Петар Поп-Арсов

Можно ли е корона вирусот да го направи она што во ниту едно филмско сценарио, во ниту во еден холивудски филм, до сега не беше третирано како тема, одлагањето на американските избори?! За волја на вистината, безграничната имагинација на холивудските филмаџии ни овозможи да се изнагледаме филмови и филмови за катастрофи предизвикани од разни болести, климатски пореметувања, природни непогоди, закани од метеори и други небески тела, неизбежните вонземјани и што ли уште не. Благодарение на умните филмски ликови, „признати научници или неоткриени анонимни таленти“, кои играта на случајот ги обединуваше во победничкиот тим, се наоѓаа решенија за секоја филмска апокалипса.

И нормално, без исклучок, улогата на американскиот претседател во секое филмско сценарио беше од пресудно значење за целиот свет, целата планета и целиот човечки род. На крајот победуваше човештвото! Победуваше, но не без жртви! Жртвите и изгубените животи на филм не болат! Па нели тоа е само филм! Колку повеќе жртви, толку е поголем ефектот на херојството и генијалноста на спасителите.

Но, ова не е филм! Ова е реалност!

Она што мене ми паѓа во очи е фактот што ниту еден филм, што досега сум го гледал, не ја третира проблематиката на американските избори во услови на пандемии и слични катастрофи. Можеби грешката е во мене, сум пропуштил некој од филмовите, но еве ќе ја земеме претпоставката дека е така, дека сеуште не е снимен филмот за американските избори во услови на катастрофа.

Клучното прашање на нашиот филм е може ли претседателот Трамп да ги одложи изборите? Постои ли механизам кој што може да ги одложи или спречи американските избори, битката над сите битки, финалето над сите финалиња во оваа глобална пресметка која трае веќе подолг период?!

Како стојат моментално работите на ова поле?

Демократите, по напуштањето на трката на сите останати кандидати за претседател, ги баталија сите демократски процедури и речиси официјално го номинираа Џо Бајден за нивни претседателски кандидат. Кратка и јасна постапка. Малку невообичаена за нешто што го содржи терминот „демократија“, но вирусот не познава и признава државно или партиско уредување, така да потегот е сосема разбирлив и очекуван.

Од друга страна, републиканците немаат никакви дилеми и нивен кандидат ќе биде актуелниот американски претседател, Доналд Трамп.

До тука е јасно!

Во меѓувреме, петнаесетина сојузни држави ги одложија редовните почетни процедури поврзани со претседателските избори. Повеќето од нив планираат овие постапки да ги завршат до крајот на јуни. Но, дали ќе биде така?! Ова претставува сериозен предизвик и индикација за тоа дека претседателските избори, закажани за ноември, би можеле да бидат одложени.

Според американското законодавство, кое што датира уште од 1845 година, претседателските избори во САД се оддржуваат „во вторникот по првиот понеделник на ноември на секои четири години“. Интересна формулација и дефиниција за точниот ден на оддржување на изборите која дава политичка, правна и економска сигурност во американското општество веќе 175 години. За да дојде до одлагање на изборите неопходно е таквата одлука да биде донесeна од Конгресот, и тоа на две нивоа. Едното ниво е Претставничкиот дом, предводен од демократите, а второто е Сенатот, контролиран од републиканците на Трамп. Изгледите за републиканско-демократски консензус по ова прашање, според добро упатени извори, се малку веројатни во овој момент.

Дури и да се смени денот на изборите, Уставот на САД предвидува претседателската администрација да трае само четири години. Ниту ден повеќе! Со други зборови, тековниот мандат на претседателот Трамп ќе истече на 20 јануари 2021 година, со или без избори. Втор мандат на актуелниот, или пак првиот мандат на евентуално новоизбраниот претседател може да се добие само на избори!

Што ако се одложат изборите?

Доколку не се одржат избори пред закажаниот инаугурациски ден, ќе започне да се одвиткува претседателското клопче на сукцесија. Прв сукцесор на списокот е потпретседателот Мајк Пенс. Со оглед на фактот дека неговиот мандат завршува во истиот момент како и мандатот на Доналд Трамп, тој е надвор од приказната.

Следна на ред е Спикерот на Претставничкиот дом, претставничката на демократите, Ненси Пелоси. Лутата противничка на Трамп, онаа која на очиглед на целокупната светска јавност демонстративно го искина неговиот говор по неговото годишно обраќање во Претставничкиот дом. Но, работите да бидат уште поинтересни, небаре подредени според најинтересните филмски сценарија, двегодишниот мандат на Пелоси завршува на крајот на декември. Дури и пред мандатот на Трамп!

