Васко Шутаров

Ми одѕвонуваат деновиве зборовите на мојот некогашен професор по политички науки во Белград, проф.Јован Марјановиќ. Кога завршуваа неговите предавања, не завршуваше и дружењето со него, раскошни беа знаењето и мудроста, насобрани a раздадени  во тие негови неформални средби со подобрите студенти. „Да, јас потполно ве разбирам дека вие веќе се гледате како важни политичари во вашите средини, а вие од меѓународните студии, веќе убаво сте се сместиле со мислите во најдобрите амбасади низ светот, но нека не ве разочара ова што сега ќе ви го кажам. Ваша најголема конкуренција, ако се обидете да влезете во универзитетски академски води, ќе бидат оние ваши колеги кои сега помалку се трудат и покажувааат просечен успех. Но, ако влегувате во политика, бидете спремни да влезете во конкуренција и да се борите не само со просечните, туку и со најслабите и најлошите. Бидете подеднакво достоинствени и мудри и во двата случаи! На вистинските вљубеници во политичката наука не им приличи да бидат гневни кога се маргинализирани и отфрлани, уште помалку им приличи да ликуваат кога ќе затребаат само како украс или алиби, на политиките на најлошите. Од вас очекувам да бидете аристократи во политиката, кога светот на политиката ќе го завладеат какистократи”.

Потполно сум свесен колку прозаично звучат овие сеќавања во нималку прозаичниве времиња за занимавање со политика денес. Некогаш, волтвитмановски ослободени од тогашните доминантни стереотипи, догми и предрасуди во науката за политиката, подготвувани да ги зграпчиме и знаењата и денот, како од филмот „Друштво на мртвите поети.” Денес во времето и друштвото на реалните и живи политичари-какистократи, често стаписани пред неможноста на политичката мисла во чекор да ги следи сите облици и форми на владеења, кои мојот омилен професор ги нарекуваше какистократски. А несомнено се остварува во потполност и неговото предвидување, но и пророчката мисла на Иво Андриќ, која последниве години сѐ почесто се цитира. Веројатно, затоа што токму таквите какистократски времиња во моментов и најсилно ги живееме. „Доаѓаат понекогаш такви времиња, во кои паметниот замолчува, будалата проговорува, а фукарата се збогатува”.

Политичкиот поим какистократија, кој за жал сѐ уште ретко наоѓа примена во современата политичка мисла, во 1829 година прв го употребил англискиот книжевник Томас Лав Пикок, спојувајќи ги грчките зборови какитос-најлош и кратос-владее. Два века подоцна, преку овој книжевен термин, наједноставно може да се дијагностицираат и дефинирираат политики на владеење кои се карактеристични по нивното практикување власт со најнеспособните и најмалку стручните, просто со најлошите.

Уште Макијавели во својот „Владетел” запишал дека кога ќе судиме за умот на владетелите, најнапред ќе судиме според она со какви луѓе тој е опкружен. Ако за тој круг на најблиски соработници околу владателот се стекне впечаток дека се способни и владетелот ќе важи за умен човек, бидејќи знаел да направи добар избор и да ја процени нивната способност. Ако не важат за такви, најпрво за него ќе се формира лош суд, бидејќи уште со првиот чекор ја погрешил работата и направил погрешен избор на свои соработници. Впрочем, како што и ние се цениме меѓусебно, според пријателите со кои сме опкружени.

Но, кога тендециозно се протежираат најлошите и кога најнекомпетентните добиваат најодговорни функции и задачи, веќе можеме со сигурност да сметаме дека властите се зафатени од оваа најстрашна болест на владеењето, наречена какистократија. И не само поради отсуството на знаење, вештини, талент и визија во владеењето, отсуството на систем од морални норми и вредности, туку најмногу поради непоправливото криминогено животно однесување и владеење по таквите принципи и правила.

Во режимот на какистократијата нема место за најдобрите и најспособните, тие се добри само ако се тргнати на страна од сите поважни политички процеси. Медиокритетството и површноста стануваат посакувана норма на однесување, во кои вистинските знаења и вештини јавно се исмеваат и омаловажуваат. Најдобрите и најспособните или си одат или креваат раце и од државата и од политиката. Какистократијата и најдобро владее така, кога ќе успее да ја направи политиката одбивна за сите оние кои во нормални демократии може активно да креираат политики.

Интересно е, со колкава внимателност и воздржаност европската политичка мисла ги третира современите политички феномени на какистократија. Почесто ќе прочитаме или слушнеме за стабилократија или хибриден режим кога треба да се дефинираат отстапувањата во демократските капацитети на кревките демократии, во споредба со напредните западни демократии. Тоа посебно се однесува за државите од нашиот потесен регион и нашата држава.

Изненадува современата руска политичка мисла, која многу поотворено пишува за какистократско владеење и меритоцид, како систем кој се практикува во одредени држави од руската интересна сфера, каде обично најдобрите и најкомпетентните луѓе се делумно или потполно отфрлени од системите на владеење. Несомнено и легитимно право е во политичкиот наратив и на едната и на другата страна, како ќе ги именува и ќе ги комуницира ваквите демократски „лабилократии”, пред сѐ, во склад со интересите на нивните стратешки политики.

