Петар Поп-Арсов

Лесно е да се води надворешна политика и да се фалиш со „дипломатски постигнувања“ во време кога имаш силен ветер во грб. Лесно е кога имаш силна поддршка од стратешките партнери на Македонија и буквално на раце те внесуваат во организацијата кон која државата се стреми веќе три децении. Лесно е да си шеф на дипломатијата и сурфаш на дипломатскиот бран создаден со конструктивна интерференција и комплементарност на домашниот и интересот на нашите европски и евроатлантски партнери. Се е лесно, особено кога си подготвен на отстапки од секаков тип. Но, сосема е поинаку и претставува вистински предизвик кога треба да се бориш за заштита на интересот на својот народ и да го вградиш во меѓународниот политички контекст кога ветерот дува спротивно во твоите едра.

Го видовме и тоа. Владата во заминување го почувствува разорното дејство на францускиот Мистрал, кој само за момент дувна спротивно од насоката на владиниот брод, со се претседателското сидро заедно. Онаков силен и студен ја однесе уште со првиот виор. Барем видовме какви луѓе се членовите на владата, од каков материјал се направени, особено оние задолжените за македонската надворешна политика и дипломатија. Ако ништо друго, тоа е бенефитот на македонскиот граѓанин од францускиот студен Мистрал.

Каква е нашава надворешна политика, каква е нашава македонска дипломатија?

Гледано од страна, некако изгледа свртена наопаку, свртена навнатре, кон самата себе. Од МНР излегуваат вести само за дворски игри и препукувања, интриги и скандали, разногласие и пропусти, бркање од работа и судски разврски. Едни се унапредени, другите обесправени. Синдикати, незадоволство, негодување и што уште не. Слушаме за се и сешто, освен за надворешната политика и дипломатијата. Нема ништо да се слушне во врска со областа за која се платени и убаво вгнездени самонаречените и самопрогласените „професионалци во македонската дипломатија“.

Да, професионалци! Омилена фраза на групата присобрани и приучени дипломати од транзициските деведесети, примени во министерството преку нивната партија и личните врски. Некој дури и претпочита да води и раководи со надворешната политика и дипломатија затскриен зад самонаречените професионалци од МНР.

А каде е надворешната политика на нивната агенда? Каде се самонаречените професионалци да се истакнат со она за што се платени? Каде се да кажат некој збор за надворешно-политички теми? Ги нема, исчезнаа! Рака на срце, ретко кога претходно и сме ги виделе, освен кога зборуваат самите за себе и сопствените позиции и привилегии, криејќи се зад мистифицираната професионалност!

Кога нивните се на власт, тогаш се професионалци. Напикани по канцелариите и кабинетите, пишуваат закони. Закони кои имаат еднствена цел, како да ги зголемат личните привилегии, да ги зајакнат сопствените позиции и да го бетонираат влијанието на нивната партија во целокупната надворешна политика. Повеќе би рекле зајакнување на влијанието од кадровска и лукративна природа, отколку од некоја суштинско-политичка. За волја на вистината, имаат и политички „блесоци“, ретки и веројатно случајни, но исфрлаат и по некој „бисер“, да ја разбијат монотонијата на нивната интровертност. Такви се, личниот интерес пред се! Кога нивните се на власт, тогаш не им пречат дури ни политички назначените амбасадори и дипломати од нивниот табор и нивната партија. Само тие и нивните се компетентни и професионални. Тие, и никој друг! Сите останати се партиски кадри! Така резонираат, им се може!

Секако дека во МНР има чесни, стручни и посветени кадри и не е мал нивниот број. Тоа се луѓе што си ја сакаат земјата и во целост ја вложуваат сопствената вистинска професионалност за одбрана на интересот на Македонија. Но, тие се тивки, повлечени, потиснати од гласната болумента која единствено нешто кое што професионално го одработува е нивниот партиски активизам.

Кога нивните се во опозиција, е тогаш протестираат, пишуваат транспаренти, излегуваат на протести како шарени револуционери. И тогаш се професионалци, ама обесправени од „партиските кадри“ од спротивниот табор. Придонес за државата нула! Единствено се посветени, лојални и професионални кон нивната партија и нивниот личен интерес.

И види сега! Токму „професионалците“ ни подготвија закон за надворешни работи, кој настојуваат некако да го протуркаат во ова турбулентно предизборие. Закон напишан само за потребите на актуелниот министер и малата група грлати „професионалци“ со долгогодишно искуство, уште од времето на транзицијата. Закон според кој само тие можат да бидат директори, шефови, амбасадори, државни секретари. Само тие, и никој друг!

