Васко Шутаров
За моќта на немоќните
Да помислиме на момент на пазарџијата, на продавачот на овошје и зеленчук кој живееше во комунизмот и кој во излогот на својот дуќан секое утро најнапред го закачуваше плакатот „Пролетери од сите земји, обединете се!” Тој нужно не го правеше тоа од големо верување во комунизмот. Едноставно, не сакаше да има проблеми. Ако не го закачеше плакатот, веројатно ќе ја изгубеше работата и статусот во општеството, можеби децата немаше да можат да се запишат на факултети што ги посакуваат, луѓето ќе го избегнуваа или злоставуваа?!
А, замислете го тоа утро, во кое тој престанува да го лепи тој ист плакат? И кога одлучува да одбие да игра по правилата на моќта? Неговата побуна, станува обид да се живее во вистината. Тој чин претставува прекин со живеењето во лаги и соработка со наметнатиот систем од заблуди. Во тој чин на личен протест нашиот пазарџија му се обраќа и на светот, дозволувајќи му да ѕирне зад завесата во која царот е гол, докажувајќи дека живеењето во вистината е навистина можен. И по цена на трпење, по цена на болка и одрекување во име на тоа високо и големо добро, како што е вистината. Во таква вистина, моќта на немоќните, ненасилна и по мирен пат, стануваше и стварност во која и човечноста и вистината стануваа можни. Овој тивок, но епски отпор и борба за вистината, ја разбиваа и напукнуваа фасадата на системот и го рушеа привидот. И системот падна, се сруши како кула од карти.
Така зборуваше Вацлав Хавел, последниот голем интелектуалец во европската политика, писател – дисидент во време на комунизмот, еден од интелектуалните столбови на неговото рушење, прв претседател на демократска Чехословачка и во неколку мандати претседател на Чешка. Ова беа цртици од неговиот познат есеј „Моќта на немоќните”, за кој лежеше три и пол години затвор. Тоа беше мала книшка подоцна печатена во милиони примероци хартија, со кои беше потпален комунизмот. Неговото делување уште во силниот бран на „кадифената револуција” значеше порака дека со него во политиката ќе влегуваат и Лу Рид, Стоунси, Френк Запа, Часлав Милош и Милан Кундера, слободарските писатели и уметници од целиот свет, во една политика која сака да промовира живеење во вистината. Хавел знаеше што се тоа квантни скокови во општествениот поредок. И не се фалеше никогаш со тоа. Да се пофалиме ли и ние во овој контекст, што сè не влезе кај нас во политиката, по падот на СФРЈ и осамостојувањето и градењето македонска демократска држава, до денес?
Колку пати сум се прашувал, десет години после неговото физичко заминување, како денес Хавел би го испишувал својот антологиски есеј, што го промени светот во минатиот век? Да беше жив и да можеше однекаде да ги види старите пазарџии од времето на комунизмот, како ревносно лепат сè понови плакати, во склад со времињата и промените. И да го доживееше завчерашниот насилен упад во американскиот Капитол Хил, симболот на вредностите на западната демократија, за кои токму тој го вложуваше целиот свој живот и сиот интелектуален и човечки потенцијал. Веројатно ќе пишуваше продолженија на есејот, за новиве времиња во кои пазарџиите – плакатари успеале да го надмудрат системот на кој му се покорувале, ругајќи му се со своите итроштини во градењето сè понови и посвои тврдини од лаги, лепејќи ги непогрешливо само пожелните плакати, а на крајот плакатирајќи ги сопствените ликови на врвот од таа кула од плакати, заблуди и лаги. На таа кула денес светат светлечките реклами на некогашниот трговец со недвижнини Доналд Трамп. Или некогашниот пазарџија на овошје и зеленчук, таму негде,„Глобал” во Македонија? Новиве пазарџии ги надитрија и најлуцидните интелектуалци од минатиот век и денес токму тие владеат со светот. Свет кој денес не е поделен само на живеење во лага или живеење во вистина, туку свет кој е потполно фрагментиран на животи во паралелни и крајно конфронтирани светови со свои пост – вистини. И се разбира, пра – лаги.
За немоќта на моќните, во време кога вистината не е во мода
Вистината и лагата не се веќе најважните зборови околу кои се врти и движи светот, како во времето на Хавел. Последниве години, тоа се зборовите лажна вест, пост – вистина, терминитетоксично и хибридно, како и синтагмата „да го правиш некого луд” (gas lighting). Каква е иднината на демократијата и човековите слободи во еден таков нов свет, кој повеќе од очигледно го живееме. Светот кој не ја признава светоста на фактите, светот во кој лагата се претставува како мислење кое креира стварност и за кое не постојат никакви санкции, светот во кој егото и егоизмот стануваат стандард, а заедништвото – апстрактна именка?
Факт е дека вистината веќе долго време не е во мода. Модерни се пост – вистинатаи пра – лагата, зависи како милувате повеќе и ова е вистинско време во кое токму тие најдобро се остваруваат. Најважно е само да се оди по онаа линија на емоции, допаѓања и идеи со кои би ѝ се додвориле на публиката. Така светот го владеат белосветски трговци кои ни за јота, како ни домашниве праматари, не жртвуваат ништо свое, за да се промени светот на подобро и да го приближат малку поблизу до вистината.
