милост и немилост.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.