Алдо Климан
Со оваа потврдна реченица во насловот сакам само да придонесам кон јавната расправа околу блескотната државничка намера на Зоран Заев, конечно, и како што доликува, цензорски да ја доведе во ред слободата на мислењето во Македонија, а еве, си дозволувам на тој лидер во Регионот и да му сугерирам како на сериозен предлагач на Законот за цензура токму таа реченица да си ја земе како мошне илустративен урнек и окосница околу која би можела да се движи и да се развива сета плодна правна и научна аргументација: „Правдата во Македонија е грда како Вилма”. Звучи ефектно!
И додавам дека во дискусијата бездруго активно треба да се вклучат и „емеритусите” од онаа институција со четири големи букви, ма онаа, која некогаш дури имаше и некакво достоинство (но добро…што било, било), и на чии претставници неодамна лично претседателот на државата (еј!) цврсто им вети дека отсега, кога веќе дефинитивно сѐ е раздржавено, растурено и расшрафено, никогаш и ништо веќе нема да се прави без нив да ги прашаат за уваженото им мислење и став.
Но да започнеме со анализа на воведната реченица: „Правдата во Македонија е грда како Вилма”,.
Веднаш се наметнуваат низа правно-книжевно-лингвистички дилеми и прашања:
1/ дали таа реченица во себе сублимира елементи на транспонирана негативна естетика од реалниот свет во кој постои некоја си грда Вилма?
2/ или пак реченицата е само обичен производ на авторовата лирерарна фикција за таа грда Вилма, што нема никаква врска ни со правдата и ни со реалноста што нѐ опкружува?
3/ дали реченицата во себе носи елементи на обична случајна непристојност на некој автор кој можеби ја напишал без предумисла и без намера да ја повреди таа имагинарна многу грда Вилма?
4/ или е само стандарден израз на слобода на мислењето кога правдата во Македонија ја споредува со едно навистина физички грдо лице како лицето на Вилма, со што ѝ упатува директна критика на власта која правдата ја заменила со неправда; а, знаеме, неправдата сама по себе секогаш е грда?
5/ или (ups!) можеби тоа е обичен говор на омраза, како што го доживува моралозаштитникот и предлагач на Законот за цензура, г. Заев?; но омраза кон што и кон кого: кон грдата (не)правда или кон грдото лице на имагинарната Вилма?; или пак можеби воопшто не е во прашање нејзиното многу грдо лице само по себе, туку можеби станува збор само за споредба на правдата со грдата душа или стемнетиот ум на некоја си грда Вилма?
6/ или пак кога ќе речете: „Правдата во Македонија е грда како Вилма”, едноставно станува збор за едно чисто апстрактно прашање кое спаѓа во категорија на споредбената естетика (убаво наспроти грдо!), па дури и на филозофија што се изучува на филолошките факултети кај нас и во светот?
7/ и дали таквата реченица, бидејќи предизвикува толку дилеми, воопшто смее да се користи и да се напише, или итно треба да се забрани, и треба ли во јазикот да се дозволи употребата на сликовитиот збор „грдо, грда” кој веднаш сугестивно ни го предочува грдиот лик, па дури и целата синтагма „грда Вилма”, иако, реално говорејќи за тоа нема основа, зашто ние не знаеме дали такво лице воопшто постои?; јас во тој дел не би го менувал законот, зашто со тоа само непотребно би се смалил или дури и би се изгубил експресивниот јазичен регистер. Нека си остане „грда Вилма”.
8/ од друга страна, внимавајте, и зборот „правда” е многу, многу дискутабилен и опасен; веќе од овие неколку погоре наведени дилеми јасно се гледа дека со зборот „правда” може навистина да се прави сѐ што ќе ти текне; например, правдата може да се третира како правда дури и кога е црна и неподнослива неправда; и обратно, неправдата да се возвишува како нешто блескотно, како сончев сјај на правната држава. Сме виделе дека во светот имало и такви примери, нели.
