Петар Поп-Арсов

„Го поддржуваме сето она кое што е добро за двете страни“. Само така може и никако поинаку. Тоа го налага општата култура и воспитување. Тоа е најдобрииот можен политички, дипломатски и пријателски начин да му соопштиш на соговорникот дека она што е добро за двајцата е добро за секој поединечно.

Каков пријател си ако поддржуваш нешто кое што е добро само за тебе? Може ли да се нарече пријателство ако е склучено преку договор на неколку пишани страни и да се гради и оддржува со изнуда и наметнување на обврски само кон едната страна, кон твојот пријател? Дали е пријателство ако поставуваш ултиматум во најсензитивните моменти од исклучително значење за твојот пријател кога е во исчекување на децениски очекувана одлука за правецот на неговото понатамошно функционирање, како што тоа беше случај пред Самитот на ЕУ и одлуката за почеток на преговори со Република Македонија.

Секако дека не! Пријателство не се неколку пишани страни наречени Договор, ниту оние четиринаесет члена кои што ги дефинираат „обврските“ и пријателството меѓу Македонија и Бугарија. Пријателството е многу повеќе од тоа.

Пријателство е кога соседот ќе те признае прв и ќе ти ја пружи потребната помош кога си блокиран од сите страни, како што беше случај во 1991 година. Пријателство е кога во првата можна прилика ќе се возврати со иста мера. Пријателство е да не чекаш пријателот да падне на колена, туку да постои постојана соработка и поврзување на политичко, економско, инфраструктурно, културно и човечко ниво, онака како што прават два посебни и јасно дефинирани пријателски државни субјекти и народи. Договор од некоку пишани страни и четиринаесет члена неможе да го поплочи (читај асфалтира) патот на поврзувањето и соработката. Потребно е реално поврзување. Потребен е уште еден вистински автопат, кој што овој пат во оргинална форма ќе го носи името „Пријателство“, а не како производ на негово преименување под притисок на договорот со еден друг пријател. Направете го веќе еднаш тој автопат, направете ја веќе еднаш таа железничка пруга!

Не е лесно да се оддржува пријателство. Таков е примерот со скорешните изблици на пријателство меѓу српскиот претседател Вучиќ и бугарскиот премиер Борисов, токму на пуштањето во употреба на еден друг автопат, автопатот Ниш-Димитровград–Софија. Јасните пораки на пријателство од овој настан веднаш беа дочекани од противниците на било какво пријателство и поврзување на Балканот со отворање на неколку последователни афери. Замислете, аферите и нападите против српскиот државен врв беа отворени, ни помалку ни повеќе туку во Софија, а нивната траекторија овој пат одеше во обратна насока, Софија-Димитровград-Ниш-Белград. Несакам да навлегувам во суштината на оваа афера и за тоа кој е крив а кој е прав. Сакам само да го посочам моментот на објавувањето на ваквата вест на нешто кое што одамна се случило и нешто за кое што одамна се знаело во круговите кои ја лиферуваа оваа вест. Вучиќ заврши во болница, со јасна порака од противниците на поврзувањето дека пријателството на Балканот е скапа играчка.

Затоа, Бојко нема право да притиска никого во Македонија користејќи ја моменталната предност во контекст на нивното членство и нашите аспирации за членство во ЕУ. Бојко треба да помага! Треба да помага во борбата против сите оние кои се борат за раскинување на сите пријателски врски на Балканот, за кои неодгорните поединци од бугарската политичка елита посочуваат дека постојат кај нас во Македонија и ги поистоветуваат со официјалната македонска политика, независно од кој период, заборавајќи дека со самото тоа посочување се ставаат на иста страна со противниците на пријателството.

За волја на вистината, впечаток е дека Бојко се бори и колку толку добро се справува со обидите во Бугарија за рушењето на мостовите со Македонија, за разлика од некои актуелни министри во неговата влада. Дали е само впечаток или реалност, времето ќе покаже. Но, реално ниска и разочарувачка беше постапката со ненајавениот видео пренос на средбата со лидерот и раководството на македонската опозиција, средбата со претставниците на ВМРО.

Клучната реченица дека се поддржува сето она што е добро за двете страни, во патем кажано асиметричниот договор од 14 члена, говори се. И токму тој, последниот, членот 14 е круцијалниот член од овој договор. Тоа е она најдоброто за двете страни и она што треба да биде поддржано и практикувано. Членот 14 јасно кажува дека „Овој Договор, на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни“.

Двете земји поседуваат попрличен капитал на потпишани и ратификувани меѓународни договори и конвенции. Имаат прифатено и во принцип имплементирано бројни стандарди, пред се од областа на човековите права и правата на националните малцинства. Двете страни се дел од Европската конвенција за заштита на човековите права, и она што е уште поважно дел од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Двете земји имаат прифатено дека ќе се грижат за правата на националните малцинства во сопствените земји, некаде повеќе некаде помалку, но се обврзале на тоа.

Токму членот 14 им дава одврзани раце, но и обврска да се грижат за сите човекови, национални и граѓански права во однос на секој поединец што живее во Европа, врз принципиелна основа во рамки на функционирањето на целокупниот комплексен систем на конвенции на Советот на Европа. Во Стразбур, Македонија ги поседува сите алатки да се бори и залага за правата на секој Македонец кој што живее на европскиот континент, и што е најважно, Бугарија треба да ја поддржи во тоа ако доследно се придржува на прифатените обврски од меѓународните договори. Македонија во Стразбур има сериозна поддршка од сите развиени европски демократии кои по никоја цена нама да отстапат од европските вредности и стандарди, макотрпно создавни од крајот на втората светска војна до денес.

Пријателство е кога двете земји самите ќе се согласат за почитувањето на колективните и поединечни права на секој нивни граѓанин. Пријателство е кога за истото ќе се бориш, а нема да го бараш со изнуда и да копаш по историјата. Пријателство е кога го „поткрепваш“ не само она што е добро за тебе туку и она што е добро и за твојот пријател.

„Зар не го уништувам непријателот кога ќе го претворам во пријател?“ – Абрахам Линколн.

Кој разбере, ќе сфати!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.