Предраг Димитровски

Со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во текот на мај, токму тука, на паркингот во Дојран, постигнавме договор за признавање на македонскиот јазик. Тоа се случи пред тогашниот Самит на ЕУ кога двете страни требаше да направиме исчекор и со тоа покажавме на членките на ЕУ дека сме подготвени на компромиси за постигнување договор.

Ова на 2 септември 2018 година на митинг во Дојран за тогаш претстојниот референдум околу промената на името на државата, го исткна премиерот Зоран Заев.

И не беше само тоа. Тој тогаш уште додаде дека преку постигнатите договори со Бугарија и Грција веќе немаме проблеми со признавањето на нашата земја, народот, идентитетот и јазикот, нагласи Заев.

– Добивме пријатели, кои убеден сум дека силно ќе не поддржат на нашиот пат и определбата за европска Македонија. Нашата интеграција во ЕУ и НАТО преку прифаќањето на договорот со Грција е многу важна за Македонија и затоа сум убеден дека на 30 септември ќе донесеме храбра одлука, потенцираше Заев.

Но, сега, две години подоцна, на површина излезе дека ниту народот, ниту идентитетот, ниту јазикот не ни се признаени.

А, иронијата е уште поголема кога станува збор за македонскиот јазик. Значи, наспроти потпишаните договори, ќе се најдеме во ситуација, еден ист јазик, што го користи и употребува еден ист народ, како единствен во светот да има две формулации, иако е влезен во личната карта на Македонија како земја членка на ООН.

 

Со Договорот од Преспа, според формулацијата што на паркингот во Дојран ја пронашле Заев и неговиот тогашен грчки колега Алексис Ципрас, македонскиот јазик е формулиран дека „Втората страна изјавувадека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна“.

Во Договорот за добрососедство со Бугарија, пак, македонскиот јазик се споменува на крајот, каде се вели дека „Двостраниот договор е потпишан на македонски јазик согласно Уставот на Република Македонија“. Но, ова очигледно не ја задоволи Бугарија, па во Декларацијата, што ја донесе Народното собрание се инсистира во меѓународните договори тој да не се ни споменува, а ако веќе мора, тогаш тој да се става во фуснота. Згора на тоа и дека Македонија треба да признае дека македонскиот јазик призлегува од бугарски корени, исто како и македонскиот народ!

 

Меѓу овие две крајности сега македонската и бугарската страна виа Берлин одново преговараат, што е факт потврден и од Скопје и од Софија. А, за што – не се знае! Иако се наведува на тоа дека се работи или за називот на македонскиот јазик, или за начинот на неговата употреба, или и за двете заедно.

За што и да станува збор, се наметнува логичното прашање-може ли во едниот договор да постои една формулација, која дијаметрално ќе се разликува од таа во вториот?

Како и да е, ситуацијата потврдува дека македонската дипломатија, па и самиот премиер Зоран Заев ниту имале визија, ниту знаеле во каква стапица влегуваат, ниту, пак, знаат како сега од неа да се извлечат. Зашто, што и да се изнајде како решение самото по себе ќе биде контрадикторно или со едниот или со другиот договор и ќе служи само како мајтап за пред целиот цивилизиран свет.

Документ на АСНОМ со кој се воведува македонската азбука како официјална азбука на територијата на Република Македонија

Муртинските ситни финти на премиерот Заев дека не потпишал договор со Бугарија за заедничка историја, правдајќи се дека мислел на општа европска заедничка историја не поминуваат ни тука, ни во Бугарија. Исто како што не поминува ни предупредувањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека моментот не смее да се пропушти, без притоа да собере храброст и на јавноста да и соопшти која ќе биде цената што за тоа ќе треба да ја платат Македонија и посебно Македонците.

Неизбежно треба да се спомене и перфидноста на официјална Софија. Зошто не реагираше на македонскиот јазик и кога се потпишуваше Договорот за добрососедство, односно уште Декларацијата од 1999 година, ни кога се потпишуваше Договорот од Преспа? Или, она, како резултат на нашата наивност и добронамерност, си ги оствари своите цели за влез во НАТО и ЕУ, па сега ни продава мускули и голи уцени!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.