9/ реално, во Законот за цензура и воопшто во законите и Уставот зборот „правда” би требало сосема и трајно да се исфрли како одвишен, за да не им создава главоболки и проблеми на оние што ќе ги спроведуваат последиците на нејзиното значење, а впрочем со време и така и така ќе си се навикнеме на тоа дека таа и таква „правда” едноставно не постои. Па, еве и досега без неа убаво, европски и светски си живеевме и си живееме.
10/ околу зборот Македонија, меѓутоа… е, тука воопшто нема дилеми, зашто предалагачот на цензурата Зоран Заев тој збор веќе брзопотезно го исцензурира, го ликвидира и го замени со Северџанија, а така е и најдобро, зашто, ве молам, во еден релевантен северџански закон никако и не му е местото, и не смее, не дај Боже, да има такви украдени појмови од историјата на другите соседни народи.
Се разбира, има уште многу варијанти според кои може да се толкува потврдната реченица „Правдата во Македонија е грда како Вилма”, и предлагачот, ако сака цензурата беспрекорно да му функционира, ќе мора да напише Закон подебел од „Капиталот” на Маркс.
Освен тоа, за да се следат сиот печат, сите портали и сите ТВ емисии на кои ќе се појавуваат според Законот за цензура „дубиозни” текстови, прилози и изјави, потребно е да се формира посебно специјализирано „разузнавачко” тело – Цензорска комисија – што ќе се утепа од читање белетристички текстови, новински написи, колумни, гледање ТВ и проценување, пред и по објавувањето, што е забрането, што е сомнително, што е навреда, што е говор на омраза, и притоа веднаш да одредува според кој член и параграф на „Законот” ќе треба обвинително и со судски прогон да се реагира.
Во секој случај, нужно е таа Цензорска комисија да се формира итно, дури и пред да се донесе Законот за цензура, за да може и самиот Заев, како и рускиот цар Александар I, конечната верзија на својот Закон да ја предаде на цензурирање пред неговото усвојување во Парламентот, за, не дај Боже, да не се најде и самиот на удар на сопствената цензура, доколку напишал некаков инкриминирачки член и параграф што е во спротивност со репресивниот дух на самиот Закон. Сигурно си е сигурно!
Следствено на тоа, нужно е веднаш да се формира и Специјално јавно обвинителство за прогон на поединци што го кршат Законот за цензура, кој истите лица ќе ги процесуира за „тероризам против државата и народот”.
Но, почитувани читатели, вие сфаќате дека јас овде сакав само малку да му ги разбранувам креативните хуманистички мисли на законодавителот, а и на вкупната наша јавност, која од донесувањето на овој модерен апсолутистички, „инклузивен”, царистички закон ќе има многу, многу голема полза, или, како што би рекол самиот англо-саксонец Заев – голем ”бенефит”.
Но, ќе ви кажам уште нешто: писателите се сосема блесави и непресметливи луѓе. Баш им се е… за цензорите и недопирливите, па и да се од Муртино село, па и да се викаат Вилма. Тие тврдоглаво си ја тераат и си ја бранат својата поетска и воопшто човечката слобода, па дури и ако им се заканува опасност да бидат прогонети во оној „прозападен” Сибир што се вика Шутка, иако, колку што знам, тој Шутка-Сибир се наоѓа од оваа страна на Гринич, значи дека е „происточен”, односно апсолутно антидржавен.
Нејсе, ако на тие блесави писатели наеднаш им дојде инспирација да напишат токму ваква реченица: ”Правдата во Македонија е грда како Вилма”, тие тоа во својот неспитомлив творечки наплив и ќе го сторат, уверени дека со внатрешната разбудувачка енергија на таа едноставна потврдна реченица, и играјќи се со нејзиниот вистински естетско-моралистички контекст прават нешто добро за својот прекрасен, но длабоко понижен народ, со желба однатре да го релаксираат. А ако ништо друго, барем сите горчливо ќе се насмевнат. А во овој свет, па дури и во таа небиднина Северџанија, во која лудилото на властодршците и цензуро-законодавците е веќе со мур заверено и институционализирано – смеата, па макар и горчлива, и исмевањето на тие тешки будали ни се потребни како топлото татковинско, македонско изгрејсонце.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.