Д-р Кирил Лазов
Храбар е оној кој наместо да побегне, ќе остане на своето место и ќе се бори против непријателот, Сократ
Прифаќајќи ги ризиците и соочувајќи се со невидливиот непријател, токму лекарите се оние со најмногу храброст и најголема жртва. Застанати на првата борбена линија, тие се заштитен штит за здравјето на граѓаните нападнати од вирусот кој го потресе светот.
Ниту тие не се имуни на вирусот КОВИД 19!
Во моментов дури 10 проценти од заразените од КОВИД 19 се медицински лица. 52 здравствени работници во Македонија, или над 10 отсто од вкупниот број, се инфицирани со Ковид 19, покажуваат податоците на ИЈЗ. Од нив, дури 34 биле заразени во болнички услови. Ова го вклучува алармот – дали здравствените работници се доволно заштитени? Всушност, ова ја отсликува елементарната неподготвеност на системот предводен од СДСМ, не само да одговори, туку и да ги заштити оние кои треба да ја водат борбата со епидемијата и оние кои се во првите редови. Има бројни недостатоци во условите што институциите им ги овозможуваат на медицинските лица.
На владата, а и на министерот Филипче, тешко им паѓа соочувањето со вистината. Но фактите од реалноста говорат дека персоналот во болниците не е опремен со доволен број на маски, ракавици, дезинфекциони средства, мантили за еднократна употреба и скафандери кои се потребни за медицинскиот персонал кои се на првата линија која е најмногу изложена на ризик од инфекција со корона вирусот. И покрај тоа што здравствените работници постапуваат по препораките и упатствата на министерството за здравство и институтот за јавно здравје, се чини дека недостасува јасен протокол и стратегија за постапување.
На социјалните мрежи сведоци сме на повиците преку кои вработени во здравството бараат помош, донации за заштита при нивната работа додека се борат со корона вирусот. Медицински персонал буквално од цела Македонија бара помош од различни организации за донирање на заштитни маски, ракавици, скафандери, капи и каљачи наместо сето тоа да им биде обезбедено од државата и Министерството за здравство.
Заштитата на здравствените работници, кои деноноќно работат на заштита на нашите граѓани и се на првата линија во борбата со коронавирусот мора да биде приоритет, но кај нас очигледно владата има други приоритети.
За оваа влада секако поголем приоритет е исплатата на плати на криминалното обвинителство на Јанева, во кое осудената сеуште е на платен список. Владата ја искористи (читај злоупотреби) вонредната состојба во државата поради корона вирусот за да донесе указ за исплата на плати во Специјалното јавно обвинителство за кое секако постојат релевантни докази дека се покажа како корумпирана институција. Впрочем како и се друго под „диригентската палка“ на СДС.
Каква парадоксалност? Какво лицемерие?
До вчера Заев предлагаше кратење на платите во администрација и рецитираше поеми за солидарност, неговата влада, на чело со техничкиот премиер Спасовски дополнително го оптеретуваат буџетот за превисоките плати на СЈО.
И да, тоа е најважно во моментов! Платите на корумпираното обвинителство! Медицинскиот персонал не е воопшто важен. Секако лекарите се хумани, медицинските техничари пожртвувани, можат и без опрема, а и нека бараат донации на Фб, Инстаграм, Твитер.
Зошто министерот Филипче како дел од таа влада не се спротивстави на одлуката и не побара пренамена на тие средства?
Колку медицинска опрема ќе се набави доколку се направи пренамена на тие средства и истите наместо за плати на СЈО да се искористат потрошна заштитна опрема на здравствените работници?
Колку тестови ќе се купат со тие пари за да се следи препораката на СЗО „Тестирај, тестирај, тестирај“?
Очигледно министерот воопшто не е заинтересиран за животите и безбедноста при работа на оние на кои им е претпоставен.
Ако беше така наместо да држи пресови ќе излезеше на терен во болниците каде што се хоспитализирани болните, а перосналот го вложува својот максимум за да се справи со вирусот, борејќи се за секој живот.
Колку пати министерот Филипче ја посети Инфективната клиника, а да не е тоа во рамките на политичко-дневниот маркетинг околу монтажата на полската болница која сама по себе е иронија (за тоа во друга прилика)? Колку пати ги праша вработените како се после работниот ден? Имаат ли доволно опрема и каква? Колку пати ги посети болниците во Дебар, во Куманово, во Охрид, во Прилеп, во Штип, во Велес? Го прашаше ли персоналот таму дали имаат доволно заштитини маски, ракавици, скафандери, каљачи, капи?
За жал поради парадоксите на владата, македонските здравствени работници доживуваат пандемиска хипер сага.
Маските паднаа. Не оние заштитните. Оние позади кои добро се криевте. Разобличени сте. Аплаузите стивнаа.
Можеби ќе се освестите. Доцна ќе биде!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.