Весна Јаневска
Во овие тешки времиња кога основна цел треба да ни биде здравјето, борбата за негово зачувување и зачувување на што повеќе животи на тешко болните, државата и натаму треба да продолжи да функционира и во сите останати области. Добро организираните држави веќе преземаат мерки, додека Македонија доцни, барем во полето на образованието, како што задоцни и со ригорозните мерки во борба против корна вирусот КОВИД-19.
По наглото покачување на бројот на инфицирани со корона вирусот, кој беше предвидлив, а чија точна бројка убедена сум не ја знаеме и со оглед на тоа дека сме на почеток на епидемијата, сосема е извесно дека учебната година е завршена и нема отворање на училиштата и факултетите до јуни, всушност, сосема е сигурно.
На секој кој и малку го следеше текот на епидмијата и во Кина, и во Италија, Шпанија и во другите европски земји требаше да му биде јасно дека е неопходно да се подготвува за услови на катастрофа која им се случи на овие земји.
Предвидливо беше дека нема да има физичко одење на училиште и дека традиционалното учење не е можно да се изведе. Не беше сосема предвидливо дека во нашата држава ќе се воведе вонредна состојба, но и тоа се случи, а за образованието на младите сѐ уште нема опција.
Со оглед на тоа дека далечинското учење во Македонија не е законски регулирано, освен задолжителната одредба универзитетите да поседуваат веб-страници, во услови на вонредна состојба Владата треба да донесе итна уредба со сила на закон за регулирање на ова подрачје.
Бидејќи ова се времиња на единство и заедништво, кои не се на одмет да се присутни и во регуларна состојба на државата, сакам да дадам свој придонес за доброто на СИТЕ. Се надевам дека овие мои предлози нема да завршат во флоскулата „лесно е да се каже што теба и лесно е да се критикува”, која за жал и во овие времиња ја слушам по телевизиите од некои функционери.
Намерата воопшто не ми е таква. Намерата ми е да потенцирам дека во вакви времиња секој разумен предлог треба да се разгледа, без оглед на тоа да ли ќе се прифати или не.
Ова не е време за натпревар, суети, партиски и било кави деруги поделби, ова е време на војна во која секој човечки ресурс е потребен и треба да се стави на располагање на државата и на СИТЕ.
Затоа во контекст на тоа и со моето повеќе од 30-годишно учество во наставниот процес и образовиот систем на Македонија му се обраќам на министерот Арбер Адеми и му велам дека итно треба да преземе акција.
Електронското учење, односно користењето на мултимедијата и интернет со цел обезбедување на пристап до оддалечени ресурси и услуги и овозможување на комуникација на далечина, не е новина. Се спроведува во повеќе западно европски и други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД, Израел и други. Бројни познати универзитети, како што се Стенфорд, Феникс, Калифорнија, Мериленд и други имаат концепт и на виртуелен универзитет со бројни онлајн едукативни програми, па дури и стекнување на диплома. Во Македонија дел од универзитетеите имаат имплементирано електронско работење, но не во сите сегменти. Министерството за оразование и наука во периодот на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ има креирано дигитална библиотека која сега може да се користи и добро ќе ни дојде во состојбата во која се ноѓаме.
Да не должам, предлагам целосна онлајн, хибридна настава, синхрона и асинхрона за спроведување на образованието во Македонија, која треба најитно да се спроведе.
Во времиња кога речиси сите сме зтворени во нашите живеалишта прети опасност од лежерност кон обврските, како што е учењето, пораст на домашното насилие, страв и паника и други несакани психолошки состојби. Покрај основната улога за стекување на знаења образовната ангажираност може да даде свој удел и во други области, како што се горенаведените.
Слушам и гледам различни препораки од разни извори, вклучувајќи градоначалници, до наставниците. Не ги обвинувам, претпоставувам луѓето прават што знаат и можат, но државава има и Министерство за образование и наука и Министер. Тие имаат функција, задолженија, обврски и одговорност.
Поради тоа Министре преземај итна акција.
1. Министерството за образование и наука да одбере или создаде платформа за целосно online учење;
2. Да свика виртуелен состанок на сите директори прво на основните училишта, потоа на средните училишта и да даде насоки за користење на платформата;
3. Преку Бирото за образование и наука да организира виртуелна обука на наставниците за користење на платформата и изготвување на нставните програми, синхрони предавања, видео снимки, пауер поинт презентации и друго;
4. Да им понуди шаблони (темплејти) на наставниците за наставните предмети и да посочи алатки кои може да ги користат;
5. На наставниците да им даде избор и слобода за користење на допонителни патформи за учење Гугл класрум, Едмодо и други и за користење на електронски ситеми кои може за се искористат за електронско учење како што се Google meet, Zoom, GoToMeeting и други;
6. Да мапира ученици на кои треба да им се помогне со обезбедување на опрема за поддршка на современи апликации и истата итно да ја набави;
7. За учениците за кои и тоа не може да се обезбеди да се обезбеди настава преку националните телевизии за сите предмети, на македонски јазик и на јазиците на етникумите;
8. Да обезбеди обука за родителите кои имаат потреба од тоа, може и преку телевизиски образовни програми;
9. За учениците со посебни потреби да обезбеди посебна обука на родителите и да размислува за воведување на летен семестар за нив во соодетни услови;
10. Да подготви посебна стратегија со употреба на информатичка технологија за оценување на стекнатите знаења, особено за учениците кои го завршуваат средното образование и имаат намера да го продолжат образованието во високообразовие институции во Македонија.
Искрено се надевам дека онлајн учењето со своите предности, кога учениците може да имаат поголема флексибилност на учење, во однос на времето за учење, повторување, решавање на зададените задачи и слично ќе ги заинтригира и заинтересира учениците, а родителте во вакви невремиња ќе добијат можност повеќе време и внимание да посветат на своите деца, да бидат заедно со нив, да им помагаат и да уживаат во успехот со онлајн учење на своето дете.
Што не поминало, и ова ќе помине, општеството полека ќе се враќа во нормална функција, но како што вели народната поговорка „секое зло за добро“, ќе остане систем за онлајн учење.
Чувајте се СИТЕ, носете ракавици и маски, мијте раце, не гушкајте ги пријателите, бидете дома, не излегувајте без потреба. Чувајте се!
Весна Јаневска
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.