Со кои одбрани зборови од политичкиот речник да се опише практикувањето на актуелната македонска политичка власт, кога нејзиниот политички профил како по терк се исцртува во дефинициите за вистинска какистократија. Ако првично само според приложените биографии постоеше сомневање дека во најголем дел недоволно стручни и несоодветни кадри ќе вршат клучни државни функции, недолго потоа, крајно неумешното справување со проблемите од нивните надлежности, а посебно коруптивните и криминални афери кои во пракса го следат нивното дејствување во континуитет, покажаа дека какистократското во македонската власт не е ислучок, туку избор и правило во поимањето и практикувањето на државна власт. Не постои владин ресор кој не предизвика и гнев и срам кај македонскиот граѓанин. И без исклучок – ниеден! И така во непрекинат континуитет, полни четири години.

И таман ќе помислиме дека разочарувањата, срамот и гневот од катастрофално лошите политики на домашната какистократија стивнале или можеби се исцрпиле, стигнува нова отрезнувачка доза за непоправливиот какистократски карактер на актуелната македонска власт. Така и деновиве разбираме, паралелно со дипломатската „еремијада” во Брисел, дека „власта нема да дозволи на маса да се преговара за македонскиот јазик и идентитет”, под маса дома, истата таа власт почнала да турка предлог-закон за раскрчмување и тотална распродажба на македонската земја. И тоа сѐ за едно евро, а и помалку! Ние најсериозно имаме работа со непоправлива какистократска клика, која државните и национални интереси ги користи само за пазарење на лични користи и интереси и имаме дефинитивно, крајно голем домашен проблем кој мора да го решаваме ургентно, најнапред самите ние.

Какистократите кои ни ја владеат државата, сериозно немаат никакво чувство за она што е државничко и свето во државните работи. Земјата на пример, која не само што е наследена од нашите предци, туку е пред сѐ, најголемо национално благо позајмено од идните поколенија. За разлика од распродажбата на претходните државни и национални интереси, сега цената е јавно обзнанета и багателна. Клептократскава власт ни подготвува нам и на идните поколенија, кираџиство во сопствената земја. И модерен феудализам, во кој land-grabbing или класичното разграбување земја ќе се случува како во Африка и Средна и Јужна Америка од минатите два века или во државите од поранешниот Источен блок, пред две-три децении.

Да се чуди човек, како ова не толку големо парче земја што милуваме да си го викаме своја држава, сѐ уште постои под постојаните налети на клептократија од епски размери. И таман ќе помисли човек дека веќе нема што да крадат, кога повторно без трошка скрупули и земјата и почвата на пазар ќе ги извадат.

А и не само тоа! Туку уште отсега се отвораат сѐ понови можности                                                                                                                                                                             преку нови партнерства со домашни и странски финансиски моќници, за дораскрчмување на државната земја, за пазарење во четири очи, за опстанок на корупцијата и криминалот во следните десет и сите години потоа, кога истото тоа земјоделско земјиште ќе може да се трансформира во нешто друго, кое земјопоседниците ќе го посакаат. И после сѐ, државата повторно ќе си ја плаќа сопствената земја за многукратно повисоки цени од сегашниве, кои повторно ќе завршуваат во некои приватни џебови.

Сериозно оваа одродена власт не дава пет пари за македонскиот земјоделец, кога планира да продава државно земјоделско земјиште и по 0,20 центи по квадрат, но под диктатотот на крупниот земјоделски капитал, нема да страдаат само македонските земјоделци. Допрва граѓаните ќе ги пресметуваат и ризиците по здравата животна средина, ризиците од монокултурното третирање и опустушување на почвата, новиот процвет на дивоградби кои ќе никнуваат и таму каде што не ги сееш.

Да, точно е дека борбата за храна и добра земја станува приоритетна точка од дневниот ред на сите држави, точно е дека окрупнувањето на земјоделските површини е тренд во силно субвенционираните европски земјоделски политики, но истовремено факт е дека токму преку овие трансфери на милијарди евра европски пари, загрижувачки и за бриселската администрација, се формираат нови аграрни мафии, посебно во кревките демократии од европскиот исток. Факт по кој домашата какистократија се има сериозно настрвено.

Едно е сосем сигурно! Колку што е непобитен фактот дека земјата е ограничен ресурс и стратешки имот кој допрва ќе нема цена, исто толку е непобитен фактот дека нема лимит за алчноста на домашната какистократија да спушта цена и распродава, што национални блага, што државни и национални интереси, за свој личен интерес и опстанок на политичката сцена.

П.С. Неодамна, срамежливо нѐ одмина еден промотивен видеоматеријал на млад Унгарец за Македонија, во кој нашата држава беше претставена како земја во кои граѓаните не си го сакаат името на државата. Не би ме чудело, во некаков друг сличен промотивен материјал, да бидеме претставени и како држава која не си ја сака сопствената земја, па ја распродава. Веројатно не знаат Унгарците колку вреди нивната земја, штом и со Устав забраниле таа да се отуѓува и продава. Ние на нашата, ѝ одредивме цена! Сѐ за едно евро, а и помалку?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.