Дафина Стојаноска
Пред век и повеќе Карло Колоди ја напишал безвременската приказна за Пинокио.
Мајсторот Цреша пронашол парче дрво што плаче и се смее како бебе. Тој му го подарил дрвото на мајсторот Ѓепето, кој сакал од дрвото да направи кукла, која ја нарекол Пинокио. Веднаш по изработката, Пинокио оживеал и започнал да прави палавштини. Ѓепето го гледа Пинокио како свое дете и си го продава палтото за да му купи буквар, но Пинокио го продава букварот за да гледа претстава со марионетки. Дрвените кукли од претставата го препознаваат својот брат Пинокио, но тогаш се појавува кукларот Голтнипламен. Голтнипламен му дава на Пинокио пет златници за да му ги даде на Ѓепето, но Пинокио ги среќава Лицесот и Мачорот, кои успеваат да го измамат и да му ги земат парите. Во една шума, тие го напаѓаат Пинокио и го обесуваат на еден даб, но го спасува самовилата. Тогаш, Пинокио кажува лага и започнува да му расте носот… Крајот на оваа приказна сите го знаеме…
Да се вратиме сега во реалноста, поточно во нашата Македонија.
Едни „мајстори“ пронајдоа парче „дрво“ и од него создадоа еден современ пинокио. Тој пинокио стана „многу славен“. Славата го удри во глава и почна неизмерно да лаже. Секојдневно почна да излегува во јавност, да дава една изјава наутро, па навечер истата да ја демантира. Така лажејќи, на нашиот современ пинокио не му порасна носот, туку му порасна желбата за неизмерно лажење. Со секоја негова нова лага пак, на нашата Македонија ѝ порасна срамот од овој современ пинокио.
Минуваат денови и денови, а современиот пинокио не престанува со лажење. Крајот на Карловата „Пинокио“ е поучен, но крајот на современиот пинокио е срамен. Не сака јавно да признае за сите досегашнилаги и јавно да се извини, туку продолжува, не престанува. И мисли дека со истите лаги повторно ќе го излаже народот.
Е, тука многу се лаже нашиот современ пинокио. Лагите со кои продолжува, токму тие лаги ќе ја завршат неславно неговата приказна. Но, тој нема да заврши како парче дрво или како здрвена кукла. Тој ќе заврши многу неславно. Сите ќе го обвинуваат. Сите и сега го обвинуваат. Но, тој не слуша и не гледа или се прави дека не слуша и не гледа. Луѓето околу него му велат дека е добар, да продолжи да лаже. Тие не можеа и да најдат подобро парче дрво за ваков современ пинокио. Знаат дека без него не ќе стигнеа до овде. Дека без него не ќе можеа да се збогатат уште повеќе и да кажуваат дека е се’ во името на народот. Тој лаже, тие го бодрат, а народот се чуди.
И можеби оваа македонска сага еден ден и навистина да стане многу читана. Но, сигурно е дека ќе се чита како пример за тоа како еден ноторен лажго успеа да излаже многумина, но не и сите. Неговите лаги ќе бидат уште еден пример за тоа како на лагите им се кратки нозете. За кратко време оваа сага ќе зборува за македонскиот срам и за македонската тажна судбина.
Време е да ѝ ставиме крај на македонската верзија „Пинокио“ и да започнеме да веруваме дека Македонија има можност за нова успешна приказна, приказна со среќен крај. Не, не приказна со среќен крај, туку среќна приказна без крај. За таква Македонија сонувале нашите прадедовци. Таа приказна ние мораме да ја реализираме. Доста е со лаги и манипулации. Македонија долго време е на работ на пропаста заради вакви лажговци.
Македонија одбројува и мора да веруваме сите заедно дека ќе се спаси, дека има спас за нашата Македонија. Тој спас треба ние да го донесеме, сите заедно и сите сложно. На Македонија и’ се гледа спасот, а тој дефинитивно ќе дојде со еден нов и неизвалкан лик. Лик кој нема да лаже, туку ќе работи. Лик кој нема да манипулира, туку ќе реализира. Лик кој прво ќе се грижи за тоа како му е дома, а потоа и за надвор од дома. Лик кој ќе мисли за доброто на сите подеднакво, а не само за себе. Лик кој нема да не’ посрамоти, туку ќе не’ направи горди на нашата Македонија.
Македонијо, време е за нови и чесни ликови! Време е за твоја обнова! Време е за твоја среќна приказна!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.