Петар Поп – Арсов

„Првиот американски попис од 1790 година постави само шест прашања: името на главата на домаќинството, бројот на слободни бели мажи постари од 16 години, бројот на слободни бели мажи помлади од 16 години, бројот на слободни бели жени, број на други слободни лица и бројот на робови.“

Така било некогаш одамна. Поодамна и од времето на она, добро познатото, Once Upon a Time in America!

Не знам дали првиот американски попис бил под политички, етнички или некој друг вид на притисок, но сигурно е дека не бил под притисок на пандемија од досега невидени размери во поновата човекова историја. За разлика од првиот американски, без разлика на тоа што споредбата на мравка и слон е несоодветна, првиот попис во северната им Република Македонија е под притисок на многу нешта, повеќе од она кое што и најголемите песимисти можеа да го претпостават.

Попис во услови на пандемија!

Зар постои човек со здрав разум, кој што пред појавата на пандемијата ќе помислеше дека една влада некогаш ќе биде подготвена да ја спроведе најмасовната статистичка операција во услови како што ги имаме денес. Попис во услови на рекордна смртност, колабиран здравствен систем и речиси колабирана економија. Да, системот е колабиран! Не постои! Недостасува само уште официјалното признание од македонската влада за неуспехот во справувањето со пандемијата, неуспехот во набавката на вакцини и неуспехот на сите останати полиња.

За волја на вистината некако се навикнавме на овие неуспеси. Тие станаа наше секојдневие, стандард на нашето живеење. Навикнавме на сите корупциски скандали, лаги, трагикомични лапсуси и гафови. Веќе имам чувство и како воопшто да не се возбудуваме на рекордните бројки на заразени и починати кои ни се случуваат речиси секој нов ден. Веројатно се работи за природна реакција на организмот за самозаштита од депресија и останати психички заболувања кои неминовно ќе погодат значителен дел од популацијата. Успеаја да ни создадат навика катадневно да живееме соочени со смртта. Лице во лице, tête à tête! Најголемиот успех на оваа влада во борбата со пандемијата!

Некој ќе рече, Македонија не е единствената земја која се соочува со овој проблем, а македонската влада не е единствената влада во светот која што со поголем или помал успех се справува со предизвиците и последиците од Ковид кризата.

Точно!

Но, македонската влада е можеби единствената влада во светот која форсира попис по секоја цена, токму сега, во време на најсилниот бран на пандемијата! Попис кој го одложија далеку посилни држави и влади од оваа на Заев. Земји со подобро организиран и побогат здравствен систем. Земји во напредна фаза на имунизација на сопственото население. Земји со јасна стратегија и план за заштита на граѓаните и нивното здравје.

Ќе имаме попис во време кога македонскиот правен, политички, здравствен и безбедносен систем се целосно нефункционални. Парламентот не функционира! Правото и правдата се ставени исклучиво во функција на пресметка со политичките противници, преку временски темпирани активности кои имаат за цел да го дефокусираат вниманието од скандалите на владата и владините претставници. За здравството да не се повторувам. Доволно е тоа што ги видовме колоните Македонци упатени кон Србија на вакцинирање, со што, патем кажано, Србија ја добива „Третата балканска војна за Македонија“ во однос на Бугарија, како колективен нус ефект од вакцинирањето. Ништо не е случајно!

Ќе имаме попис во време на руиниран безбедносен систем. Попис во време кога јавната обвинителка, исто така, јавно си призна дека акцијата против трговците со дрога била компромитирана. Компромитирана од кого? Од припадниците на безбедносните структури?! Од оние високопозиционираните кои се најповикани и платени да се борат со ова зло?! Ќе ги барала виновниците и ќе ги казнувала! Комедија!

Како врв на се, ќе имаме попис во чии што рамки податоците кои што ќе се собираат нема да се евидентираат на хартија, туку некаде во „облак“. Електронски виртуелен облак. Попис во облаците! Попис без никаков контролен и заштитен механизам!

Со ваков безбедносен систем и систем на компјутерска заштита, прашање е само на време кога „македонските пописни облаци“ ќе бидат оддувани, малку на запад, па малку на исток, по што ќе ни се случат поројни дождови од рамковни проценти збогатени со братската љубов која произлегува од социјалната димензија на пасошите на нашиот сосед.

