Петар Поп-Арсов
„Патувањето е единственото нешто што го купуваме, а кое нè прави побогати.“ Рекол некој непознат автор! Некој или некоја, тоа и не е најважно?! Големата вистина содржана во оваа мисла е единственото важно нешто кое што го заслужува нашето внимание и реализација во секојдневниот живот!
Но, како да станеме „побогати“ тука, дома, во Македонија? Во нашата земја, нашата држава и татковина! Како да станеме побогати кога во старт сме превенирани од „купување домашни патувања“, при што секоја „инвестиција“ во оваа област создава горчливо чувство на скапотија, ограничување и затвореност. Купувај домашно, што беше тоа?!
Да, се работи за најновото „постигнување“ и „успех“ на актуелната влада, објавата за воведување на нови патарини во државата. Pay tool, како што напишаа на една од сообраќајните табли. Одлична „алатка“ за собирање пари од граѓаните. Мошне искрено од нивна страна. Да ги разберат дури и странците во нивните намери. Исклучително „сериозен“ проект кој ќе ја „зајакне“ националната економија и значително ќе го „зголеми“ стандардот на македонските граѓани. Тоа е влада која „знае“ како се води држава, како се реализираат „големи“ инфраструктурни проекти, баш како овој најновиот, изградбата и осовременувањето на наплатните рампи за патарина на македонските патишта.
Нормално, кога патиштата веќе се изградени, од некој друг таму, зошто владава да пропушти огромна шанса за да одигра чочек во тунелот или да изгради некое патаринче. Тоа е она „вистинското“, заокружување на секој инфраструктурен проект и негово воведување во „економска самооддржливост“. Секоја „способна“ влада ќе ја искористи шансата да присобере некој денар плус од народот со кој владее.
А зошто да не, кога патот веќе е изграден?! Штета е да пропаѓа дополнително! Доволни беа неколку години пропаѓање и одлагање да се пушти во употреба. Не е само еден пат, поточно автопат во нашава државава. Има и други, започнати и скоро комплетно изградени, кои цел владин мандат стрпливо „ферментираат“, чекајќи го својот ред за да бидат „дозапривршени“ и конечно пуштени во употреба. А и зошто би брзале, кога и таму ќе се плаќа патарина?! Оваа влада „мисли“ на џебот на сопствените граѓани. Колку подоцна, толку подобро! Барем патувањата кои што ќе ги „купуваме“ по недоизградените патишта ќе ни бидат поевтини, а ние од „богати, побогати“.
Со ваква влада човек да незнае на што повеќе да се радува. На „слободното“ патување по старите и амортизирани патишта или на прескапата „инвестиција“ по новоизградените од која дефинитивно не се станува побогат.
„Ако на граѓаните им е скапо да плаќаат патарина од Штип за Скопје, нека патуваат преку Велес“. Ова е некаква парафраза на изјавата на актуелниот Министер за транспорт со која предложи генијално решение за тоа како нашето патување навистина ќе не направи побогати. Нашето патување? Не е баш на сите нас! Патувањето е само на штипјани и оние подолу од Штип. Но, нема врска. На крајот од краиштата сите сме наши! Сите не допира и треба да останеме солидарни. И кога веќе дојдовме до солидарноста, ако штипјани се бунат за 160 денари што ќе ги плаќаат за неполни 80 километри од Штип до Скопје, што да кажат кумановчани кои со децении плаќаат патарина, која во моментов изнесува 200 денари, за истите тие 80 километри во двата правци на релација Куманово-Скопје и назад. Малку локал патриотски, но нели сите сме наши?!
Деновиве читаме безброј анализи и пресметки за тоа колку би чинело патувањето на месечно ниво на штипјани кои работат во Скопје, само за патарина. Оправдано! Но, каде беа пресметките за велешани или кумановчани кои само за патарина за едно возило издвојуваат по 4800, односно 4000 денари на месечно ниво, или огромни 58 000 денари за велешани, односно 48 000 денари за кумановчани на годишно ниво. Две до три плати во годината одат само за патарина. Можеби патарините во Македонија се најевтини во номинална вредност, но во реална вредност, изразена во месечната заработувачка на секој од нас, тие се највисоките во Европа.