Последен во низата на официјални претставници кои би имале право на претседателство во вакво сценарио, ќе биде 86-годишниот републиканец Чак Гресли, кој што во моментот по истекот на мандатите на Трамп и Пенс ќе претседава со Сенатот. Среќна околност во целокупнава американска приказна е што таму министер за здравство не е Венко, за да мора 86-годишниот Гресли да остане во домашна изолација на неопределено време.

Оваа дигресија, која што се наметна сама по себе во рамки на текстов, нема за цел да се шегува со министерот Филипче, туку има за цел да му укаже да не импровизира со мерките кои што ги предлага. Има за цел да му укаже повеќе да се грижи за вистинското здравје на луѓето од секој аспект. Здравјето и животот на луѓето се поважни отколку менаџирањето на политичките консеквенции по неговата влада кои со себе неминовно ги носи ваквата криза!

Да се вратиме на американските избори.

Сума сумарум, се работи за прилично комплицирано сценарио на кое неизбежно ќе мора да се најде одговор. И покрај тоа што малку е веројатно да се направи промена на датумот за претседателските избори, тоа не значи дека процесот не е под сериозен ризик. Ќе треба да се донесат клучни одлуки во услови на нецелосни и постојано променливи податоци за вирусот, за кој и водечките научници во светот немаат одговор и сè уште се борат да го разберат. Како и другите национални лидери, така и Трамп се бори да спаси што е можно повеќе човечки животи и да спречи економска депресија. Но, тој исто така се бори за опстанок на неговата политичка визија и кариера, а крајната одлука ќе претставува резултанта од судирот на сите спротивставени вектори во точката наречена американски претседателски избори.

Русија го одложи референдумот за уставните реформи како резултат на пандемијата на коронавирусот. Сега за сега не е одреден нов датум за негово оддржување, кој првично беше закажан за 22 април, односно за утре. Корона вирусот ја доби првата рунда од оваа кинетичка војна со многу непознати и многу варијабли.

Франција ги оддржа локалните избори, но затоа сега плаќа висока цена. Речиси е извесно дека набргу ќе ги надмине Италија и Шпанија според бројот на официјално регистрирани случаи, како и оние што најмалку сакам да ги споменам, случаите со фатален исход. Бројот на спроведени тестови по глава на жител, кој што во просек е три пати понизок од оној во Шпанија, Италија или Германија, говори во прилог на ваквите математички пресметки.

Британија е на слична патека како онаа француската и сосема е извесно дека и оваа земја ќе биде во врвот на најпогодените земји во светот.

Германија релативно добро се снаоѓа во целокупната криза и од таму пристигаат бројки кои се сосема различни од оние во Италија и Шпанија. Дали се работи за подобар здравствен систем или за поинаков статистички пристап, ќе покаже времето.

Нешто што паѓа во очи последниве неколку дена се речиси унисоните обвинувања кон Кина од страна на четирите водечки западни земји, САД, Британија, Франција и Германија, за нејзината одговорност поради избивањето на пандемијата. Британците уште пред дваесетина дена ја обвинија Кина за нејасни податоци во врска со заканата од вирусот и исходот од болеста која што ја предизвикува. Макрон во своето обраќање директно го впери прстот кон Кина, посочувајќи дека постојат темни зони во кинеското управување со корона вирусот. Трамп ја предупреди Кина дека може да се соочи со последици поради избувнување на пандемијата, и отиде чекор подалеку прекинувајќи го финансирањето на Светската здравствена организација поради сомнеж за коруптивна соработка со кинеските власти. Германија, преку новинарски текст во угледниот магазин Билд, се придружи кон останатите земји испраќајќи конкретна порака дека кон Кина треба да биде испорачана фактура од 150 милијарди евра заради финансиките загуби на германската економија.

Војната добива нова димензија, добива нов тек со непредвидлив исход. Затоа сметам дека случувањата во САД и претседателските избори ќе бидат клучниот ориентир според кој ќе се дефинираат следните потези на геополитички план. Борбата со вирусот и понатаму ќе остане во доменот на медицината, која без сериозна поддршка од политиката ќе продолжи да талка без соодветен одговор во оваа трка со времето.

Живееме во едно сурово, сосема реално сценарио на најдолгометражниот филм што некогаш сме го гледале, нашиот личен живот. Ни преостанува да се чуваме, да ги поддржуваме и да се грижиме за најблиските. Тоа е нашата најважна улога според сценариото на филмот во кој сме втурнати. И ова ќе помине!

Но, ова не е филм!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.