Ганка Цветанова

Иако постојат неколку пристапи при дефинирањето на европскиот идентитет, според некои теоретичари истиот е невозможно да се разгледува низ призмата на образецот за формирање на национален идентитет, од едноставна причина што ЕУ не претставува нација-држава туку нова форма на политичка институција. Сепак, теориите за создавањето на нациите и национализмот и тоа како можат да бидат корисни при анализирањето на европскиот идентитет, имајќи во предвид дека истите се занимаваат со две клучни прашања: 1. интегративните фактори кои влијаат одредена заедница да прерасне во нација и 2. причините за порастот на национал-шовинистичките движења кои реално претставуваат пречка за интегративните процеси.

Идејата за Европа – буквално произлезена од пепелта на Втората светска војна – е заснована врз принципот на воспоставување на економска и политичка соработка со цел поттикнување на безбедноста и стабилноста во европскиот регион. Истовремено, идејата за Европа претпоставува признавање на одредени вредности, како што се: грчко-римската традиција, јудео-христијанската етика, хуманизмот, индивидуализмот, рационализмот, науката, демократија, владеење на правото и човековите права. Овие идеали, кои ги симболизираат водечките принципи на идејата за Европа, го сочинуваат и јадрото на европскиот идентитет. Оттука, изедначувајќи го со универзалните вредности, европскиот идентитет е пренесен во сферата на политиката заради што велиме дека претставува нова форма на политички идентитет.

Земајќи ја предвид повеќедимензионалната природа на идентитетот, не би можело да се каже дека европскиот идентитет во целост го исклучува постоењето и на другите две форми на идентитет: културниот и социјалниот. Дури и поборниците на пристапот според кој европскиот идентитет не би можел да се разгледува низ призмата на образецот за формирање на национален идентитет, сметаат дека е невозможно да се занемари дискурзивното конструирање на европскиот културен идентитет.

Ако идејата за Европа, меѓу другото, почива и на заедничкото културно и историско наследство (грчко-римската и јудео-христијанска традиција), неминовно се наметнува прашањето дали европскиот идентитет треба да се заснова на одредена култура, религија, историја, јазик или збир на т.н. супериорни „западни вредности“. Овој пристап покренува лавина од дилеми како на пример: дали е можно да се негира нечија култура имајќи во предвид дека ниту едно човечко суштество не било создадено без влијание на одредена култура; дали е можно да се негира важноста на јазикот во градењето на нечиј културен но и севкупен идентитет при тоа познавајќи ја неговата функција како средство за социјална комуникација и инструмент преку кој се обезбедува континуитетот на културната традиција; дали е можно да се игнорира религијата како еден од најважните и неразделни елементи на човековиот идентитет; каков е односот кон нехристијанското население кое што живее во земјите-членки на ЕУ, дали се тие подеднакво или помалку граѓани на ЕУ затоа што не припаѓаат на грчко-римската и јудео-христијанската традиција; дали религијата е предуслов една земја да се стекне со статусот на полноправнo членство во Унијата.

Европскиот парламент и Советот на Европската унија, во документот наречен „Еstablishing the Culture 2000 programme“, направија обид за нов пристап во дефинирањето на европскиот идентитет, повикувајќи се на почитувањето на политичките вредности како основа на заедничката култура. Во документот се вели:

(5) “Доколку граѓаните ја дадат својата целосна поддршка и целосно учествуваат во европската интеграција, треба да се стави поголем акцент на нивните заеднички културни вредности и корени како клучен елемент на нивниот идентитет и нивното членство во општество засновано врз слободата, демократијата, толеранција и солидарност; треба да се постигне подобар баланс помеѓу економските и културните аспекти на Унијата, така што овие аспекти можат да се надополнуваат и одржуваат едни со други.“

Со ваквиот пристап креаторите на европскиот идентитет ги изедначија културните вредности со политичките, при тоа – свесно или несвесно – изедначувајќи го антрополошкото и социолошкото толкување на концептот за културата со еден сосема поинаков, чисто политички концепт – политичката култура. За потребите на промовирањето на европскиот културен идентитет, креаторите создадоа и неколку заеднички симболи како: европското знаме, европското мото „Обединети во различностите“, европската химна, Денот на Европа и европската валута.

Според Елизабет Баке (1995) Европејците мора да имаат многу повеќе заеднички нешта освен тоа што живеат во Европа. Антони Д. Смит (1991), воочувајќи ја важноста на длабоко вкоренетите вредности како што се културата, јазикот, религијата и културното наследство во процесот на формирање на националниот идентитет, смета дека хуманизмот, индивидуализмот, граѓанските права, демократијата и владеењето на правото – вредности на кои што се темели европскиот идентитет – се несоодветни и недоволни за обезбедување солидарност во рамки на заедницата. Или, како што со доза на хумор Бенедикт Андерсон (1991) ќе напише: „Кој би умрел доброволно за Советот за взаемна економска помош (1949-1991 под раководство на СССР) или Европската заедница?!? Во таа смисла и Монсерат Губерно (2011) прашува дали можеме да замислиме појава на европски национализам доволно моќен за да ги мобилизира масите во името на Европа; дали постојат доволно силни причини и интереси кои би ги обединиле Европејците и би ги поттикнале да го жртвуваат својот живот во името на ЕУ?!?

Изминативе декади бевме сведоци на разногласие во ставовите на земјите членки на ЕУ во меѓународните односи, надворешната, безбедноста и монетарната политика. Па така, 23 од тогашните 28 земји членки го признаа Косово како независна држава наспроти Шпанија, Словачка, Кипар, Романија и Грција кои до денес ја немаат признато независноста. Во однос на приемот на Палестина во УНЕСКО, пет земји членки на ЕУ гласаа „против“, 11 „за“ а 12 беа воздржани.

