Петар Поп-Арсов
Дали е потребно уште еднаш да се повтори дека правото на мирни собири и изразување на протест е основно човеково право? Треба ли постојано да се укажува дека ова се универзални човекови права заштитени со Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа и со Уставот на Република Македонија?
Да, можеби треба постојано да се повторува со цел секој граѓанин да е информиран и свесен за своите основни човекови и граѓански права. Исто така, образованието на секој ученик треба да претставува процес во кој човековите и граѓанските права треба да претставуваат неизоставен дел и токму тука е местото каде што сето ова треба постојано да се повторува.
Но, дали ова прашање треба постојано да им се става пред очи на членовите на Владата на Република Македонија, оние кои што одамна го завршиле сопствениот образовен процес? Треба ли да им се повторува на оние кои што се најповикани и избрани да ги штитат овие вредности? А токму тие, министрите во Владата на Република Македонија се оние што ја предложија најновата верзија на Законот за измени и дополнување на законот за јавни собири.
Од официјалната интернет страница на Владата може да се види дека таму членуваат такви кадри, од кои што токму највлијателните и најистакнатите министри се правници, професори, доктори на науки и експерти од областа човековите права. Некои од нив и со магистратури од најпрестижните светски универзитети од областа на правото. Имајќи го ова во предвид се поставува прашањето како е можно таков предлог закон, со толку голема рестриктивност кон правото на мирни собири и изразување на протест, можел да помине пред таков состав на Владата? Како е можно да помине таков закон, закон кој што го гуши народниот глас, во присуство на такви владини министри, министри чии што јавни настапи изобилуваат со изјави за заштита на правата и слободата на македонскиот граѓанин?
Дали таквиот предлог поминал со нивно знаење и биле свесни за рестриктивниот и ограничувачки карактер или истиот поминал заради нивното незнаење? Ако е она првото, тогаш Македонија и македонските граѓани дефинитивно имаат проблем и истиот треба час поскоро да биде решен!
Се поставува и прашањето за тоа какво ли би било мислењето на сите оние професори од најпрестижните светски универзитети, оние кои што со своите занења дале најголем придонес во областа на заштитата на човековите права, кога би разбрале дека нивни студенти и колеги се откажале од вредностите и достигнувањата на современите демократски општества и со невидена леснотија предлагаат закони кои што буквално ги убиваат човековите права?
Дали овие министри беа свесни дека со предлагањето на вакво законско решение создаваат опасност од повреда на членот 11 од Европската конвенција за заштита на човековите права? Дали беа свесни дека на овој начин Македонија би се нашла во кругот на земјите осудени од Судот во Стразбур за повреда на членот 11 и правото на слободно собирање и здружување? Општо е познато дека Судот во Стразбур има донесено пресуди за повреда на правото на здружување и собирање токму на Македонците во две наши соседни земји.
Дали со предлагањето на ваквиот закон во Владата беа свесни дека Македонија би можела да стане третата земја осудена за повреда на правото на мирни собири и изразување протест токму на Македонците по род, овој пат ни помалку ни повеќе туку во сопствената земја?
Каде би било најсоодветното место за изразување на протест, ако тоа не е пред Владата или министерствата, кои што со предлог законот беа исклучени од можните локации за изразување на протест? Каде граѓаните да го изразат своето незадоволство од работењето на македонските институции? Граѓаните се оние кои што ја дале својата доверба на македонските институции и со својот глас учествувале во изборот на Владата. Рестриктивните и тоталитарни системи го ограничуваат правото на собирање и изразување на протест, но во такви случаи незадоволството и протестот добиваат други димензии.
Далеку од тоа дека сметам дека треба да се доведеме до таа точка за да постои потреба од изразување незадовоство и протест надвор од демократските димензии, но, мора да се укаже на фактот дека и најдолгиот пат започнува со првиот чекор и аналогно на тоа да се укаже на опасноста дека предлагањето на ваквиот закон е токму првиот чекор кој ја води Македонија во оние други димензии.
Реакциите во јавноста ја постигнаа својата цел и извршија притисок врз Владата да го повлече предлог законот уште на првиот чекор. Но, дали таквото повлекување е доволен потег и истото претставува гаранција дека новата верзија на законот нема да ги содржи сите ирационални и несоодветни ограничувања на човековите права и слободи? Новиот предлог мора да биде ослободен од рестриктивните елементите и реално да ги содржи само оние ограничувања кои што се однесуваат на националната и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето, моралот и заштитата на правата и слободите на други граѓани, токму онака како што е предвидено со Европската конвенција за заштита на човековите права.
Можеби единствено ограничување кое што треба да биде вградено во овој закон, а кое што треба да има симболично значење, од причина што други закони ја регулираат таа област, е ограничување на насилното уништување, кршење и „шарање“ на државниот имот. Токму опозицијата, преку предлог амандман кон новата верзија на законот, треба да ја прати оваа симболична порака со што ќе укаже дека никогаш нема да посегне по насилни средства и уништување на имотот на Република Македонија со цел освојување на власта. Оној што гради природно е да не сака да уништува.
И на крајот да заклучам. „Законот за протест“ претставува само уште еден тест за сите нас, тест за Македонија, тест за македонската демократија и владеењето на правото во контекст на почитувањето и заштитата на правата и слободите на секој македонски граѓанин.
Владата веќе е доволно тестирана!
д-р Петар Поп-Арсов
Поранешен амбасадор и постојан претставник на Република Македонија при Советот на Европа во Стразбур
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.