Васко Шутаров
Велеа, кога Америка ќе кивне, цел свет го фаќа грип. Беа тоа времиња кога САД беа убедливо најголема сила на светскиот врв, од економски, воен, гео-политички, културолошки аспект. Сега Кина се закашла. И цел свет се спрема да оди во карантин. Кина ја има најдинамичната и најбрзорастечката економија во светот. И во многу економски параметри, станува најмоќна држава во светот. Ако во 20. век, најголемите сили покажуваа мускули со своето атомско и супер-модерно вооружување, денес предоминацијата на светската гео-политичка мапа се демонстрира со најсофистицирана технологија, технологија на новиот век. Век на невидливи оружја. Век на вируси-атомски бомби. Мали, невидливи биолошки бомби со продолжено дејство. Звучи како pulp fiction од арсеналот теории за светски заговори, но факт е дека е создаден и излезен од контрола нов вирус, т.н. коронавирус, после чие кружење околу светот, ништо повеќе нема да биде исто. Кинеската економија е во своевидна хибернација, ретките прохибирани снимки од кинеските градови што допреа до нас, зборуваат за своевидна научно-фантастична виртуелна војна, со невидлив непријател. И секоја држава на свој сопствен начин е посветена на водењето војна со невидливиот непријател. Во позадината на овој научно-фантастичен воен филм, тивко ќе се случува прераспределба на моќта во светски размери. Парите, кои вистински го вртат светот, ќе ги сменат сопствениците. А ние, дури разбереме како се преструктурирала светската моќ, носени со атавистички пориви од духот на некои минати времиња, прво ќе гледаме да се ослободиме од вишокот брашно, шекер, масло за јадење, кои дури трепнеш ги складиравме по дома. Итарпејовски смешкајќи се, дека не само што преживеавме уште еден вирус, туку што е најважно-не останавме гладни. И сè така, до некоја следна светска прераспределба на моќ и пари, до некоја следна новомилениумска атомска бомба-некој разорен вирус во информатичкиот систем, што може (замислете!) да нè остави некое време без најважната споредна работа на светот, преносот од некој суперважен суперкуп во фудбал или без нашиот „Фејсбук” или „Инстаграм”. Катастрофа!
За жал, ниедно зло никогаш не доаѓа само. Вистинска реална катастрофа, видлива и јасна како бел ден, се случува со новиот бран бегалци. Велат, надојдува нов милионски бран од бегалци. И прашање не на месеци и недели, туку на денови, кога ќе стаса тој бран и на нашата граница. „Европа без граници”, на дело демонстрира порабување на своите граници со двојно поцврста бодликава жица. Бриселската бирократија има поважни приоритети, прераспределбата на моќ после „брегзитот” и прекројувањето на новите буџетски пари на среднорочен план. А и бриселската сензибилност за контекстите надвор од европските граници, подолго време загрижувачки потсетува на московската индолентност кон потребите на помалите држави и заедници, за време на големото варшавско семејство, од времето на комунизмот. Што значи, во најдобар случај ЕУ ќе реагира задоцнето, а со тоа и прилично несмасно и несоодветно. Несложно и несинхронизирано. И повторно товарот ќе падне на санитарниот кордон од држави по границите на ЕУ, на државите од нејзината чекална. Државите од лимбус-зоната, ни таму-ни онаму, вакви какви што се, ќе бидат во најблага мерка повторно, колатерална штета. А треба да се споделува одговорност, бидејќи поентата на овој бегалски бран ја носи пораката од Турција кон Европа-споделете одговорност за ситуацијата во Сирија! Како ќе се носиме со овој нов миграциски предизвик, колку и да звучи контрадикторно и чудно, во најголем дел ќе зависи од нас самите. Најлош сојузник и советник би ни била паниката, која веќе тивко се шири по социјалните мрежи. На бранот на стравот од коронавирусот, се будат повторно атавистички стравови од болести и глад, иако искуството од последниот бегалски бран ни ја покажа целосната ирационалност на таквите стравови. За народ кој и во својата сè уште жива колективна меморија сведочи за еден од најстрашните егзодуси од минатиот век, најмалку што му приличи е да се однесува панично, параноично и ксенофобично кон слични такви егзодуси од нашите актуелни денови. Ние сигурно не сме крајната цел на овие миграциски бранови. Но, зошто се однесуваме така, нестандардно и невообичаено чудно? Кога треба заеднички, неволјите да нè обединат, ние уште толку разединети стануваме? И дали и во овој случај, ќе работиме за сметка на нашата штета?
