Петар Поп Арсов
Шенген, малечко место на крајниот југоисток на Луксембург. Толку малечко што и некои наши села би се „чувствувале“ како метрополи, барем според големината. Место на бреговите на реката Масел, збиено на тромеѓето со Германија и Франција. Симболот на обединета Европа без граници. Село каде што беше потпишан Договорот од Шенген на ЕУ и Конвенцијата за неговата имплементација.
Шенген е толку мал што дури и самиот договор бил потпишан на оние речни бродови кои крстарат по големите реки на чии што брегови лежи. „Големиот шенген“ е роден во малиот Шенген, на граница, на брод, во река, во местото кое што стана епоним за слободното движење во Европа.
Кон тој и таков шенген се стремиме како држава веќе со години. Шенген е нашата стратешка цел кон која наидовме на безброј блокади. Шенген е симболот за нашето обединување кое никако да се случи.
Има и друг шенген! Малечок! Сеуште нероден, а уште од почеток проколнат да остане таков, малечок, недораснат! Му дадоа и име и презиме!
Отворен Балкан!
Тој шенген не е нашата цел! Никогаш не треба ни да биде како таков и сам по себе!
Неделава што е зад нас имавме помпезен собир во големото Скопје каде што беше најавено раѓањето на „малечкото“ за 1ви јануари 2023 година. Скопското првороденче во 2023 година! Ќе добие ли „телевизор во боја“ од градскиот татко? Веројатно, да?! Тоа е сонот и еден од капиталните проекти во евентуално вториот мандат на актуелниот скопски градоначалник доколку воопшто го добие.
Шегата на страна!
Логично е „Малиот шенген“ да се роди во Скопје. Друго „тромеѓе“ меѓу Србија, Македонија и Албанија не постои. Косово е надвор од игра по сопствен избор. Барем засега. Ден, два по оддржување на собирот на трите лидери бевме сведоци на изјавата на косовската министерка за надворешни работи, која оценувајќи ја иницијативата како опасна по нивната држава, истакна дека не смее да постои алтернатива за нашиот заеднички пат кон ЕУ. Ако една ваква иницијатива се оценува како опасна од Косово, земјата која што можеби би имала најголем бенефит од нејзината реализација, тогаш како треба да биде толкувана од Македонија, земјата со кандидатски статус за ЕУ од 2005 година.
Трајна алтернатива или преодно решение?
ЕУ како крајна цел не смее да има алтернатива! Факт е дека зајакнувањето на регионалната соработка се смета како чекор напред во процесот на евроинтеграции на секоја земја кандидат. Има неколку позитивни примери на земји кои благодарение на регионалната соработка успешно ја постигнаа својата цел, полноправното членство во ЕУ. Истото би требало да важи и за нас, Балканците. Но, таа регионална соработка треба да биде целосна, да бидат вклучени сите регионални кандидатки за ЕУ, а не да наликува на шаховска табла со црни и бели полиња на која едните се за, а другите против ваков тип на алтернативно интегрирање.
Убава е идејата за непречен проток на луѓе, стоки и капитал. Убава е идејата и за друг тип на меѓусебна соработка. Но, се поставува едно многу банално прашање. Како непречено ќе протекуваат луѓето, стоките и капиталот меѓу Србија и Албанија? Тие немаат меѓусебна заедничка граница, а Косово сеуште не е во приказнава! На кој начин ќе се имплементира оваа идеја?
Сето ова делува некако нејасно, нелогично и неискрено!
Отворен Балкан е неискрен и нејасен проект, исто онолку колку што од друга страна се кристално јасни крајните цели на српскиот и албанскиот лидер. Вучиќ настојува да го реши косовското прашање и да го симне притисокот од својот врат, продавајќи го тоа пред српската јавност како успех на неговата политика. Политика во која монета за поткусурување ќе биде токму Македонија. На Рама му се редат коцките во процесот на создавање на „Голема Албанија“!
А, Заев? Заев само сака да остане на власт! Ништо повеќе!
Отворен Балкан е нејасен и нелогичен, особено после евроскептичните изјави на Заев кој со неподнослива леснотија порача дека ЕУ веќе не е наш приоритет. Тој вели дека Европската унија е таа која што треба да ни се јави кога ќе биде подготвена за проширување. Неговиот „патриотизам“, кој одеднаш го откри во себе, претставува провиден блеф со кој сака да изврши притисок врз Бугарија и ЕУ. Тоа е опасна игра со неизвесен исход во неговото коцкарско владеење со државата по принципот “all in”!
Стои ли некој зад него? Некој сериозен?! Проектирана ли е крајната цел од која Македонија ќе има бенефит или човекот солира и импровизира?!
