Васко Шутаров
На бротчето бр.1
Во првите минути после полноќ, на 15 април 1912 година, во ледената ноќ среде Атлантскиот Oкеан, кога започнува потонувањето на бродот Титаник, во првото бротче за спасување најпрво се спасуваат дел од посадата на бродот и британскиот брачен пар Козмо и Луси Даф-Гордон. Сер Козмо, голем земјопоседник и Луси, британска модна креаторка, успеваат први да влезат во бротчињата за спасување и покрај протоколот дека жените и децата треба први да бидат спасувани. Биле сместени во луксузната прва класа на „Титаник” и први се нашле во „бротчето бр.1” со уште 10 членa на посадата на бродот. Бротчињата за спасување според плановите на конструкторот на непотопливиот брод „Титаник”, биле предвидени да собираат и до 60 луѓе. Од истрагите на американските и британските специјални судски комисии, може да се насети како токму тие успеале да се спасат меѓу првите. На модната икона Луси и нејзиниот богат сопруг, најважно им било да си ги спасат своите животи по секоја цена и ги убедиле членовите од посадата во бротчето да не се враќаат по очајните патници кои се давеле во ледениот океан. Како успеале во тоа?! Ги поткупиле, поделиле фунти и ветиле рушвет за секој од нив, кога ќе стасаат до копното.
„Есенскиот сон” од бродот „Титаник”
Според сведочења на преживеани патници од останатите бротчиња за спасување, некои од нив натоварени и со преку 60 патника, најчесто жени и деца, кога „Титаник” започнал да потонува, осумчлениот оркестар предводен од Валас Хартли сè уште го свирел тогаш популарниот англиски валцер „Есенскиот сон”. Од чамците за спасување се слушале звуците на валцерот, помешани со крици од претсмртна агонија, очај и бес на патниците кои се нашле во ледените води на океанот, каде од хипотермија за помалку од половина час умреле еден по еден, повеќе од 1500 луѓе.
Дното на Атлантскиот Океан крие уште многу морничави тајни за најпознатата морска катастрофа, екранизирана и преку еден од најгледаните филмови на сите времиња. Денес, само мало истражување на интернет отвора ненапишани и неекранизирани стории за илјадници лични драми и трагедии, за кои останале спомени и сведоштва. Денес читаме дека писмото на модната креаторка Луси во кое се жали зошто мора да се чувствуваат виновни дека преживеале, се продава на аукција за 4.000 фунти. Пронајдениот клуч од кабината во која се чувале појасите за спасување достигнал цена од 100.000 фунти, а највисока цена измамила виолината врзана за појасот за спасување на шефот на оркестарот Валас Хартли, која е продадена за над милион фунти.
Параходите од нашето минато
Во времето од моето детство, далеку пред филмската екранизација за бродот „Титаник” и непрегледното море за истражување како што е интернетот денес, немаше некоја посебна емпатија кон оваа голема морска трагедија. Англискиот валцер „Есенскиот сон” паметам се танцуваше лежерно и многу години после трагедијава, на летните тераси, во време на подемот на социјалистичката средна класа која можеше во кое било време да си дозволи семејно излегување на вечера и пијачка. Социјализмот со човечки лик изгледаше непотонлив, вечен и траен, како „Титаник“. Но, паметам и една силна емпатија на моите две баби, во истите тие времиња на подем на социјализмот, кога го пуштаа посилно звукот на радиото на секое разлевање на гласот на Никола Бадев, во една од најљубовните македонски песни, онаа за „Параходот” („Не плачи либе, јас ќе се вратам”). И двете ја пееја оваа песна, од срце и со солзи во очи. Многу подоцна од семејната ризница на тајни разбрав зошто. Параходот во македонската колективна меморија и во времињата на социјализмот остана врежан како симбол за разделби, симбол на тага по најблиските кои заминувале на печалба во прекуокеанските земји, од каде некои и никогаш не се вратиле дома.
„Титаник“ од нашево време
Деновиве зачестено слушаме споредувања поврзани со спасувањето од пандемијата и спасувањето од бродот „Титаник“. И српскиот претседател неодамна ја употреби паралелата, илустрирајќи ја како вистинска војна што владее во борбата со пандемијата и борбата за вакцини против пандемскиот вирус. „Богатите и моќните како и од времето на ‘Титаник’, се обидоа први да дојдат до сигурни бротчиња и појаси за спасување. Но, ние ќе се бориме и докажеме дека можеме и подобро од нив да ја менаџираме кризата”. Туку, што прават нашиве, ако веќе скоро сите државници признаваат дека светот е во вистинска војна за спас на нивните држави и нации. Си возат рекреативно мотори по палубата од првата класа на бродот „Титаник“? Пуштаат една повеќе модна отколку воена фигура да се занимава со најсериозни воени теми, патем крајно невешто употребена да убедува дека ние можевме и подобро од Србите и сите останати подобро позиционирани во војнава, ама чекаме да видиме дали во меѓувреме ќе преживеат? Се обложуваат и лицитираат, колку имот и колку свет држи бродот „Титаник“ или само танцуваат во тактот на англиски валцер, уфилмувани дека најдобро можно ги играат улогите што им се доверени.
Спасувајте се, кој и како може!