Си имаме ние сериозна неволја дома. Како што викаат во Далмација, „не трибају нама нове гљиве”. Си имаме и ние, доволно страшни и тешки домашни вируси. Разорниот вирус од лаги и паралаги, што создаде свој систем и резистентност кон секоја вистина. Вирусот на поделби по сите основи, како последица на системските лаги. Коронавирусот ќе дојде и ќе помине, бегалскиот бран, исто така. Но, нашиот вирус на дробење, ситнење и повторно делење, пак нам ќе ни остане. Просто е неверојатно-колку малку станавме, а толку многу поделени и раскарани меѓу себе останавме. Вирусот од лаги и вирусот на поделби, допрва има можност да зема уште поголем замав, во налудничави спирали од виртуелни лаги, во предвечерието на претстојните избори. И тој вирус сигурно повеќе ќе нè погоди, отколку коронавирусот или новиот бран од големите преселби на народите, што актуелно го окупираат светското внимание.
Нема поголема неволја од таа, кога народот е прелажан и не верува повеќе никому. Таков народ не простува. Истргувани животи, истргувани души и судбини, уште помалку простуваат. Па макар секој следен ден во престапнава година бил Прочка. И сето тоа во име на некаков ветен и замислен рај, во кој требаше (ете!) и на сила да бидеме однесени. И до каде стасавме? До таму каде, никој никому не верува. И никој никому не проштева. Таму каде довербата во институциите е срозена на најниско можно ниво. До таму, каде и против своја волја станавме дел од пирамидална структура од конструирани невистини и лаги. И, колку повисоко кон врвот на пирамидата, толку лагите стануваат пострашни и поразорни. Во нормални држави, политичари еднаш фатени во лага, исчезнуваат веднаш и засекогаш од политиката. Макар тој политичар се викал Ричард Никсон. Макар тој политичар се викал Хелмут Кол. Нашиве во заминување, не еднаш, илјада пати беа фатени во лага. Само кај нас лагата успеа да изгради систем, успеа да се круниса како мерило за успех. Па дури и мерило за чесност. Прости им Боже, навистина веќе не знаат што зборат.
А со лагата како и со ситната пара, не се живее долго. И не се живее нормално. Вистината знае да замолчи, додека зборуваат парите. Нашата вистина, предолго и премногу долго веќе е замолчана. Велат, на секој лажго барем еднаш му се згадува од сопствените лаги. Чекајќи го денот тоа да се случи, секој нов ден се будиме со нови лаги и нови гадења од нив. Во меѓувреме, мутирајќи како општество, со сè поновите мутирани вируси од лаги. Стануваме непрепознатливи дури ни за себе. И или ќе се возобновиме, во нормална држава на нормални и здрави, добри и подеднакво лојални граѓани или ќе станеме пример за трајно жариште за поделби, продуцирање лаги и кризи, неподносливи за себе, неиздржливи за другите. Шансата да го одсонуваме и реализираме сонот за нормална држава ја имаме. Исто како што имаме право на тој сон, во таа наша возобновена реалност да се здушиме, да си простиме и да се престроиме. Да одживееме конечно, достоинствени животи. А на поколенијата, сегашни и идни, да им оставиме и здрави и нормални предуслови за живот, трајни корени и посилни крилја од нашите Ништо повеќе и ништо помалку од тоа! Како целиот останат, нормален свет.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.