Еден германец просечно плаќа нула евра за патарина во текот на годината. Во Белгија е исто. Луксембург ги следи во целост. Граѓанин на Швајцарија плаќа 40 швајцарски франци за целата година за сите можни патни правци во државата. Словенија, Словачка, Бугарија, Унгарија и да не набројувам понатака, користат годишни вињети кои се далеку поевтини од „инвестицијата“ за патување низ Македонија. Дури и оние најскапите, како што се Франција и Италија, гледано по изминат километар и месечните примања на секој работник, се со „багателни“ цени во однос на Македонија.
Дополнително, во тие земји постои извонредно организиран јавен превоз, особено патувањето со воз на средни и подолги релации, кое што користењето на автомобил го прави непотребен, бавен и со дополнителни обврски за паркинг и справување со сообраќајниот метеж. Ако на ова го додадеме и елементот за заштита на животната средина и намалената емисија на CO2, доаѓаме до уште една поразителна димензија од нашето секојдневие, загадувањето.
Чинам во владата имаше една партија која што на сите избори се декларира за зелена. Партија, која со мали и занемарливи паузи од тактички причини за „прелетување“, има континуитет на учеството во власта дури од 2002 година. Каде е зелената компонента на политиката на оваа партија? Каде се нивните заложби за почиста животна средина и намалена емисија на CO2? Или можеби истата, како по правило по завршувањето на секој изборен процес, флуктуира меѓу силно зелената нијанса на банкнотите од 100 евра и бледата сиво-зелена на американскиот долар?! Зошто досега не дадоа сериозен импулс за да извршат притисок врз бројните македонски влади за да го подобрат јавниот превоз во цела држава? Со тоа истовремено ќе влијаеја врз намалувањето на загадувањето и зголемувањето на ефикасноста на јавниот превоз. Во таков случај висината на патарините немаше да биде болна и скапа „инвестиција“ за македонскиот работник и македонскиот граѓанин во своето патување. Со поголема грижа и залагање на „зелените“ во власта, чувството дека македонската „Оаза на мирот“ е претворена во европско гето, а македонските градови се повеќе стануваат гето во гето, веројатно ќе беше подобро и поразлично. За нијанса подобро и поразлично! Барем како што е разликата во зелените нијанси на споменатите банкноти кои сеуште остануваат единствената зелена политика на „македонските екологисти“.
Особено тоа е случај сега, кога учеството на малите партии во власта има пресудно значење за опстанокот на една влада како оваа. Сега е моментот кога малите партии стануваат големи и кога треба да го дадат сопствениот придонес за подобрување на состојбите во македонската држава. Во спротивно, тие ќе останат една мала група на ситни политички профитери кои сакаат да го бетонира сопственото учество во македонската политика преку нивната борба за промена на изборниот модел без цензус и критериум. Барем да се бореа и залагаа чесно и посветено за она што се декларираат, тогаш нека имаат и загарантирани места во Собранието.
Токму поради таквите опстојува оваа влада, и овој министер кој на штипјани им предлага патување преку Велес. Генијално решение! Ќе возат четириесетина километри повеќе, ќе трошат повеќе бензин и повеќе време, ќе имаат поголема амортизација, временски скратен сервисен интервал на возилата, ќе влијаат на забрзаното оштетување на тој патен правец, не се само патнички туку и тешки теретни возила. Со два збора кажано, „ќе колеме овци да раниме волци“! Сите зијан, и граѓаните, и фирмите и државата. Напатените и „надплатените“ кумановчани би рекле „Ќар до колена, штет до гушу!“. Ние нели сме „силна економија“, можеме да фрламе пари за нафта во ОПЕК и останатите земји извознички, или за половни автомобили и резервни делови.
Штета што на министерот не се сети да предложи да патуваме со велосипед. Ниту трошоци за бензин, ниту за патарина. Со еден потег ќе ги решеше финансиската и еколошката компонента од нашето живеење, а сите во владата ќе продолжеа да си живеат и владејат среќни и весели до крајот на својот мандат.
А дотогаш, барем нека се обидат да сменат нешто во начинот на наплата на патарините. На пример, преку воведување на годишни вињети според швајцарскиот модел и цена. Нека ја намалат драстично и цената на зелената карта за патување во странство. Кога веќе со сите сили се обидуваат Македонија да ја направат „Швајцарија на балканите“, нека го сторат тоа на ваков начин, со промени и подобрување на условите за патување и отворенот во сите правци. Не само со политички инженеринг на македонскиот ген.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.