Предраг Димитровски
Почитуван г-дин премиер Бојко Борисов, простете што на овој голем за мене свет ден, Илинден, си земам за слобода да Ви се обратам со кратко отворено писмо. Со оглед дека Вашиот Илинден мина пред две недели, се надевам дека нема да Ви пречи и оти ќе најдете малку слободно време за да го прочитате.
И веднаш да Ви кажам, јас нема да Ве мамам. Ви се обраќам на македонски јазик и писмото не е чукано на српска машина, туку на лаптоп со македонски фонт и се надевам дека тоа нема да Ви претставува никаква пречка. Но, ќе си земам за слобода на моменто да користам и одредени бугарски зборови за што, исто така се надевам, нема да имате ништо против.
Но, прво морам да Ви кажам дека неколку Ваши зборови се уште ги паметам, а еве има веќе повеќе од 15 години. Не знам дали Вие се сеќавате, таму некаде на почетокот на 2000-тите години, кога се уште бевте секретар во вашето, бугарско МВР, имав чест и привилегија да бидам присутен на интервјуто, што го водеше мојот колега Томче Кежаровски за весникот „Вечер“. Откако заврши интервјуто, Ве прашав за основните генералии, па излезе дека сме врсници и дека сте само три месеци постар од мене. И тогаш ми рековте само неколку збора – „Е, братко, с,с нас всичко свршва и с,с нас всичко започва“. Да бидам искрен, овие осум збора можеби навидум изгледаат едноставни, но имаа длабоко значење. И апсолутно бевте во право. Зашто, на плеќите на нашата генерација падна товарот на премин од еден во друг политички систем, генерација која многу добро ги знаеше слабостите и позитивните страни како на едниот, така и на другиот.
А, сега да прејдам на главното. Повод за моево писмо беше Вашиот фејсбук статус посветен на тригодишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, но и последната објавена Ваша аудио-снимка. Иако статусот е краток, внимателно го прочитав и тоа неколку пати. Исто како што внимателно и неколку пати ја преслушав аудио-снимката и го читав транскриптот од неа од Вашиот телефонски разговор со Вашиот колега и сопартиец, вицепремиерот Томислав Дончев.
И веданш ќе кажам дека со некои работи од Вашата порака апсолутно се согласувам, а за некои имам отворени резерви. Се согласувам дека Договорот (може да) претставува историски чекор во односите меѓу двете земји, се согласувам дека сме подготвени во иднина да работиме на безбеден и стабилен Балкан, се согласувам дека европските интеграции гарантираат мир и просперитет. Искрено, многу ми е драго кога ќе слушнам дека Бугарија ќе продолжи да ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ-интеграциите. И до тука е се в ред.
Моите отворени резерви, пак, произлегуваат од две нешта. Првото е Вашето мислење дека сме научиле од грешките во минатото. На сметка на Македонија, Бугарија во историјата доживеа две национални катастрофи. И ова не го тврдам јас, туку бугарските политичари, историчари, општественици… Тие катастрофи скапо ги чинеле како бугарскиот народ и бугарската држава, но исто така и македонскиот народ и тука не велам македонската држава. Сега, по толку децении, се укажува можност односите меѓу двата народа и двете, тука веќе велам држави да се постават на прав, европски, цивилизиран колосек. Но, за жал, имам нескриено чувство како да сакате да ја прокоцкате и оваа можност. Зашто, не молжам да разберам од каде произлегува поривот свесно да поттикнувате антибугарско расположение меѓу обичните Македонци?!
И, Ве молам, тука немојте да ги превртувате тезите и да се обидувате да ги верглате старите мантри за подигање на македонизмот и македонската нација на антибугарска основа. Не!
Зашто, антибугарското расположение меѓу Македонците, што свесно го поттикнувате, произлегува од второто нешто за кое имам отворени резерви, а е составен дел од Вашиот ФБ статус. Вашата порака дека поддршката на Македонија исто значи и строга усогласеност со добрососедските односи и обврските кои произлегуваат од Договорот има нескриен призвук на уцена.
Ќе прашате зошто? Веднаш ќе Ви кажам. Има неколку работи, но ќе се задржам само на суштинските. Од двете страни на границата, и политичарите и историчарите различно го толкуваат поимот „заедничка историја“. Лично сметам дека далеку подобро ќе беше во Договорот да стои „заеднички процеси во историјата“, но јас не се прашувам. Различното толкување на поимот „заедничката историја“, пак, внесува многу забуни и нејанотии, што водат кон тоа да се создава перцепција дека Македонците мораат да прифатат не заедничка, туку само една, бугарска историја или исклучиво нејзин бугарски наратив.
Второ, во овој контекст е и настојувањето Заедничката мешовита комисија што побргу да ја заврши својата работа. Кај нас обично се вели дека брза кучка, слепи кучиња раѓа. Чуму таква трка со времето, кога се знае дека ако искрено се сака да се дојде до вистинската цел, тогаш е потребно време и тоа долго време. Зашто, работата на историчарите не е ни малку наивна или за потценување.
Трето, дали г-дине Борисов ќе бидете искрено исполнет како премиер и политичар ако при постигнувањето на бугарските национални интереси ги понижите Македонците, ако им одземете се и го урнисате и она малку национално, но пред се човечко достоинство, што останало кај нив по сите премрежја, што ги минаа и доживеаја со Грција? Ќе бидете среќни и задоволни? Се лажете. И тоа многу. Дури тогаш Македонците нема да сакаат ни „Б“ да слушнат ни од Бугарија, ни од Бугари. А, тоа не го посакува никој, особено не оние кои веруваат во искрените намери и искреното достоинство. Зашто, тоа само како такво може да постои и опстои и никако поинаку.
Четврто, и три години од потпишувањето на Договорот се уштге нема значајно подобрување на односите на стопански и инфраструктурен план. Доволно.
Е сега, за аудио-снимката. Во неа, г-дине Борисов, меѓу другото, на својот колега Томислав Дончев му велите дека „Акл се набива на умен човек. На прост човек к.р се набива! Тој не може да поеме акл, може да поеме един к.р. Като се трови, като му се ебава мајката и така нататак“. И притоа мислите на Вашиот „тапанар летец“.
Простете г-дине Борисов, а смеам ли да Ве прашам „какво ште му набивате на нашија тапанар“? Акл или к.р? За да знаеме за каков го сметате. За умен или за прост човек?
Сега не мислам на нашиот претседател. Со него си имате релации. Видовме и слушнавме дека Ви се обраќа со „љубави“. Додуша на српски јазик е, ама не е толку важно. Важно е дека си се сакате. И добро е што е така.
Нашиот тапанар не е летец. За себе вели дека скопјани го умреле со тоа дека бил сељак. А, и он како Вас пцуе. Е*е се живо и диво. И име на државата, и народот во неа, и коалициони партнери, и оние што му помогнале да дојде до… Таква му е филозофијата. И на животот и на политиката. Навистина, г-дине Борисов, што ќе му набиете на нашиот тапанар?
Со почит,
Предраг Димитровски, новинар
П.С. Почитуван г-дине Борисов, се надевам дека овојпат нема да интервенираат од Вашиот кабинет кај мојот директор за да го тргне од сајтот и овој текст, како што си земаа за слобода и направија пред две години.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.