Петар Поп Арсов

Кочани, 2-ри август. Ден Илинден. Стравични слики се шират на социјалните мрежи. Градот е пред катастрофа! Пожар! Апели за помош, исполнети со очај и паника доаѓаат од „првата линија на фронтот“. Веќе се зафатени првите куќи, а на телевизија, концерт! Концерт на Мечкин камен! Неформален, опуштен, растоварен од „непотребните“ пригодни говори во чест и слава на Илинденците. Се свири „Чукни во дрво“.

На „првата линија на фронтот“ седи целиот државен врв. Сосема безгрижен и внесен во нотите на едно „капитално“ музичко дело како што е „Чукни во дрво“, кое како лимунада лесно „лизга“ на летните горештини освежувајќи ги присутните конзументи. Од секогаш сум се прашувал која е тајната вредност што во себе ја крие ова дело?! Која е вредноста што никогаш не успеав да ја препознаам или почувствувам, особено нејзината музичка компонента?! Која е вредноста на патетиката на текстот, кој звучеше уште попатетично инерпретиран токму на местото на кое што се удрени темелите на Македонската Република?! Која е вредноста на тоа парче музика кое толку го обзеде и внесе во себе целиот државен врв, за да бидат целосно егзалтирани пред очите на целата македонска јавност во моментите кога Македонија почнуваше на големо да гори?!

Македонија гори, а тие седат… и седат, слушаат музика и пристојно аплаудираат! Некои имаа време да се напијат кафе и направат фотографија за спомен со авторот на „Чукни во дрво“. А пожарите? Пожарите можат да чекаат!
Приказната за пожарите започна на Илинден, втори август, денот на Востанието. Траеше 10 дена! Зборувам за приказната, не за пожарите. Пожарите сè уште тлеат, но приказната ја има сосема малку, како догорче во македонскиот медиумски простор. Нејзината десетдневна симболика заврши пред некој ден, на 13-ти август, денот на задушувањето на Илинденското востание, падот на Крушевската република и денот на потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид.
Симболика или случајност?

Симболика дефинитивно има, а во случајност верувам исто како што „верувам“ дека пожарите избувнале случајно, самите од себе, онака сериски и без никаква причина.

Вестите почнуваат со други теми, заменети со новата приказна која требаше да го симболизира „Фениксот“ на Македонската Република подигната од сопствената пепел, токму на 13-ти август. Рамковниот договор! Аман веќе од симболики, митови и легенди! Аман веќе од трошење огромни пари на непродуктивни прослави и одбележувања на безначајни датуми кои никој не ги доживува како нешто кое што му го подобрило животот.

Пожарите како тема не се и не смеат да бидат спинувани и туку така заборавени! Тие не се чудото кое што поминува за три дена! Пожарите го покажаа целиот трулеж на оваа власт и начинот на кој што ја води државата. Ја покажаа нивната неспособност, дрскост и неодговорност!

Крајно неодговорно е да се остави земјата неподготвена и без соодвети ресурси за борба против огнената стихија. Неспособност е да не се спроведе неопходниот сервис на противпожарните авиони кои веќе ги имаме или пак да не се набави соодветна опрема, возила и механизација кои ги немаме или кои се целосно застарени. Да не беше ФАП-от на Јоцо Манго и неговите 8000 илјади милиони тони, литри, хектолитри, метри кубни на квадрат вода што ги истурил врз пожарите, отиде и Гевгелија!

Дрскост е да се изјавува дека има само материјална штета! Дрскост е да се вели дека тоа се само дрвја кои многу бргу ќе ги обновиме! Како тоа бргу ќе обновиме шумски пространства кои што се пошумувани од нашите татковци и дедовци уште пред 40, 50 и повеќе години? Како ќе ги обновиме дрвјата кога секоја досегашна активност која имаше за цел пошумување и возобновување на шумскиот фонд е запрена?! Со години е запрена манифестацијата „Денот на дрвото“, но затоа имаме секојдневен натпревар за титулата „Дрвото на денот“ преку небулозните изјави на перјаниците на оваа власт. Фрлањето пепел во очи на сопствените граѓани стана секојдневие на дрскиот Заев. Му е гајле! Чукни во дрво, чукни три пати и чекај да залади!

Неговото одење на одмор, заедно со целата негова булумента од првиот концертен ред на Мечкин камен, токму во моментите кога Србија, Словенија, Австрија, Романија и Бугарија испратија сериозни ресурси за спрaвување со пожарите, беше дрскост над сите дрскости кои што ги има видено овој народ и оваа земја.