Некои од државите на ЕУ не само што сè уште ја користат своја валута, туку и воопшто не планираат да го усвојат еврото. Во Шведска и Данска – земјата која што го потпишаа Договорот од Мастрихт под посебни услови и со право да не го усвојува еврото – граѓаните референдумски се изјаснија против усвојувањето на еврото. Бугарија, Унгарија, Чешка, Полска, Хрватска и Романија се земјите членки кои имаат обврска да го усвојат еврото а тоа сé уште го немаат направено. Како причини за некористење на еврото, земји од ЕУ ја наведуваат независноста во изготвување на монетарните политики, независноста во справување со специфични предизвици за земјата, независноста во мерките за контрола на инфлацијата како и независноста за девалвација на валутите.

Еден од најеклатантните пример за непостоење на заеднички став и јасно дефинирана стратегија за прашања од областа на надворешната политика е воениот конфликт во Сирија заради што ЕУ беше целосно маргинализирана од страна на меѓународните актери иако – најголемиот товар од аспект на хуманитарни, економски и безбедносни последици – падна токму на грбот на нејзините земји членки. Дополнително, бегалскиот бран и политиките за прием на мигранти предизвикаа несогласувања особено помеѓу членките на „Вишеградската група“ (Унгарија, Полска, Чешка и Словачка) од една страна и останатите земји (особено Германија) од друга страна, кои инсистираа сите држави на ЕУ да ги исполнат своите должности согласно договорениот систем за распределба на бегалците. Во таа смисла германската канцеларка Ангела Меркел ќе изјави: „Не може да има селективна солидарност меѓу државите-членки.“

Сепак, селективната солидарност дојде до израз со новонастаната пандемија на КОВИД-19 и неизлегувањето во пресрет на некои од најпогодените земји членки на ЕУ, како на пример Италија. Затворањето на националните граници, дефинирање и имплементирање на строго национални политики и мерки за заштита и справување со вирусот, целосно ја доведе во прашање европската солидарност и обединетост.

Но, затоа пак, земјите членки на ЕУ имаат постигнато целосна солидарност и консензус при воспоставувањето на јасна граница помеѓу т.н. „комунитарни“ и „домашни“ работи како на пример прашањето за признавањето на етничките малцинства. Имајќи во предвид дека ова прашање спаѓа во сферата на „внатрешните работи“ на државите, не треба да изненадува молкот на ЕУ за бруталноста на шпанската полиција при справувањето со поборниците на идејата за каталонската независност и нивното референдумско изјаснување на 1 октомври 2017 година. Овој ден за многумина ќе остане запаметен како денот кога беше погребана европската демократија.

Не така одамна, во фокусот на светската јавност беше БРЕГЗИТ. Како клучни аргументи за излезот од ЕУ, Британците наведоа дека ЕУ станува закана за суверенитетот на Велика Британија; комплицираните ЕУ регулативи го отежнуваат нормалното функционирање на Велика Британија; согласно ЕУ регулативите корпоративните елити се стекнуваат со преголема моќ со што се оневозможува преземањето на радикални реформи; нефункционалноста на еврозоната и неприфаќањето на заедничката валута; регулативите на ЕУ според кои е загарантирано правото на граѓаните од земјите на ЕУ да патуваат, живеат и работат од една во друга држава на ЕУ; парите кои Велика Британија ги издвојува во заедничкиот буџет на ЕУ.

Излегувањето на Велика Британија од големото европско семејство е само антиципирање на развојот на настаните во блиската иднина и манифестација на целосна недоверба во овој гломазен и нефункционален политички апарат, со што кредибилноста на ЕУ е доведена во прашање, исто онака како и нејзината одржливост.

Сепак, она што нас во моментов најмногу нè засега е позицијата на македонскиот народ во која што – заради хегемонистичките тенденции на една земја членка на ЕУ, Република Бугарија – грчевито треба да ја докажува и брани својата самобитност, чувството на припадност, правото на самоопределување, македонскиот јазик и историја. Се разбира, во овој контекст е неизоставно и споменувањето на лекоумноста на актуелната македонска владеачка гарнитура.

Да потсетиме уште еднаш дека официјалното мото на ЕУ гласи „Обединети во различностите“. Оттука, прашувам дали официјалното мото под кое Република Македонија би требало да го добие датумот за преговори ќе гласи „Обединети но обезличени“?!? Ако цената за влезот во Европската Унија е нашето обезличување, тогаш прашањето кое неминовно се наметнува е дали воопшто сакаме да бидеме дел од политичка заедница која тврди дека различните култури, традиции и јазици претставуваат позитивна придобивка за континентот а од друга страна не ја дозволува различноста и посебноста на македонскиот јазик и нација, при тоа свесно или несвесно погазувајќи ги вредностите на кои што се темели идејата за Европа и основата на европскиот идентитет.

  • – Anderson, B. (1991). Imagined Communities: Reflections on the Origin and Spread of Nationalism. Verso, London, New York.
    – Bakke, E. (1995). Towards a European Identity. Printed as Arena Working Paper No. 10/1995.
    – Guibernau, M. (2011). Prospects for a European Identity. International Journal of Politics, Culture and Society 24 (1-2), pg. 31-43.
    – Smith, A., (1991). National Identity. University of Nevada Press, Reno, Las Vegas.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.