Доаѓаме до главниот лик и најголем промотор на пописот. Дитекторот на Заводот за статистика. Тоа е единствениот функционер, кој заедно со премиерот Заев ревносно се залага за оддржување на пописот. Попис веднаш и сега! Заев и тој, тој и Заев! Останатите владини функционери некако не се истакнаа со некои зачестени изјави дека е потребен попис токму сега.
Тој е единствениот кој говори дека не постои никаков ризик по здравјето на граѓаните и дека ќе бидат запазени сите медицински протоколи, при што ниту еден лекар во државава не смогна храброст да го каже истото. Барем толку се стручни, совесни и не сакаат да се бламираат ширејќи онакви небулози како што шири „медицинскиот експерт“, како се викаше, да, се сетив, Симовски?! Но, дали нивниот молк ќе ги ослободи од одговорност, пред се, пред нивната струка и нивната совест?!

Симовски е единствениот кој повикува на казни и кривичен прогон, измислувајќи одредби во кривичната легислатива. Не слушнавме од ниту еден правник дека такво нешто постои. Напротив, сите кои што излегоа во јавноста ги демантираа тврдењата на „правниот експерт“, повторно тој истиот, Симовски. Се прашувам, која е казната за оние кои што се закануваат и заплашуваат со непостоечки правни ограничувања, како во случајот на директорот на Заводот за статистика?! Постојат ли такви одредби во македонското законодавство кои што ќе го скротат секој правен насилник кој ја злоупотребува сопствената положба и врши медиумска тортура влегувајќи во домот на секој граѓанин?

Не слушнавме дека некој политичар се залага за промена на македонското законодавство со цел внесување на одредби со кои ќе се криминализира апстиненцијата или правото на бојкот. Нормално, никој не сака да ја руши сопствената репутација, кредибилитет и доверба како политичар кој ја стекнал и добил од граѓаните. Но, „политичкиот експерт“, кој не добил доверба од никого, освен од својот шеф, се појави и во улога на законодавец залагајќи се за воведување на санкции во македонското кривично право.

За да го заокружи процесот, воопшто не се воздржа да ја покаже својата амбиција за егзекутор и извршител на споменатите санкции и истиот лично повика на ревносно казнување и санкционирање на сите оние кои не се по неговата мерка.

Директорот се промовираше и како „економски експерт“, укажувајќи дека пописот е неопходен, веднаш и сега, заради евиденцијата на работна сила која што би стоела на располагање на евентуалните инвеститори во државата. Во последниве неколку години „се изнагледавме инвеститори“ кои се „борат кој повеќе да инвестира“ и токму сега се потребни податоците за работната сила. Небаре македонските работници се робовите од приказната за првиот американски попис, па е неопходно да ги евидентираме за македонската економија да тргне со светлосна брзина напред во време на врвот на пандемијата.

Симовски, човекот кој прв го пушти пробниот балон за изоставување на графата за етничка припадност, како најголем „компјутерски експерт“ гарантира дека неговите „пописни облаци“ се сигурни и заштитени од секакви „атмосферски појави“ и несакани упади во целокупната база на податоци. Тоа е човекот кој што е олицетворение на оваа власт и првиот „македонски суперексперт“ од сите области. Засега е недопирлив и неуништлив, отпорен на сите притисоци и влијанија, највеќе благодарение на незаинтересираноста и убиениот дух на заспаната македонска интелектуална јавност!

До кога? Ќе видиме!

Ќе имаме попис во услови на отсуство на политички консензус!

Консензусот можебие најважниот и најпотребниот елемент со цел да се релаксира постоечиот набој меѓу македонските граѓани. Политичкиот консензус е неопходен за да се пресретне и превенира несаканото возобновување на меѓуетничките тензии. Консензус ќе ги превенира агресивните акробации на Груби и Османи кои неодговорно провоцираат реакција кај македонскиот народ. Тој е неопходен за да се обедини општеството во борба против пандемијата и се поизвесниот крах на македонското здравство под налетот на третиот бран на Ковид кризата. Паролата беше „живот за сите“, а не „закана од болест и смрт за сите“! Прашањето е пресериозно за да служи како поле за дневно политичка пресметка на двете доминантни македонски партии, кои во моментов имаат историска одговорност. Неопходно е консензусот да биде постигнат, макар во пет до дванаесет! Секоја поделба и половично решение ќе биде од трајна штета за македонската држава, а пред се за македонскиот народ. Резултатите од пописот ќе имаат далеку подолгорочни ефекти врз македонската држава, во споредба со должината на политичките кариери на двајцата актуелни лидери, колку долго и да трајат. Клучот е кај нив!
Одлагањето нема да претставува крај на светот ниту крај на Македонија, како што нема да биде крај ниту за една Германија, Србија, Хрватска, Бугарија, Романија, Косово, Ирска и многи други кои што го одложија пописот во сопствените земји, токму поради Ковид кризата. Овие земји избраа живот!

Зарем тоа не е доволен аргумент?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.