Дрскост се изјавите дека штетата од пожарите ќе ја сносиме солидарно, сите ние, граѓаните на Македонија. Неверојатна леснотија на задирање во џебот на секој од нас, како тоа да е најлесното и наједеноставното нешто на кое што сме обврзани додека сме под „чизмата“ на Заев.

Точно, ќе ја платиме цената, го кажал тоа Заев или не! Но тука имаме еден момент кој треба да го расчистиме. Оваа влада презела обврска и одговорност дека ќе управува и ќе се грижи за Македонската држава, нејзините добра, имот и имотот на граѓаните. Секое непостапување, било да се работи за ненавремено сервисирање и оспособување на опремата за нејзино ставање во функција кога тоа е најпотребно, или секое отсуство на дополнување на ресурсите, било да се технички или човечки, подлежи на повикување на одговорност. Немањето на доволно противпожарни возила, опрема и пожарникари е одговорност на оваа влада. Некој треба да одговара! Ние граѓаните ќе ја плаќаме оваа штета со генерации, но некој мора да сноси политичка и кривична одговорност за крајно несериозниот и дилетантски однос.

Правото, правдата и правната држава се на испит!

Кризата со пожарите неизбежно ја воведе државата во кризна состојба која што беше прогласена од надлежните. Можеби досега најоправданото воведување на кризна состојба кое што не беше оспорено од ниту еден политички или општествен ентитет. Кризна сосотојба за да ја реши кризата?! Барем така вели здравиот разум и логиката! Кризна состојба за да се комплетира потребната опрема и механизација?! Кризна состојба за да се пополни недостатокот од пожарникари и да се сервисира она што навреме не го сервисираа?!
Не!
Не е за тоа!
Воведувањето на кризната состојба беше веднаш искористено за донесување на владина уредба со која се утврдува додаток на плата за вработените во централната власт. Класична злоупотреба на кризната состојба за озаконување на изборен поткуп и корупција на администрацијата. Класична подготовка за изборни манипулации затскриени зад густиот чад од пожарите кои што, судејќи според епилогот, на власта добро и дојдоа.

Дали поткупот и корупцијата на гласачите останува да биде единствениот адут во рацете на Заев? Дали отсуството на резултати, енормната корупција која е потврдена од сите релевантни меѓународни институции, катастрофалната економска состојба, нула странски инвестиции, државниот долг што расте со галопирачка брзина, блокираните евроинтегративни процеси, партизираното судство, нефункционалниот здравствен систем, надрилекарското управување со Ковид кризата, руинираното образование, девастираната животна средина, инфраструктурата во распаѓање, одењето на плажа додека државата гори и уште многу нешта карактеристични за оваа власт кои што предизвикуваат чувство на несигурност и незадоволство, ќе бидат амортизирани со само една владина уредба? Амортизирани со 15% до 30% додаток на плата за оние подобните кои што го „фасцинирале“ и „изненадиле“ својот шеф со својата исполнителност во извршувањето на работните задачи за кои веќе се платени?!
Мизерија!

Ќе остане ли оваа уредба единствениот владин „бисер“ со кој ќе се закитиме во оваа кризна состојба или можеби до крајот на истата ќе добиеме цела низа од контраверзни уредби со кои власта дефинитивно ќе се наметне како најголемиот профитер од сопствената неспособност и неодговорност?!

Затоа приказната за пожарите не смее да заврши како што завршува секое чудо, за три дена. Особено не сега по заминувањето на австриските и словенечките херои кои несебично се жртвуваа лице во лице со огнената стихија. Мора да бидат пронајдени сите оние кои учествувааа во подметнувањето, но и да бидат откриени нарачателите на овој синхронизиран напад врз Македонија. Утврдувањето на нивните мотиви и цели е приоритет кој институциите, обвинителство и останатите органи на прогон им го должат на граѓаните. Неспособноста и неодговорноста во справувањето со пожарите не смее да биде надополнета со неспособност и неодговорност во следната фаза од приказната. Казнувањето на сторителите, нарачателите и профитерите од оваа катастрофа претставува приоритет за македонските граѓани кои во никој случај не смеат да ја заборават опасноста со која се соочија и децениските последици од истата како резултат на неспособност, дрскост и неодговорност.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.