Петар Поп Арсов
Се наоѓаме во исклучително интересен пост-изборен период. Ништо помалку интересен од оној пред изборите, кој како сапунска опера се развлекуваше уште од почетокот на оваа чудна и тешка 2020 година. Сведоци сме на бавно конституирање на Собранието и формирање на Владата кои, ако судиме според начинот на кој беше определен датумот за брзи избори, требаше да бидат готови уште на 16ти јули… некаде до пладне. Не постојат толку брзи избори после кои ние не можеме да се влечеме и одолговлекуваме до бесконечност. Но, како и да е, епилогот на приказнава која што трае седум месеци веќе е тука. Многу бргу ќе се знае ќе има ли Влада?! Кој ќе ја формира?! Ќе биде ли тоа стара, нова, широка или пак ќе се оди на нови избори?! Независно од исходот на овој процес, партиите како исклучително важна форма на општествено организирање на граѓаните, мора да започнат со сериозни анализи за внатре партиските состојби, но и за состојбата во која што се наоѓа државата. Сериозни и темелни! Не површински и дневнополитички!
Време е ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно да направи сериозна анализа во однос на досегашните сопствени политики, не само во однос на последниов изборен циклус, ниту пак само за периодот во кој партијата ја води нејзиниот трет претседател, туку анализа на се она што се случуваше од 2003 година навака. Ако притоа се земат во предвид и неодамнешните измени на партискиот Статут, веројатно копањето под наслагите на историјата треба да одат дури и многу подлабоко во деведесеттите години. Тука има неколку клучни компоненти кои неизбежно треба да станат предмет на подлабока анализа, без површински загребувања од страна на свежата партиска крв претставена преку новите кадри. Нивната добредојдена свежина ги нема потребните перформанси за сеопфатна анализа која што во равенката ќе ги вклучи сите непознати со цел добиениот резултат да претставува производ на операција изведена со голема математичка прецизност.
Првата компонента за анализа е онаа идеолошката.
ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно има сериозен противник во актуелното СДСМ. Не дека СДСМ е некаква партија со неверојатна понуда на која граѓаните не можат да кажат не, туку се работи за политичка структура, наречена сојуз, која нема никаква дефиниција на сопственото политичко егзистирање и функционирање. Тоа е партија која нема идеолошка платформа, ниту пак контури и лимит на делување. Тоа е политички камелеон подготвен на секакви вратоломии, само и само да се постигне зацртаната цел.
За актуeлното СДСМ не претставува проблем во исти мандат да воведе прогресивен, но веднаш потоа и рамен данок. За ова СДСМ не претставува проблем да се исфрли АСНОМ од Уставот, да се игнорираат резултатите од референдумот, да се објавуваат закони без потпис на претседателот, да се воведе двојазичност, да се прифати име на државата по принципот „дај што даш“, да се коалицира со довчерашните најлути идеолошки противници кои го носат предзнакот ВМРО. Воопшто не им е проблем да бидат целосно анационални, ставајќи ги на последно место интересите на сопствениот народ, но истовремено да соработуваат со партии кои целосно се устроени на етничка основа и кои ги штитат исклучиво интересите на сопствената малцинска заедница. За ваквото СДСМ, не верувам дека би претставувaл некаков проблем Македонија да има премиер „Албанец“. „Албанец“ по професија, не чесен и способен етнички Албанец. За нив не претставува проблем максимално да се сервилни кон се што доаѓа „од горе“, без оглед на тоа каде се наоѓа тоа нивното „горе“, Брисел, Софија, Белград, Атина, Тирана, итн.
Немам намера во овој текст да навлегувам во тоа дали ваквите нивни политики се исправни или не, и зошто не! Едноставно сакам да кажам дека се работи за политичка структура која нема никакво ограничување и никакви скрупули во сопственото делување.
Таквиот политички камелеон, колку и да изгледа смешно, нелогично, неуко и хаотично, е тежок противник! Тоа е противник без политичка култура, налик на оние земјоделски паразити кои навлегуваат меѓу земјоделските култури кои претставуваат извор на храна и егзистенција. Тоа е неплодно растение кое го зазема просторот на се што претходно било култивирано и устроено да дава принос. Таквиот противник невозможно е да биде совладан по инерција, сам по себе, без сериозна, темелна и длабоко обмислена акција!
На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна сериозна обнова! Првенствено идеолошко-политичка, а потоа и се што следува, кадровска, организациона итн. На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна нова парадигма! Потребен е патриотизам на дваесет и првиот век, кој како современа алатка ќе служи за остварување на вековните цели на македонецот. Потребен е современ, „технолошко развиен патриотизам“ на новата генерација, која на овие избори го побара спасот во демагогијата на т.н. левица.
Враќањето кон патриотизмот од крајот на деветнаесеттиот век, од времето на формирањето на историското ВМРО, кој што бил ултра модерна креација на најучените македонци од тоа време и кој ги поставил основите на денешната македонска држава, не е решение со кое нашата генерација ќе даде сопствен придонес за просперитетот на нашите идни поколенија. Илинден деветстотини и третата, жртвата дадена на Мечкин камен за она што го имаме денес, се темелот врз кој треба да продолжиме. Но, не да продолжиме со јавање коњи за евтин личен политички маркетинг, поигрувајќи се со чувствата на најискрениот Македонец. Не, за продолжување со постојани порази и храбри саможртви.
Доста беа порази!