А, државата која им е доверена да ја водат, и не само на план на справување со пандемијата, изгледа како „Титаник“ после удирањето во леден брег на својот транс-атлантски пат. Од кој агол и да се погледне, преживувањето денес во државата е како спасувањето на бродот „Титаник”. Спасувај се, кој и како може! Оставени сами на себе среде хаосот од мерки и протоколи што нè потонаa најдлабоко на дното од држави кои најлошо се справуваат со пандемијата и веќе подолго време со испуштено кормило кон постигнување колективен имунитет на стадо. Иако до вчера нè убедуваа дека добро „танцуваме со короната”? Излезе дека и тоа била приспивна за народот, во тактот на последниот валцер од „Есенскиот сон”?
Насукани и на светското коруптивно дно
Нашиот брод, кој некои од нас сè уште милуваат да го нарекуваат држава запловена по својот транс-атлантски пат, потонува и од криминал, непотизам, клиентелизам и корупција, и тоа е едно зло кое подолго и подлабоко од каков било вирус, системски, како типична домашна епидемија ја уништува и државата и нејзините граѓани. И најстрашното, што и во време на вистинска здравствена епидемија и во време на здравствена загрозеност на животите на сите, криминалот и корупцијата цветаат како никогаш порано. Од кормиларот на нашиов брод наречен држава, до целата посада и посебно меѓу првите класи од заедничкиот брод на кој пловиме.
Она што е впечаток или перцепција на граѓаните е реалност на која предупредуваа и меѓународни претставници во нашата земја, дека „корупцијата е состојба на умот на целото општество, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца. На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени”, ќе рече неодамна амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп.
Да биде апсурдот комплетен, партијата на власт измислува паралелна институција на Антикорупциската комисија, во ликот на нејзиниот Генерален секретар кој треба да биде и прв државен антикорупционер. Истиот оној, преку кого задолжително поминуваат сите партиски списоци за вработувања во државата. И веројатно најодговорен за трансферот на националности кој ни се случува катаден, за остварување на правото од работен однос. Ти пиши се Албанац, ти пиши се Турчин или Србин, а вие другите ако сакате и од живи отпишете се, џабе ви е кога нема под вашата кандидатура за вработување да ви се потпише главниот државен анти-корупционер. Супервизија над еден доброорганизиран систем од непотизам и корупција, од директорите на националните паркови до трансферот на националности поради вработување. Нека потонува бродот, важно договорот за по(т)пис да не падне!
Да ни беа животите само филмска или театарска перцепција
Македонија денес реално е „Титаник“ кој веќе сериозно напукнат на два дела, го допира транс-атлантското дно и своето спасување го продолжува преку расфрлени мали бротчиња за спасување, во кое приказната од „бротчето бр.1”, за последното подмитување и поткусурување станува и наша вистинска реалност. Реалност за еден континуиран поткуп од едни до други избори, па уште дополнет и со лакрдија од попис на брод пред потонување.
А колку би било полесно, сево ова што ни се случува нам и сега, просто да биде само филм или театарски текст, како „Оркестарот Титаник”, на пример, од славниот бугарски автор Христо Бојчев разигран и на нашите некогашни театарски сцени. Ми фали во моментов дури го пишувам ова, луцидниот гениј на Љубиша Георгиевски кој и ја режираше своевремено претставата, да му даде и денес барем малку циркуско руво на овој текст во кој, исто така, може да се препознае нашево бескрајно чекање заробено на дното. Мораме ли баш ние да бидеме налик на тие ликови кои чекаат потонати на дното, како ликовите од драмата на Бојчев?
Во текстот тоа се безнадежници, апсолутни губитници, кои попусто го чекаат возот кој никако да дојде. Сите до еден, се изгубени луѓе кои не преземаат ништо, чекаат и се глодаат меѓусебно. И сите се на погрешната страна од животот, бидејќи другата никогаш и не ја запознале. Тие чекаат воз или надеж на погрешно место, бидејќи сите возови за Европа и светот имаат некои други станици и дестинации, каде ја нема и нивната. На едно асоцијативно ниво, авторот Бојчев сите нив ги споредува со членовите на оркестарот од бродот „Титаник“, кои иако знаат дека им нема спас, ја свират до последно својата музика. Бојчев со текстот нурнува и подлабоко, преоткривајќи некакви траги на надеж и спас за овие луѓе. Тој во драмскиот текст вели дека нивната музика се слушала во водите на океанот и откако бродот потонал – како ехо на надежта и немоќта. Во „Оркестарот Титаник”, надежта се бара во расфрлените остатоци од потонувањето. И како после лош сон, спасот се наѕира во следењето на ехото од звуците на последниот валцер пред потонувањето. Па, преку следењето на сеќавањата од ехото на нашите блиски претци кои плачејќи по параходот, истовремено пееја за љубовта на своите животи неизвалкани од ништо, животи исткаени само со работа, чесност и достоинство. Каде непоткупливоста беше животна вертикала, како спасувачко јаже по кое е можно повторното искачување од спасувачкиот брод бр.1 – симбол на културата на корумпирање кон бродот – наш дом и наша држава кои нема повторно да потонуваат од лакомост, подмитливост и гола борба за живот.
Да ја водеа државата генијални режисери, а не лоши актери во погрешни улоги, можеби и со брилијантна режисерска магија ќе се префрлевме од преоткривањето на последната надеж од бродов што потонува, во некоја друга претстава и перспектива, која очајно, крајно очајно ни треба денес. Будењето на пролетта, на пример. Но, тоа е веќе една сосема друга, така блиска и толку далечна драмска приказна. За друга прилика.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.