Петар Поп-Арсов
Дипломатија?! Уметност за постигнување на договор! Дипломатијата е процес на договорање на соработка, трговија, економија, култура, мир, но и договор за војна. Дури и војните што се водат се зачинети со вкусот на дипломатијата. Класична дипломатија, ад-хок, билатерална, мултилатерална, булдужер дипломатија, културна, парламентарна, економска, јавна и воена дипломатија, тоа се термините кои најчесто ги среќаваме за да ја дефинираат нејзината конкретна специјалност.
Криминална дипломатија?! Има ли дипломатијата ваква специјалност? Мислам не! Тоа веројатно ќе биде наш изум и придонес во развојот на светската дипломатија!
Уапсен дипломат! Дипломати на потерница! Дипломати под истрага!
Вести кои што ги слушаме последниве десетина дена за „постигнувањата и успесите“ на македонската дипломатија. Вести лиферувани од само неколку медиуми и новинари поединци. Само неколку! Останатите молчат или срамежливо известуваат за скандалот со уапсениот дипломат, потерницата и истрагата за евентуално сторениот криминал. Молчат и „професионалците“ од МНР! Молчат нивните „силни“ синдикати кои беа ревносни критизери на секој чекор на македонската дипломатија во времето пред „доаѓање на животот“. Молчат за сопствените колеги, „професионалци“ како нив! Немаат мислење и став за случај во кој учествувале нивни колеги, детално опишан деновиве. Молчат за случај на „шверц“ на осомничен ерменски дипломат и брат на поранешниот претседател на Ерменија, Серж Саркисјан.
Молчи и НВО секторот во услови кога е компромитиран со оваа афера. Молчи тој заробен и политизиран граѓанскиот сектор чија што злоупотреба, со цел извршување на криминал, е недоволен мотив за реакција на неговите првенци. Молчат разно-разни урании и поситни борании од сите оние силни невладини организации кои беа првоборци во донесувањето на „живот во Македонија“. Молчат за сопствените колеги, „активисти“ како нив!
А, политичарите? Политичарите се посебна приказна! Неколкумина говорат, повеќето молчат! Некои напаѓаат, други се бранат, трети се кријат!
Велат дека ермeнскиот претседател Саркисјан бил „проруски човек“. Негова работа, негова земја, негова политичка определба. Исто онака како што е наша работа македонското членство во НАТО и партнерството со САД и ЕУ. Но, каде е тука врската меѓу дипломати од Македонија, земја членка на НАТО, со дипломат и брат на проруски претседател, осомничен за криминал во сопствената земја? Која е супстанцата што ги спојува и создала таква нераскинлива врска која што резултирала со издавање на фалсикувани дипломатски исправи, изнајмување приватен авион, регистрација на невладина организација и инволвирање на сопствената земја во дипломатски скандал со криминална позадина со геополитички импликации?
Парите, или нешто повеќе?!
Министерот Османи и неговиот шеф Заев, кои ревносно протеруваат руски дипломати од Македонија, во исто време поставуваат и упатуваат на дипломатска мисија кадри кои „несебично“ спасуваат брат на „проруски“ претседател. Каква е оваа политика што ја води Заев и неговата влада? Кои се нашите партнери? Каде припаѓаме?
Huston, we have a problem!
Дали со постојаното протерување на руските дипломати Заев има за цел лажно да ја зацврсти довербата кај САД и НАТО партнерите, свесен дека е на нишан на Интерпол поради дипломатско-криминалниот скандал? Мора да е така затоа што од документите кои што проструија во јавноста можеше да се види дека веќе неколку години постои меѓуресорска коресподенција во врска со овој случај. Дури и имаше експлицитно објаснување од страна на Никола Димитров во однос на неговата улога во оваа афера, во кое меѓудругото вели:
„Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат (уапсениот Миле Миленкоски, н.з.). Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки.“
Во обид да се амнестира од одговорност, признавајќи дека знаел за скандалот, при што ги информирал надлежните безбедносни служби, Димитров ја инволвира и компромитира целокупната безбедносна структура на државата. Го компромитира МВР и министерот Спасовски! Според она што во продолжение го пишува Димитров, заклучок е дека нивниот молк и отсуство на навремена реакција придонесува Интерпол да издаде потерница за која тој вели:
„Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 год., долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност.“
Очигледно знаел за потерницата, како што знаел и за истрагата, но отсуството на формална информација додека бил министер за надворешни работи е тоа што „целосно го ослободува“ од секаква одговорност?!
Јака му е логиката!
Од една страна се фали дека постапил исправно затоа што не упатил на мисија дипломат под истрага за учество во меѓународен криминален скандал со геополитички импликации, а од друга страна вели дека не знаел дека е распишана потерница.
Малку е контрадикторно! Малку повеќе!