Да продолжиме со победи! Доволно е од приказните дека другите ни се виновни. Повеќе од доволно е онаа „калимеро политика“ според која за нас секогаш нема правда. Да ја земеме правдатa во сопствените раце и активно да се вклучиме во меѓународните процеси, кои по принципот на односот на силите меѓу силните, ја креираат и правдата…која за жал е слепа!
Потребно е ВМРО-ДПМНЕ јасно и недвосмислено да се врати на сопствената проевропска и прозападна ориентација. Пет века како народ сме биле под Отоманската империја, не по наша волја. Не ни чинело, сме барале излез. Следело делење и парчење на земјата. Сме биле под некој вид на комунистичко уредување со доминантно влијание на начинот на функционирање карактеристичен за земјите од тогашниот источен блок. И тоа го дочека сопствениот крај. Во деведесеттите самите посакавме да станеме дел од западниот свет во рамките на ЕУ и НАТО, како одраз на нашата тенденција за национално обединување и остварување на вековните цели. Сега, некако, и тука не сме на чисто. Ем сакаме, ем недоволно ја покажуваме нашата решеност. Во геополитиката нема недефинирани територии. Или ќе бидеш под „ориентално“, или ќе бидеш под „источно“, или пак под „западно“ влијание. Ако не си под едното ќе те „проголта“ другото. Сам не е никој, особено не нашите мили соседи и пријатели! Така е устроен светот, за жал или за среќа?! Недвосмислена европска и евроатлантска ориентација мора да биде јасно покажана!
Во однос на внатрешните односи и идеолошката поставеност на партијата, ќе биде потребно ВМРО-ДПМНЕ да направи сериозен исчекор кон центарот во рамки на политичкиот спектар, па во одредени сегменти дури и кон лево. Македонскиот патриотизам не познава идеолошки граници, при што не може да се каже дека оние искрени Македонци од десно се поголеми патриоти од искрените Македонци од политичкиот центар, како и оние од лево. Ако ВМРО-ДПМНЕ се претставува како партија за македонско национално единство, не смее да запостави ниту еден човек патриот и да го остави на разно-разни погубни влијанија кои го ситнат македонското национално ткиво. Националната компонента во името и делувањето на партијата не смее да биде заложник на замислената конзервативна идеологија, која не сум баш сигурен дека јасно е препознаена од сестринските европски партии од ЕПП.
Но, тоа не смее да значи класично националистичко устројување, туку основа врз која ќе биде применет пораката од легендарниот Крушевски манифест. Без оглед на фактот што Манифестот можеби е плод само на уметничко драмско дело, тој во себе ја содржи универзалната порака со кој се повикуваат сите националности за заедничко остварување на целта, и претставува решение за создавање на просперитетна Македонија заснована на патриотизам од 21-иот век.
Потребен е и исклучително силен коалиционен капацитет, кој ќе биде заснован на соработка и рамнотежа во меѓусебните односи, при што ќе се изгради одржлив систем без да се доведува ниту еден учесник во подредена или фаворизирана позиција.
Потребна е силна дипломатска акција која ќе ја врати довербата кај политичките партнери од Европа, Америка и останатите. Потребна е дипломатска акција заснована на партнерски однос кој ќе го истисне доминантно сервилниот однос, моментално наметнат од СДСМ.
Потребни се темелни промени на севкупната парадигма кои ќе создадат услови за парирање и искоренување на паразитските политики од македонската политичка почва. Политичкиот камелеон може да биде совладан само со јасно дефиниран став во однос на секое прашање. Отсуството на став и импровизациите се неминовно одење на теренот на противникот и формула за неуспех и повторен пораз во иднина.
Во однос на кадровските прашања, како и се погласните и јавни препукувања за тоа кој и како треба да ја води партијата. Можам само да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ има кадар! Има многу кадар. Потребно е негово ангажирање и вклучување во партискиот живот. Потребно е да се стави во функција целокупниот човечки потенцијал, како и се што беше создадено во изминатите 30 години. Потребен е секој поединец кој што не нанесе штета на сопствениот личен углед и угледот на партијата. Ќе биде тешко! Тоа е многу растеглива категорија, но нема друго решение.
Со еден збор, потребно е обединување! Обединување, но и расчистување и подредување на сопствениот двор, пред се!
Изборите се добиваат и губат и тоа не е крај на светот. Но, задушувањето и уништувањето на кадровскиот потенцијал е нешто кое што е далеку пострашно и со подолгорочни последици од загубените избори. Одговорноста и историските импликации по овој основ се далеку посериозни од било што друго. ВМРО како организација, историски гледано, постојано била во опозиција, но во исто време изродила бројни личности кои претставуваат икони за Македонија.
Без оглед на позиционираноста на партијата во иднина, власт или опозиција, секое намерно држење на дистанца на плејада партиски кадри, кои ја добиваа довербата од македонските граѓани во годините наназад, е еднакво на целосна евапорација на сопствената супстанца. Личните анимозитети да си ги чуваме за дома. ВМРО-ДПМНЕ и е повеќе од потребно на Македонија.
Измените на Статутот треба да претставуваат чекор напред кон демократизација на внатрепартиското функционирање. Но, не смее да биде дозволено, по никаква цена, овие измени да бидат причина за враќање на два чекори назад и да предизвикаат внатрепартиски конфронтации до степен на физички пресметки при изборот на партиски функционери, како што имаше примери во деведесеттите години. Демократизацијата на партискиот Статут не смее да ја транспонира одговорноста од централно на локално ниво. Одговорноста како компонента исклучиво мора да биде „привилегија“ најпрвин на врвот, а потоа на се останато во партијата.
Нека ни е честит Илинден!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.