Васко Шутаров
На последната македонска младост ѝ се случи долго ветуваното чудо! Власта конечно не излажа и вистински „ја донесе Европа дома”. И гледај, чудо?! Пожарникари од цела Европа се здружија да ја спасуваат Македонија од огнената августовска стихија и комплетното пеплосување на цели македонски региони. И тоа во едно така незгодно време, строго резервирано за колективен одмор на македонската власт.
Разбашкарана покрај мориња, што блиски што подалечни, актуелната власт одлучи дека мора да одмори од импозантните резултати што ги постигна на сите нивоа на владеење и на сите животни полиња на своите граѓани. И дека токму деновите додека Македонија и буквално гореше, беa вистинскиот момент за лабаво лешкарење на сонце, добивање тен и разладување во морските води. Барем таков беше „визионерскиот владин план”, да се вратат освежени, опуштени и со нов тен директно па на мегаломанската прослава на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Организирана за крупни политички фигури и „за ситно од половина милион евра”, потрошени за еден ден.
Дури ни збувнувањето на стихијата од (којзнае кој по ред) нов коронабран, не ја возбуди претерано власта, гладна за „разбибрига“, одмор и уживање. Ладно си истипкаа и разменија пораки за нови мерки, како пресликани од збор до збор, од 58 до 60 страна од Орвеловата „1984”. Лежерно подавајќи му ја те едната, те другата страна од телото на августовското сонце и морскиот лахор.
А во сенка на очигледнава за цел свет перверзија од владеење, едно едвај видливо и за власта крајно маргинално случување. Одбележувањето на 12 Август, Светскиот ден на младите и истражување објавено по тој повод. Што мисли последната македонска младост за себе и државата, еве телеграфски само низ неколку показатели од истражувањето остварено во соработка со британската Фондација за демократија на Вестминстер.
Само една третина од македонските млади испитаници (30,5%) веруваат дека за 5 години државата ќе биде подобро место за нивно живеење, а дури две третини од младите (64,8%) се незадоволни од актуелното место во општеството. Помалку од половина или 44% од младите веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година. Приближно две третини (58%) од младите кои веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ сметаат дека тоа ќе се случи до 2025 година.
Повеќе од половина од младите луѓе (56%) ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките настани и случувања во земјата, а 58% од младите би се иселиле од државата, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата. Речиси 8 од 10 млади (77,3%), сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби, а само една третина од младите (29,2%) сметаат дека властите се запознаени со потребите и проблемите на младите луѓе. Крајно високи 83,9% од анкетираните млади веруваат дека не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите, а 7 од 10 млади (69%) се опишуваат себе си како главно или воопшто неактивни граѓани во општеството.
Скоро 70% од младите никогаш не биле консултирани од властите, ниту на локално ниту на централно ниво, а мнозинството млади (62%) сметаат дека Владата е недоволно посветена на решавање на проблемите на младите. Само 1 од 4 млади луѓе (24%) имаат позитивно мислење во однос на работата на Владата, 40,9% од анкетираните млади се незадоволни од начинот на справување со кризата од страна на државата, а цели две третини од младите сметаат дека се потребни построги мерки за справување со коронавирусот од страна на властите.
Скоро половина од младите (42,9%) веруваат дека пандемијата е вештачки создадена од мала група моќни луѓе со цел да владеат со светот, само еден од тројца млади или 33%, се спремни да се вакцинираат против ковид-19, а дури 46% не би се вакцинирале, додека 20% сè уште не одлучиле дали ќе се вакцинираат.
Посебно загрижувачки се податоците што се добиени со истражувања спроведени помеѓу младите со попреченост и младите од помалите етнички заедници. Само 11% од младите со попреченост сметаат дека работите во земјата се движат во правилна насока и 56% сметаат дека земјата е подалеку од ЕУ во споредба од пред една година. И само 8% од младите со попреченост сметаат дека властите целосно или прилично се грижат за нив и нивните проблеми, а 89% од оваа група млади досега не биле вклучени или консултирани од институциите при носење одлуки. Кај младите од помалите етнички заедници, дури 68% би се иселиле во случај на можност, а скоро сите млади од оваа група 89% сметаат дека на нашата земја ù треба лидер со цврста рака. Што би рекле, не „лидер” со лепливи прсти и ставови што се менуваат побрзо од дневните промени на времето.
