Иван Бродиќ
Минатата недела се одржаа избори во Црна Гора по кои ние во регионот на Југоисточна Европа, кој некои го нарекуваат и Западен Балкан, сфативме дека сме имале натпросечен број на монтенегристи, експерти и одлични познавачи на политиката и економската ситуација во Црна Гора. Можно е нивниот број да заостанува само зад бројот на експерти по фудбал и епидемиолози.
Шегата на страна, бевме сведоци на релативно лош изборен резултат за семоќниот владетел на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и за неговата Демократска партија на социјалистите (ДПС). Се е веќе кажано за овој резултат, политиколошки анализиравме што се случува кога на еден народ ќе му здосади да ја има целата власт сконцентрирана во еден политичар, дека во Црна Гора ништо не може да се случи без Мило Ѓукановиќ да го одобри тоа, за неговата нетранспарентна контрола врз политичкиот систем. Слушавме и за наводните истраги за воени злосторства кои се водат против Ѓукановиќ. За неговата корумпираност, за врските со италијанската и глобалната црногорска мафија. Се зборуваше и за богатството на неговата фамилија, по род и онаа другата, и за неговите легални приходи.
Дали се ова вистинските причини за состојбата или се нејзини последици ќе видиме наскоро, останува да се види како ќе се создаде новата власт во оваа земја, кој ќе биде по-вешт во преговорите и кој ќе добие поголема поддршка од домашните и од надворешните фактори. Не е тајна дека во Црна Гора, како членка на НАТО, оваа алијанса ќе лобира за да ги заштити своите интереси.
Свесен сум дека во Македонија нема да најдам многу истомисленици за причините за исходот на изборите по кои ништо во Црна Гора веќе нема да биде исто, пред се поради големата застапеност на разновидните помали полтички партии, но сепак ќе изнесам неколку мои размислувања.
Нулта теза бибила дека за овој резултат се виновни самите Мило Ѓукановиќ и раководството на неговата партија ДПС. Не е непознато да се случи некој што толку долго е на власт, во овој случај веќе 30 години, до толку да се осили и да почне да мисли дека може да прави што сака. Ѓукановиќ досега неколку пати ја менуваше својата политичка насока – од слука на Милошевиќ при агресијата врз Хрватска до човек кој се извини за своите постапки, па беше про-руски играч за да стане поддржувач на НАТО, и сосем е можно да помислил дека повторно ќе му успее. Јавна тајна е дека евро-атланските партнери не се многу среќни што Мило Ѓукановиќ остана во активната политика откако неговата земја влезе во НАТО. Се шири приказна дека на бизнис круговите во Црна Гора им ветил дека ќе се повлече по приемот, но ги излажал.
Исто така, не е неважно ниту неговото играње играчки со кинескиот оган. Кинеските државни банки дадоа кредит за изградба на автопат во Црна Гора со кој долгот на оваа мала јадранска државичка порасна над 70 проценти од бруто домашниот производ. Со анекс на договорот за автопатот неколку недели пред изборите можно е долгот да биде и поголем. Сосем е сигурно дека влегуваме во нова Студена војна меѓу САД и Кина, како што Мајк Помпео порача пред неколку дена, и Западот не беше среќен со тоа што земја членка на НАТО до толку се изложила на спротивната страна во овој конфликт.
Вакво брцање два прста во око на западните сојузници тешко може да преживее било кој политичар кој е на чело на земја членка на НАТО. Можеби лидерите на Франција, Германија или Холандија би истрајале, но не и лидерот на државичка со одвај нешто повеќе од половина милион жители.
Поради сето ова, многу е логично да реагираат бизнис круговите, кои сакаат да избегнат нестабилност или да паднат во немилост на надворешната политика. Токму црногорскиот претседател, кој повеќе пати макијавелистички ја менуваше страната, би требало добро да знае дека во политиката, освен вредностите и идеологијата, пресудна улога има интересот. А стабилноста на власта е една од клучните основи на секој интерес.
Тука треба да се бара причината зошто од Ѓукановиќ се откажаа некои од неговите најблиски довчерашни сојузници, припадници на црногорската деловна дијаспора предводени од бизнисменот Станко Суботиќ – Цане, кои во пресрет на овие избори не штедеа пари за медиумиско влијание. На регионалните телевизиски канали скоро и да не можеше да се слушне еден добар збор за Ѓукановиќ, па дури ни логичната одбрана, дека се работи за гарант на про-западната политика на Црна Гора, наспроти про-српската опозиција која би можела да ја врати Црна Гора под руско влијание.
Како што ни Ѓукановиќ и неговите некогашни партнери не штедеа пари за да го донесат Александар Вучиќ на власт, како ас за евро-атланската интеграција на Црна Гора. Вучиќ возврати така што се откажа од Ѓукановиќ и сака со неговото уривање да му се додвори на Вашингтон пред тешките преговори за признавањето на Косово кои деновиве се водат во Белата Куќа.
Вучиќ играше на две карти. Тој знаеше дека хрватската партија во Црна Гора никогаш нема да ја поддржи про-српската опозиција, па затоа реши да ги растури. Измисли војводински Хрват, всушност Југословен, полковник на ЈНА во време на агресијата врз Хрватска и поранешен офицер на српската војска. Со други зборови, прототип на еден шпион. Го испрати да формира паралелна хрватска партија што беше доволно да се разделат гласовите и хрватските партии да не го поминат цензусот за влез во собранието.
Втора, и многу поважна карта, беше мобилизирањето на верниците на Српската православна црква во Црна Гора кои се почувствуваа загрозени поради законот за верски заедници кој Црна Гора го изгласа минатата година. Со овој закон Црна Гора се обиде да го врати недвижниот имот на Црногорската православна црква, одземен со белградскиот монархистички декрет во 1919 година, која со злато од цариградската патријаршија купи томос за да се признае власт на српската црква над Хрватска, Црна Гора и Македонија.
Овој декрет е особено бизарен за областа Македонија, затоа што, историски гледано, Охридската архиепископија ја формирала Пеќката патријаршија, а црногорската државност пак е директно врзана со нејзината православна црква. На чело на Црна Гора традиционално бил нејзиниот владика од семејството Петровиќ.
Оваа политичка акција на СПЦ е опасна не само затоа што води кон одржување на грабежот од 1919 година, туку навлегува директно во традицијата на црногорската државност, што може да претставува подготовка за некоја долгорочна суспензија на црногорската нација, со некој нов меморандум на српската академија САНУ. Поединци во Србија работат на овој проект веќе со децении.
Како тоа српската политика ја користи СПЦ за реализирање на разни меморандуми на своите академии ни е многу добро познато на нас во Хрватска и во голем дел на Босна и Херцеговина, уште од раните 1990-ти годоини. И не можеме да кажеме дека ни се допаѓа овој пристап, но тоа е друга тема.
Место заклучок, вреди да се запрашаме дали некој воопшто ќе се сетеше на приказните како ништо не може да се случи во Црна Гора без благословот на господинот Ѓукановиќ, дали ќе се сетевме на истрагата за него во Хаг или на легендите за неговата корумпираност и дали толкав број граѓани масовно ќе излезеа на гласачките места мотивирани да го казнат за неговото богаташење да не беа сите погоре наведени интереси?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.