Петар Поп-Арсов
Ја дочекавме и неа, новата методологија за проширување на Европската Унија! Нова методологија, стари блокади… или овој пат ќе биде поинаку?!
Новата методологија има за цел да продуцира претпристапни преговори кои ќе бидат покредибилни, подинамични, попредвидливи и со поголемо политичко управување. Звучи охрабрувачки!
Читајќи ги само насловите на четирите столба врз кои се потпира методологијата, се стекнува впечаток дека целта е да се поедностави и олесни процесот на пристапување. Ќе помисилиш дека сега ќе биде лесно. Сосема спротивно на впечатокот кои го оставија француските пораки упатени на октомврискиот самит на ЕУ.
А, кои се реалните пораки, кои покрај изобилството нови термини од типот на „кластери“, „фундаменти“, „поглавја“, „придвидливи динамики на кредибилно политичко управување“, ги содржи новата методологија, која патем кажано, сеуште не е конечна и ја чека мартовската потврда од земјите членки?!
Уште во првата реченица, содржана во делот кој што се однесува на зголемувањето на кредибилитетот на пристапниот процес, се говори за враќање на кредибилитетот. Замислете, Европската Комисија признава дека кредибилитетот на процесот е загубен! Исчезнал, го нема! Потребно е да биде вратен!
Ние во Македонија, уште во 2009 година говоревме за исполнети критериуми, оние од Копенхаген. Тоа се истите критериуми кои што беа услов и сеуште се услов за почеток на преговори. И, видете сега, единаесет години подоцна, Комисија заклучува дека кредибилитетот на пристапниот процес е загубен! ЕУрека!
Уште од 2009 година говориме за примена на двојни стандарди и менување на правилата на игра на „натпреварот“ кој што е во тек. Говоревме дека се потребни јасни правила кои ќе овозможат предвидливост на процесот. Укажувавме дека преговарачкиот процес треба да започне, да тече, а сите спорни прашања кои доплонително се наметнуваат надвор од критериумите од Копенхаген, да бидат решавани паралелно со процесот на преговори. Потсетувавме дека ЕУ и сите нејзини членки имаат безброј алатки и можности за блокада на пристапните преговори на земјите кандидатки, во случај истите да не ги исполнуваат бирократските и политичките барања.
Но, немаше кој да слуша! Европската Унија беше самодоволна, арогантна и полна со самата себе!
Што имаме сега, единаесет години подоцна?
Ја имаме Европската Унија, осакатена, без големата Британија. Ја имаме ЕУ длабоко поделена по различни основи. Имаме Европска Унија погодена од внатрешни и надворешни кризи, која е речиси нем набљудувач на случувањата во нејзиното соседство, без да има амбиција, ниту пак можност да учествува во глобалните политички игри. Ја имаме ЕУ, свртена кон самата себе и своите проблеми, фокусирана исклучиво кон сопствената економска компонента, која за среќа сеуште е во добра кондиција.
Денешната ЕУ го нема оној комодитет, капацитет, моќ и маневарски простор за толерирање на евроскептицизмот и антиевропското расположение. Токму евроскептицизмот, само до пред десетина-петнаесет години, делуваше онака наивно, бенигно, патетично, дури и симпатично како дел од мозаикот на европскиот демократски диверзитет. Делуваше како декор во европските различности и слободата на мислење и изразување во неприкосновената Европска Унија.
Ја нема веќе таа ЕУ, ја нема веќе таквата неприкосновеност!
Затоа, не е случаен и наивен делот содржан во новата методологија кој што укажува на потребата лидерите на земјите кандидати, јасно потенцирано лидерите од Западен Балкан, да мораат поверодостојно да ја исполнат сопствената заложба за спроведување на неопходните фундаментални реформи. Пристапувањето кон ЕУ треба да биде активен општествен избор, а лидерите, оние кои што ќе бидат избрани од општествата (граѓаните) на земјите кандидати, да покажат лидерство на патот кон ЕУ. Нема веќе простор за различно мислење! Нема простор за евентуален сомнеж во исправноста на имплементацијата на секој сегмент од европското право во домашното законодавство! Нема простор за дијалог и укажување на можност за подобри решенија! Со еден збор, нема простор за евроскептицизам! Или си со нас, или си против нас! Ако си против, ништо од бизнисот!
Преку новата методологија ЕУ јасно укажува дека нема повеќе да толерира антиевропски политички лидери. Јасно укажува дека уште при самиот избор потребна е свест и јасна решеност на граѓаните на земјите кандидати за европската интеграција на сопствената земја.
