Роднинските врски меѓу Македонците и Бугарите, особено дилемата дали се браќа или братучеди, при што не е важно дали се од прво, второ или трето колено, се помалку излегуваат од устите на бугарските политичари. Или, подобро речено, излегуваат по потреба, според системот топло-ладно.
Во зависност од тоа што сакаат да ни порачаат нам Македонците или како да ни го претстават македонизмот.
Па, во тој контекст образложенијата се повеќе или помалку познати и, што е најважно содржани во образложението на бугарското вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Но, во меѓувреме стекнавме и нови сознанија. На пример, покрај тоа дека сме Коминтерновска творба и дека како Македонци постоиме од 1944 година, а јазикот ни бил западнобугарски дијалект, дознавме дека македонизмот бил расистичка теорија, дека тој ја негира и сатанизира Бугарија, дека ти бил политичко чудовиште и патолошки според својата природа… Конечно, дека Македонија ти била Северна Кореа на Балканот.
И сите овие „епитети“ излегуваат од устите на официјални бугарски политичари или нивни подопашници пред кои, во името на добрососедството и елиминирањето на говорот на омраза мораме да ги затвораме очите и да молчиме.
Зашто, не дај Боже да им паднеш в раце на оние мали проверувачи на факти. Не што ќе те блокираат на социјалните мрежи, туку ќе те направат, во најмала рака, неписмен или најголем анти-Бугарин, анти-Европеец, анти-НАТО-вец, анти-Американец и што ли уште не. Па, само они се, нели, писмени, големи и про… Како прави деца. Удбашки или достини, се едно. Во иста шупелка свират. А, за што? Они самите најдобро си знаат.
Чудно, ама ова пародијава со добивањето српски вакцини на Табановце, не доби соодветен публицитет во Бугарија, како што беше примерот со најавата за можноста за следење на наставата по избор на српски јазик. За разлика од тогаш, кога без никаква основа ни ја извадија кожата, сега главното прашање, што им стигна директно од Скопје, им е каде се бугарските вакцини, кои ги вети „братот“ Бојко?
А, јас, пак, по паметот на Красимир Каракачанов скоро бев убеден дека ни ги дале и дека одамна се дојдени. Да потсетам, Краси на денот кога се чествуваше денот на раѓањето на Гоце Делчев преку фејсбук статус ни порача дека ни дале вакцини против Ковид-19, ама не можеле да ни помогнат околу Стокхолмскиот синдром, зашто за тоа се уште немало откриени такви.
А, тој, Стокхолмски синдром, ни го импутираше заради српскиот јазик и нашето „србо-југословенство“, демек нашата неодолива желба заеднички да страдаме и патиме со српските завојувачи и освојувачи по Балканските, Првата и Втората светска војна. Ама, утка. Се покажа дека и Бугарите си имаат свој Зоран Заев. Едно мисли, друго збори, нешто сосема трето прави! И оди после, па верувај му.
Нејсе. Памет за друг пат.Уф, ќе заборавев. А, зошто истиот Стокхолмски синдром не ни го удри Краси по глава за време на Втората светска војна, од 1941 до 1944 година? Или мисли дека тогаш немало насилство и последици за Македонците?
За среќа, се јави вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Во последното интервју за 24 часа, таа, меѓу другото, ни порача дека целта на Бугарија не била да ги расипе пријателските односи меѓу Скопје и Белград.
И види чудо! Бугарија сакала, според Захариева, да сме имале пријателски однос и со нив!? И не само тоа, туку сите да сме биле пријатели, да бидеме поврзани и да градиме заедно. Притоа, не пропушти да ја спомене основата на нашиот проблем-„воспитувањето генерации со омраза кон Бугарија и Бугарите“.
Значи, ни браќа, ни братучеди, туку-пичове! Бугарски пичове!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.