Европската унија дефинитивно нема да му се јави и да го покани за влез! Таа нема чувство за одговорност, нема срам, нема идентитет. Одговорноста, срамот и идентитетот се вредности лоцирани во секоја од нејзините членки посебно. Токму поради разликите и испреплетеноста во поимањата на ваквите вредности, тие никогаш до сега не успеаја да создадат консензус во однос на Македонија.
Ако на Заев му е целта да ја „рекетира“ Бугарија, дефинитивно ќе успее! Дефинитивно ќе ја пикне Македонија во сивата зона на Голема Србија и Голема Албанија со што ќе и го покаже средниот прст на Бугарија и нивните големодржавни апетити кон Македонија. При изборот меѓу змија или магаре, Заев го избра ова второто. И тоа две, од тие поголемите.
Неговиот избор беше неизбежен!
Долго време се „проституираше на софијските улици“ ветувајќи им ја Македонија и се што е македонско дека еден ден ќе станат нивно. Долго време ја дразнеше Софија која целиот свој отров, собиран во годините на пост и исчекување да го проголта пленот, го истури во декемвриското вето кон Македонија. Малиот шенген е пораз и за Македонија и за Бугарија, како и потврда за нефункционалноста на системот за проширување на ЕУ.
Малиот шенген е само уште една секвенца од владеењето на Зоран Заев. Тој настојува да преживее манипулирајќи со сериозни политички прашања само со една единствена цел, да го оддржи својот коруптивен систем на владеење во живот. Ако албанско-српските политички интереси се гледаат од вселенскиот брод на Слави Трифонов, интересите на Зоран Заев се гледаат од тука, од ниско. Се чувствуваат во секојдневниот живот.
Нема да зачуди ниту фактот ако во даден момент Заев ја напушти оваа иницијатива со некакво образложение дека ги брани македонските интереси. Секогаш македонските интереси му се на „првото место“, зарем не?! Само и само за да би опстанал на власт.
Кои се другите ефекти од оваа иницијатива?
Отворен Балкан за слободен проток на луѓе, стоки, капитал и корупција. Ова последното го додадов јас, за да ја комплетирам вистинската слика на друштвото во кое влегуваме. Онака, само заради илустрација на тоа што ни се нуди како опција и како иднина.
Transparency International ја оценува Албанија како земја која има сериозен напредок во борбата против корупцијата во последниве неколку години. Токму со тој „невидено сериозен“ напредок Албанија е рангирана, ни помалку ни повеќе туку на катастрофално ниското 104 место на табелата за перцепција на корупцијата во 2020 година. Толку од приказната за напредокот и борбата против корупцијата во Албанија.
Србија, иако е најдобро рангирана земја од ова друштво на „одличното“ 94 место, бележи најголем пад на CPI (индексот за перцепција на корупцијата) од 2012 година навака, што претставува негативен тренд во справувањето со корупцијата кај нашиот северен сосед. Оценета како земја во која постојат проблеми во делот на владеење на правото, ерозија на демократијата и обиди да се замолчат критички настроените медиуми, Србија се посочува како земја во која постои незаконско управување со најголемите јавни претпријатија и отворена промоција на договарање во четири очи, како и доделување на договори со највисока вредност преку заобиколување на институцијата конкурс.
Јаготката на шлагот, Македонија. Рангирана на рекордно најниското 111 место од кога нашата земја се појавува на оваа листа. Годината 2020, кога Македонија ја воведе институцијата Министер за борба против корупцијата, го допре апсолутното дно.
Браво!
Загрижувачки се изјавите на Заев дека корупција во највисоките ешалони на власта не постои. Дали човекот има проблем кој што би требало да биде предмет на опсервација на сериозни здравствени институции и врвни лекари или намерно го манипулира и лаже македонскиот граѓанин, не знам?! Знам само дека податоците за перцепција на корупцијата во Македонија се егзактни и немилосрдно болни. Потврдени дури и од американските извештаи за Македонија и предмет на интерес на Извршниот декрет на Бајден за Западен Балкан.
Можеби за политиките кои што ги води Заев некако и ќе се спаси?! Можеби не?! Но, за корупцијата и криминалот, кој неминивно се меѓусебно поврзани, еден ден дефинитивно ќе биде соборен од власт и ќе понесе одговорност! Порано или подоцна!
За очекување е дека корупцијата ќе стане најпрофитабилниот продукт кој непречено ќе циркулира во границите на „малиот шенген“, доколку истиот остане трајна алтернатива на вистинскиот шенген. Судејќи според корупцијата и нејзината сеприсутност, интегративните процеси се во длабока криза и сериозен застој. Политичките причини и блокади кои дополнително го оптоваруваат процесот не смеат да бидат изговор за застранување од патот само заради опстанок на режимите во трите земји. Задоволувањето со играта „на мали голчиња“ на „трите исфрустрирани лидери“, заради нивното опстојување на власт, не смее да претставува алтернатива на полноправното членство за ЕУ и прекин на процесот на приближување и интегрирање.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.