Ако верувате во апсурди, ќе создадете ѕверства
Вацлав Хавел неколку години пред својата смрт, го чувствуваше ова темелно разминување во развојните процеси на човештвото и пишуваше за таа неминовност на модерната цивилизација да се соочува со темелни потреси, за да се размрда и освести. Инаку, ако продолжи да верува во апсурди, ќе создаде ѕверства, како што далеку пред Хавел, пишуваше Волтер. Вистината буди емоции кои не секогаш се пријатни, понекогаш можат да бидат и крајно непријатни. Живееме едно условно време во кое вистината станува неважна.
Годината на здравствена пандемија, многумина беа длабоко убедени дека требаше да биде момент на престројување на светот и човештвото, кон нови светски моменти на соочување со вистината. Јас сè повеќе се убедувам дека пораката за промени, светот нема во целост да ја разбере. Лагите и глупостите и во време на најголема ововековна зараза се повирулентни и од вирусот, а знаењето си остана тешко пренослива вистина. Да се живее во вистина, значи во моментов да се биде во потрага по најзначајниот светски ресурс за кој вреди да се жртвува дел од својата сигурност, како на првиот пазарџија од есејот за моќта на немоќните. Нели доволно се гушевме во димни облаци од лаги, каде нема вистински оган? И нели неславниот крај на Доналд Трамп ни е доволен показател за тоа?
Запалените огнови на пост-вистина и пра-лага
Огнот гори таму каде вистината догорува како свеќа на олтарот на пост – вистината и пра- лагата. Вчера, во Капитол Хит, храмот на една од најстарите светски демократии. Завчера, пред нашите очи, пред тик-ток моментите на вистини во кои, кој како стасува испалува истрели во воздух или нагазува турбо- гас по патеки за пешаци. Оган распалува во нас државава која глуми лудило дека е функционална, кога казнува коледарчиња покрај бадниковиот оган, а се прави наудрена пред роденденска торта без маски во новиот политички дом на дел од државниот врв. Или кога во победничка надмена поза без маски на лица, другиот дел од власта, демонстрира семејни вредности со походи по замислени планински височини со лудо бесни мотори. Тие замислени височини треба да ни бидат компензација за сите дна од кои ние и државата ни за момент не се одлепивме, додека клановите од власта со неподнослива леснотија се занимаваа со имитирање на раскошот од кланот Трампови. Со само мали нијанси на разлика, снобизмов кај нашите е сепак, со епски размери.
Ја отворивме и ние и светот Новата година во сета нејзина раскош од фронтални борби на пост-вистини и паралелни светови и со крајно изместени вредности за добро, вистинито и слободно. Во таков пресек кога православниот свет пали огнови на својот празник за мир, здравје и благосостојба, Америка го запали огнот на немир во својот наjвисок претставнички храм. А далеку подобро ќе беше за сите, ако наместо твитовите на Трамп, светот се водеше повеќе од барем 600 милиони твита во кои доминантна тема на луѓето ширум светот за време на пандемијава, според истражување на Вашингтон – пост, беа љубовта, потребата да значиш некому нешто, да се промениш себеси или да направиш некое мало добро. Доволно ќе беше за почеток на годината, старите добри пазарџии што го надитрија светот после Хавел, на трговецот со недвижнини благовремено да му го блокираат налогот на твитер, а нашиот пазарџија, да го натераат да си седи дома, подолго од празничните три дена, „по пиџами”.
Вацлав Хавел велеше дека другото лице на слободата е одговорноста. Се затресе Америка врз темелите на овие два најзначајни принципи и вредности што го водат светот напред. Ова беше повеќе од обично американско кивање од кое светот порано добиваше најмалку грип. Ова е нешто далеку посилно, што допрва ќе го раздрма светот. И допрва, нас дома. Бидејќи ако во просек Трамп твитнувал шест твита дневно полни пет години пост – вистина, нашиот домашен јавен и политички простор пука од шаренило и тоа исклучиво само од пост- вистини и пра- лаги, во најтрамповски тренд. Попусто во таа инвазија на пост- вистини е споредувањето на Трамп и Груевски или пост- вистинскиот „вистиномер за ловење лаги” на лидерот на опозицијата Мицкоски. Така функционира моќта на пост- вистината, со површно споредување на слики и повикување на емоции, за да се избегне или забошоти вистината за неодговорноста во едно крајно лошо актуелно владеење.
Хавел како водич за почетници во паѓањето на империите
Кога напукнуваат ѕидините на империите, сеќавањето за Хавел станува како природно посегање по сандаче за прва помош, затоа што можеби и единствено за него од последата генерација големи политичари, политиката ниту беше крајна цел, ниту беше цел сама за себе. Политиката во која влезе како нужно зло, за него беше уметност не за постигнување на можното, туку на невозможното. Да бидеме реални, да го бараме невозможното, е парола која за Хавел значеше и начин на живеење и дејствување во јавниот живот. И само за него, изгубените битки во политиката беа единствено оние од кои однапред си се откажал.
И не верувам дека се досадува и безделничи и денес, таму некаде горе, како симбол на отпорот, слободата и живеењето во вистината. И мора да му е забавно, кога денес ги пребројува пораките со поддршка за заштита на една од најстарите и најмоќни светски демократии, од страна на никогаш неотплакатираните и сè уште добро позиционирани пазарџии од времето на комунизмот, како овие најзагрижениве, домашниве. Па нели, од најдобрата комунистичка традиција беше произлезено признанието дека најдобро се функционира кога имаш некој камшикар над себе. Куртулија од камшикот на Трамп. Овој другиов, ќе го осетат уште со благодарноста за поддршката и инаугуралната честитка, за две седмици.
П.С. Колку точно „неколку илјади вакцини” нарачавте од Америка, момци?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.