А бевме толку блиску! Уште во 2009 година. Барем според бирократско-администртивните критериуми. Спорот за името се покажа како непремостлив политички проблем, кој што Македонија ја држеше под постојани блокади. И еве сега, Европската Комисија предлага посилно политичко управување на процесот. Како до сега политичкото управување да беше послабо, а политичкиот моментум нешто најмалку важно во целиот процес. Токму политичката компонента беше клучниот елемент од кој зависеше понатамошниот тек на европските интеграции на секоја земја кандидат и во минатото. Самите европски лидери признаваат дека Романија и Бугарија, уште во 2007 година, станале членки поради политички причини, а не поради целосната подготвеност и исполнетите критериуми.
Двојните стандарди, непредвидливоста, доминантно негативната условеност и загубената динамика на процесот, како и постојаните блокади со кои се соочуваше Македонија, продуцираа криза во државата, која трае, и трае, и уште трае. Придонесоа да се загубат сите реформски постигнувања кои ја придвижија земјата напред. Прeдизвикаа појава на инверзија на вредностите во македонското општество. Поттикнаа криза која продуцираше ерупција на криминал и корупција, токму кај оние кои што требаше истиот да го гонат.
Затоа, беа сосема очекувани и логичени сите настани кои произлегоа како последица на нефункционалноста на европските механизми. Неспособноста на ЕУ да ги оневозможи блокадите на процесот ги девастираа сите постигнувања во Македонија во периодот по добивањето на првата препорака за почеток на преговори во 2009 година. ЕУ ја има најголемата одговорност за сите ретроградни процеси кои што потоа и се случија на Македонија!
ЕУ сега молчи! Се прави слепа, избегнувајќи да го види сопствениот производ, кризата во Македонија. Толерира недемократски и неделовнички процедури во законодавниот дом. Премолчува усвојување на закони со злоупотреба на европското знаменце. Не реагира на закони спротивни од препораките на Венецијанската комисија. Не се вознемирува од партизацијата на администрацијата, која деновиве, непосредно пред избори, се полни со невидена брзина до сега. Ја игнорира еколошката катастрофа во земјата која ја претвори во крематориум на сопственото ѓубре.
Запрепастувачки!
Така не беше во 2009 година и две-три години пред и после тоа! Се внимаваше на секоја точка и запирка.
Сега, откако ЕУ активно придонесе за ваквата состојба во државата, преку новата методологија бара фокусираност, лидерство и реформи. Во ред, не е проблем! Ние и досега, вакви какви што сме, ќе ги спроведевме потребните реформи ако имавме кредибилен и стабилен партнер од другата страна. Ќе ги изберевме најевропските лидери кои ќе ги испорачаа потребните резултати. Ќе најдевме начин да се справиме и со хунта и со хибриден и со било каков вид на режим. Само да имавме партнер од другата страна кој што ќе беше онаков за каков се прикажуваше.
Со новата методологија ЕУ нуди повеќе стимулативни инструмент кои ќе имаат за цел да им овозможат на земјите кандидати поефикасно да го спроведат процесот на пристапување. Ваквите стимулативни инструменти можат да се сфатат како награда, но истовремено и како коруптивна компензација за сите оние политички лидери кои ќе се согласат да спроведат одредени политички отстапки во текот процесот на пристапување. Никој во Македонија нема да биде зачуден од нови барања и уцени за откажување од есенцијалните атрибути на македонската држава и народ. Сето ова е веќе доживеано и преживеано! Останува да видиме и да внимаваме!
За нас, методологијата не е ништо ново. Сме навикнале и на стабилизации, и на асоцијации, на бенџмаркови, кредибилни избори, а кај и да е, ќе навикнеме и на кластери, фундаменти, позитивна и негативна условеност. Она што е ново, е признанието на ЕУ за изгубениот кредибилитет на процесот. Се надевам дека самата ЕУ, за промена, ќе ги почитува сопствените правила, ќе го врати кредибилитетот и ќе придонесе за вистинска интеграција на Македонија и земјите од Западен Балкан.
Текстов звучи евроскептично?! Да?! Но, јас не сум евроскептик, ниту пак сметам дека треба да се откажеме од нашите евроинтеграции! Напротив, треба да продолжиме во тој правец уште посилно. Европската Унија ја гледам како единствена опција во која сите Македонци, оние кои живеат на европско тло, повторно ќе живеат во една заедница, онака, како што отсекогаш живееле заедно во рамките на различните империи кои што владееле со овој простор во текот на историјата, од антиката до денес. Ова важи и за останатите заедници и балкански народи кои живеат во регионот. Ние Македонците сме поделени еден век, само еден век, од Букурешт во 1913 година. Од тие причини, ЕУ треба да остане наша стратешка цел, не заради некој друг, туку заради нас самите. ЕУ треба да остане наша стратешка цел, независно од нејзината ароганција, дволичност, немоќ и внатрешна устроеност која ја ограничува ефикасноста на нејзиното делување. Членството во Европската Унија е единственото можно решение за стогодишната тенденција и борба на Македонецот за македонско национално единство, по секој основ на поимање на овие термини!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.