Зарем мора Интерпол да ни распишува потерници за сите наши криминалци и криминали сторени во и надвор од државата, за да може Димитров да постапува онака како што налага словото на законот? Тој морал да ги информира Заев и Пендаровски и да укаже на разорните ефекти на овој случај по македонската дипломатија и македонската држава. Игнорирањето и занемарувањето на потерницата за македонските дипломати од страна на Димитров, Заев, Спасовски и останатите, ја става целата македонска дипломатија на потерница!
На крајот на своето писание Димитров става круна на сопствената хипокризија и свесно или несвесно директно го вперува прстот кон Заев, Османи и безбедносните служби, за кои вели дека неодамна го упатуваат дипломатот под истрага на мисија во ОБСЕ во Виена:
„Како и зошто сега бил упатен на служба токму тој дипломат и тоа во Мисијата при ОБСЕ, немам информации.
Од изнесениве факти, јасно се гледа дека за време на мојата должност во МНР, службите постапиле законски и во рамки на своите надлежности. Меѓу другото, токму јас го имам искористено дискреционото право да не го испратам овој дипломат на служба, имајќи ја предвид неизвесноста околу истрагата“
Димитров нема информација! Член на владата, вицепремиер, поранешен министер за надворешни, „борец за правото и правдата“, „борец против криминалот и корупцијата“, „борец за враќање на Македонија на вистинскиот политички курс“, нема информација за тоа како еден дипломат кој учествува во афера со геополитички инпликации бил упатен на мисија?
Зарем некој му верува?
Тогаш кој има информација?
Заев?
Очигледно тој!
Тоа е заклучокот од објаснувањето на Димитров и сите доплонителни информации кои беа споделени во јавноста. Во Заев е клучот! Тој треба да го даде објаснувањето!
Неговата „полуизјава“ дека „никој не треба да биде прогласен за виновен додека не се докаже вината“ е новитет во неговиот арсенал на „политички изјави“. Со неа акцентот го става на презумцијата за невиност, исто онака како што стори за сопствениот пријател Драги Рашковски. Со тоа ја става надвор од употреба неговата добро позната флоскула, „законот важи подеднакво за сите“. Флоскула со која однапред имплицираше вина за сите негови лични и политички противници.
Ова говори дека Заев влегува во нова фаза од сопственото владеење. Веќе нема напад врз „криминалот“ на неистомислениците туку одбрана на криминалот на соработниците. Соочен со распадот на сопствениот систем, расколот на локално ниво проследен со неноминирање на досегашните градоначалници во најголемите македонски градови и општини, колапсот во здравството и образованието, пожарите и загубените човечки животи, го принудуваат агресивниот и „крволочен“ Заев да влезе во одбранбена формација. Одбранбена формација која од една страна може да резултира со кревање бело знаме и негово „цивилизирано“ заминување од власт или од друга страна со повлекување во неговиот Führerbunker и борба до крај. Борба со извесни катастрофални последици по македонската држава и економија, но и за него лично.
Последиците од оваа афера врз македонската дипломатија ќе бидат катастрофални. Паѓаат во вода сите тези и декларативни заложби за воспоставување на професионална дипломатска мрежа ослободена од присуството на политички номинирани кадри. Македонската професионална дипломатија ќе биде перцепирана како легло на нереализирани кадри од МВР и останатите безбедносни структури, кои наместо да градат мостови на пријателтво и соработка копаат тунели и катакомби за шпијунажа и криминал во функција на приватни или партиски цели.
Секој македонски дипломат кој ќе биде упатуван на извршување на одредена должност ќе биде гледан со огромна доза на сомнеж, а неговиот дипломатски ангажман и активности ќе бидат примани со резерва. Ова важи не само за Виена и ОБСЕ, туку насекаде во светот. Претстојното македонско претседателство со ОБСЕ веќе е компромитирано и истото ќе остане само една проформа на претседавање во која суштинската компонента ќе биде премостена од страна на Организацијата, оставајќи само привид дека нешто сепак функционира.
Скандалов допрва ќе има свои последици по македонската дипломатија и ќе го бетонира нејзиниот идентитет како дипломатија од потерниците.
П.С.
Зошто Македонија не постапила по потерницара повеќе од една година?
Слично е прашањето и за Австрија, каде што веќе некое време резидирал односниот дипломат?
Зошто не е уапсен на излез од ЕУ, на граничниот премин на кој што излегол и потоа влегол во Србија?
Зошто не е уапсен на влезот во Србија?
Дали и зошто намерно е темпирано активирањето на потерницата (ова не ми е јасно како може повторно да се активира веќе издадена и активна потерница) токму во времето додека транзитирал низ Србија (единствената земја која не е членка на НАТО од земјите споменати во прашањава), за да истиот биде уапсен на граничниот премин Прешево, непосредно пред влезот во Македонија?
Прашања кои ме мачат!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.