И ни малку случајно, среде августовскиов владин стихиен распашој и потполно испуштените од контрола огнена и вирусна стихија кои се шират и ја загрозуваат безбедноста на државата, американскиот Стејт Департмент преку својот портпарол, ја поздрави 20- годишнината од Охридскиот договор, акцентирајќи ја загриженоста, посебно за младата популација, преку дипломатски избраните фрази за „создавање еднакви можности за сите млади и градење држава во која неопходно е да се користат вештините на сите нејзини граѓани”. Нормално, дежурната владина ПР-служба и провладините медиуми направија сè и оваа првостепена по важност порака од најголемиот стратешки партнер на државата, апсолутно да се маргинализира. Како што направија и во февруари минатата година со објавата за истражувањето на угледниот британски економски магазин „Економист” за рангирањето на државите со најголема стапка на „одлив на мозоци”, посебно високо-образовани и талентирани млади луѓе, каде Македонија го зазема високото 8 место во светот. Кореспондираат ли американските пораки и британските истражувања за состојбата со младите во Македонија? И кореспондира ли претходново со апсолутната незаинтересираност на владата овие две важни предупредувања да добијат поголема јавност и можност за широка дебата, посебно после амбициозната во донесувањето, а во практика едвај заживеаната примена на Законот за младинско учество и младински политики, донесен во јануари 2020 година?
Црно ù се пишува на Македонија имајќи ги предвид размислувањата и чувствувањата на младите во врска со нивните перспективи во сопствената држава. Крајно поразителни и разочарувачки се состојбите од секој можен аспект. Пет пари не дава владата за армијата од илјадници млади кои одамна ја напуштија државата, да ги мотивира барем со некаква политичка мерка да се вратат или планираат враќање, ни пет пари не дава за оние кои во меѓувреме заминаа или чекаат само погоден момент да спакуваат куфери и заминат. Некој педантно пресметал дека иселувањето на само еден образован млад човек, во просек државата ја чини 40.000 евра. Ништо помалку не чини заминувањето на млад човек што се стекнал со одредена професионална вештина која веќе умешно ја применува во некоја странска држава. А никој педантно да пресмета колкаво човечко, интелектуално и професионално богатство се иселило и колкаво богатство реално губи државава сиве овие пусти години! Или конечно, колку ја чини државата што сè уште цела една третина од младите што останаа дома и понатаму работат на црно и се секогаш први на удар кога некој треба да се казни или отпушти од работа. Наместо да бидат посебно поттикнувани и стимулирани да останат, за што само малку добра политичка волја фали. Фали, непрестано…
Последната македонска младост е една прерано созреана млада генерација потполно свесна дека залудни биле напорите на поединци или цели генерациите пред нив, кои ги посветувале и животите за државата – да ја биде! Македонските деца на транзицијата пораснаа со траумите на младата македонска држава, прерано созревајќи и согорени од непрекинатото генерирање општествени и економски неправди, сиромаштија и отсуство на ред и поредок, непрекинато генерирање на политички новокомпонирани елити и комплетно девалвирање на политиката, постојаното генерирање на истите стари шеми за лажни надежи дека само што не дошло подоброто утре кое ќе отвори перспективи какви младите во новиот милениум посакуваат, очекуваат и заслужуваат. Оваа младост распната помеѓу последната одлука на исчекување и одлуката за конечно заминување, тешко може да се мапипулира и потпадне под шарените лаги на слаткоречивата дневна политика, политика безброј пати само последниве години фатена на дело, како се изживува над државата која ја дотера до состојба на крајна карикатурална нефункционалност. И безброј пати фатена во злоделата на подигрување и ругање со здравиот ум на своите граѓани и со нивните суверени права и слободи, на кои уште допрва планира дополнително да им се настрвува, ограничувајќи ги или сосем укинувајќи ги.
Секој од нас има некој свој близок надвор од државата, и не еднаш сме слушнале и лично, дека нивната прва и најдобра животна одлука била заминувањето од државата. Еден добар дел од нас кои и покрај сè останавме дома, сè уште се држиме до стариот добар бобдилановски стил на верување дека „секогаш треба на надежта да ù се остава отворен простор и кога е морето бурно а небото истрошено од синило”, и дека конечно ќе доживееме да слушнеме и за наши блиски или подалечни, кои донеле и втора најдобра животна одлука во животот, да се вратат дома и да продолжат да и го даваат најдоброто од себе. На земјата која никогаш не престанала да го заслужува тоа. И кога други владееле со неа, и кога свои ја докрајчувале и го бркале најдоброто од неа.
Последната македонска младост пред заминување, може да даде најмногу уште една и тоа последна шанса, за длабоки и коренити промени на досегашните поразителни политики. Првите следни локални и парламентарни избори, ако не го донесат најургентно и највисоко на македонскиот дневен ред прашањето за младите и нивните перспективи во сопствената држава и локални средини, ќе останеме со свиркањето или тивкото потпевнување на „Параходот” или „Километрите”, како проклета константа во судбината на Македонецот. А кој не ја доживеал и разбрал длабоката болка да биде „кираџијче и јабанџијче”, што во сопствената земја, што во далечна туѓина, не разбрал ништо од животните маки и нема право да осудува никој кој допрва ќе сака да си замине.
Ќе напишеше Брехт кон темава, „дали може да има песна во тешките времиња”. И ќе додадеше, „да, секогаш има песна за тешките времиња”. Најновата песна за тешкотиите на последната македонска младост, токму во моментов се создава и пее…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.