Напишале закон во кој за раководни позиции бараат и по 18 години години работно искуство, искуство стекнато само и само во МНР. Онолку искуство колку што имаат само транзиционите професионалци. Нема никакви шанси да станеш раководител во МНР ако претходно си работел, на пример, во македонската влада или некое од другите министерства и институции. Немаш шанси ни доколку си работел во меѓународни организации како што се Советот на Европа, Обединетите нации или ОБСЕ. Само професионалците од МНР се оние предодредените. “The chosen ones”!

Во МНР, човек пред четириесет и две-три годишна возраст неможе да извршува некоја од повисоките раководни позиции. Претседателот на Македонија можеме да избереме со наполнети 40 години, во МНР помлад човек не поминува.

Си напишале закон во кој за новопримените дипломати бараат доказ и потврда за познавање на странски јазик, додека за раководните позиции, за кои е потребно транзиционо искуство, сертификат за јазик не се бара. Тие си „знаат јазик“, треба да им „веруваме“! Како можат професионалци од таков калибар и нивната професионалност да бидат доведувани под прашање?!

Но, тоа не е се! Во законот имаат и бисери од идеолошко-политичка природа. Замислете, во законот се залагаат за јакнење на интернационализмот и глобализмот (Член 9 од Предлог законот). Која небулоза! Идеолошка небулоза! Професионалците напишале закон во кој даваат идеолошки одредници во дејствувањето на државата и тоа во ера кога на светската политичка сцена превласта и доминацијата, полека, но сигурно, ја остваруваат суверенистите. Професионалците ќе се залагале за интернационализмот и глобализмот и истиот со цел памет го вградуваат во законско решение на една демократска држава. Како небаре да живееме во еднопартиски систем, или пак сме дел Комунистичка интернационала па вградуваат идеолошки премиси во закон на една демократска и плурална држава.

Немам ништо против интернационализмот, ниту пак против глобализмот, иако лично сум определен за суверенизмот. Сите овие идеологии, иако спротивни, меѓусебно се урамнотежуваат и прават услови светот да на забега во една или друга крајност. Но, не личи и несмее законот за надворешни работи да се оптоварува со идеолошки елементи.

Се прашувам, како само му се провлекло ова на „професионалниот професионалец“, дипломатот и амбасадор, миленикот на сите „режими“ кои владееја во Република Македонија, кој како прв човек во МНР стои зад овој законски текст? Можеби не обрнал внимание, или пак на тоа не гледа како на идеолошка компонента вградена во законот. Можеби му личи на нешто сосема нормално, секојдневно. Интернационализам и глобализам, звучи модерно, онака странски.

Загрижувачки се ваквите пропусти, особено во пресрет на американските претседателски избори на кои ќе се случува финалната пресметка за тоа кој ќе ја контролира најголемата економска и воена сила во светот, суверенистите или глобалистите. Суверенистот Трамп во Америка, Путин ја зајакнува својата позиција во Русија, а нашиве професионалци туркаат интернационализам и глобализам. Чиј интерес штитат, тие си знаат, но сигурно не интересот на македонскиот народ, македонските граѓани и македонската држава. Веројатно министерот бил фокусиран само на задоволувањето на полтроните околу себе со вградување на норми кои ќе им овозможат привилегии исклучиво на таквите професионалци.

Што понатаму? Ќе го туркате ли законот во собраниска процедура или ќе сфатите дека се работи за авантура и текст подметнат од „професионалците“, во форма на список на нивните желби. Македонската политика не смее да дозволи вакви импровизации од група луѓе, заштитени од куполите на МНР како под стаклено ѕвоно и самоизолирани од македонската реалност, да наметнат законско решение кое ќе нанесе долгорочни штети на македонската дипломатија и македонската држава. Македонија не смее да дозволи класична партизација и приватизација на македонската дипломатија под превезот на професионализмот!

Министерството за надворешни работи не е нечие семејно наследство, или како што би рекле кумановци „не е на татка ти имање“, за некои „почетници од транзиционите деведесети“, примени преку лични и партиски врски, да глумат професионалци и да ја руинираат македонската дипломатија. Македонската дипломатија е наша, на сите граѓани, на сите нас, на сите кои што се борат и залагаат за Македонија, на сите кои што во секое време знаат која држава и кој народ го претставуваат.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.