Васко Шутаров
Нешто е гнило во државата Данска
Кога во 1813 Данска повеќе не можела да се носи со трошоците на војната, а државата банкротирала, го советувале данскиот принц Кристијан Осми најпрво да ги скрати трошоците за образование. Тој одлучил да го направи токму спротивното и рекол: „Ако не сме доволно паметни, можеме да заборавиме на идејата дека ќе опстанеме како држава“.
Денес Данска го има едeн од најдобрите образовни системи во светот, според индексите на ООН за образование и човековите развојни индекси, според сите релевантни меѓународни оценувачи на образованието. Учениците и студентите кои низ целиот процес на образование државата максимално ги помага, насочени се првенствено кон критичко развојно и самостојно размислување и истражување на проблеми, поттикнувајќи го првенствено нивното чувство за саморазвој и самопочитување. Данските студенти се мотивирани и насочувани низ сите степени на високото образование кон што подобро и полесно академско прилагодување кон потребите на глобалниот пазар на знаења. Денес Данска го има еден од највисоките проценти од вкупниот државен буџет кој се издвојува за високо образование и научни истражувања.
Средното е вредно.
Мојата држава, како што милува да кажува актуелната политика, издвојувањата за наука и научно-истражувачки проекти, со години ги тркала по рабовите од буџетска статистичка грешка од 0,1 %, ако и тие средства не се пренаменат во меѓувреме за некоја поважна област од науката, а нив ги има бескрајно многу. Како помошта за општина Арачиново за борба против коронавирусот или милионски суми за огревно махагоново дрво во Зајас, на пример.
Нашата министерка за образование и наука, како што исто милува да каже власта, деновиве имаше ретка можност, во живо да сретне шестмина научници од Македонија кои се дел од 2% најцитирани и највлијателни научници во светската наука, според анализи на еден од највлијателните универзитети во светот, американскиот Универзитет „Стенфорд“. Мизансценот се случува пред некомплетен научен состав и пред банер со испринтани пароли „Средно што е вредно”. Ова е огромен успех за нашата држава и нашата наука, ќе кликне од радост „нашата министерка”, која како и „нашава влада” за параден кич секогаш ќе изнајде пари, макар брцнала и по последниот денар од буџетот за наука.
Колку чини незнаењето?
Кога веќе го спомнуваме Универзитетот „Стенфорд“, вредно е да се присетиме на научник од овој високорангиран универзитет, професорот Роберт Проктор, кој во светската наука стана познат преку своите истражувања за тутунските гиганти во светската економија. Што велат истражувањата што професор Проктор ги врши врз огромните финансии што моќните тутунски индустрии ги вложуваат во науката и истражувањето? Неброени милиони се одлеани за медиумски експерти, кои истражувањата за штетноста од пушењето цигари требало да ја проблематизираат и релативизираат, убедувајќи ја јавноста дека директни штети од пушењето врз здравјето на луѓето не се докажани, а катастрофалните резултати од сериозни медицински студии требало медиумски да се прикажат како „контроверзни исклучоци”. Целта на овие милионски скапи истражувања, не била да се негира вистината, туку да се создаде сомнеж. Или клучно, да се продуцира контроверзност. Еднаш кога ќе се размножи црвот на сомневањето, важно е понатаму само да се култивира неговиот развој и размножување и целата оваа област на интерес по здравјето на луѓето да се проблематизира и комплетно релативизира. Така, во дискурсот на 20. век е создаден неологизмот, агнотологија. Или, проучување на намерните дејствувања кои имаат за цел ширење незнаење и измама, најчесто за да се продаде некој производ или да се добие наклоност.
Незнаењето е поскапо од знаењето
Незнаењето е моќ, а агнотологијата е намерно создавање на незнаење. „Живееме во време на радикално незнаење, па чудно е што воопшто ваквата вистина доаѓа до нас”, ќе каже проф. Роберт Проктор. Наравоучение?! Да, незнаењето нема цена и неброено пати е поскапо од знаењето. Да, „нашата министерка”, не е важно дали и колку го разбира образованието и дали знае за агнотологија, но првата „реформа на основното образование”, со слевањето на предметот Историја во предмет Општествени науки, кажува точно која е нејзина улога во актуелното креирање и поттикнување незнаење, неукост и профилирањето идни академски граѓани со посебни академски потреби. Таман, како за држава со посебни потреби, од нивните глави.
Игнорирањето е така фенси
Науката вели дека најчесто неодвоив партнер на незнаењето е сеопштото игнорирање. Во вистинската експлозија од контроверзни информации со кои граѓаните се бомбардирани секојдневно преку медиумите и социјалните мрежи, збунетоста и отпорот кон нив најчесто се преточува во игнорирање. Игнорирањето е цврсто вткаено во материјалниот и информатички конзумеризам во кој живееме, преку неговата прва законитост: „Уживај, дури трае!” Во таков амбиент, подобро е да не се знае. „Не прашувај ништо, уживај, дури можеш”, така се негува игнорирањето кај граѓаните распнати меѓу контроверзни информации. Меѓу едни кои намерно ја сокриваат или релативизираат вистината и други кои поттикнуваат сомневање во веродостојноста и исправноста на вистинитита информација, а потекнуваат од исто место, од ист извор на информации.
Во таквиот интерлудиум секој си дозволува да си го живее своето „ignore”, но и да биде и коментатор и експерт за сè и сешто, повикан да донесе суд за (не)исправноста на фактите, од кој било сегмент од реалноста. Таквиот амбиент е родно место за негување професионални дебатери и експерти за сè, кои додават секојдневно масло на распалениот оган од незнаење и неукост. Наспроти гласот на науката и илјадници научници кои цел свој животен век го посветиле на научната вистина која никој сега нема да ја чуе, или најблаго речено, ќе поминат со онаа – „ма што они знаат”.
И џубоксите се така фенси
Смисленото расејување и размножување на неукост, станува потесна специјалност на професионалци, т.н. џубокс-експерти, кои ја култивираат неукоста, секогаш кога вистината треба да се проблематизира и релативизира, патем моделирајќи прекрасна незаинтересирана маса свет, која политиката и џубокс-политичарите ќе си ја земат под свое и ќе можат да си ја работат и доработуваат како сакаат. Во светот на контролираниот јазик, многу полесно се контролира и мислата и однесувањето, нели така беше?! Со неукоста на професионалните „незнајачи” и автоцензурата на тие што вистински знаат, доаѓаат само нови и нови орвеловски оловни времиња. „Бидејќи два и два се пет! Слободата е ропство! Незнаењето е моќ”! За светот не сум сосема сигурен, но за македонската Орвелова, „2020” година сум убеден дека штотуку ја живееме. Како што сум апсолутно убеден дека нашата министерка е уште еден обичен џубокс-политичар кој треба да отсвири нешто, по нарачка и за паричка. Како сеопфатното сексуално образование, на пример, што во главите на џубокс-владава, ќе нѐ приближи кон Данска?! Во нивните глави.
20.000 ученици во моментов не учат и тоа воопшто не е фенси
2020 година е несомнено година на најголемо абдицирање на науката пред неукоста, но во која сигурно се изнедрија и лидери на држави со мудрост и визија, како своевремено данскиот принц Кристијан Осми. Оваа пандемска година беше вистинско време за зрело политичко лидерство и за вложувања во здравството, науката и образованието. Оние држави кои ги усмерија сите свои ресурси и капацитети во овие три животно важни ресори, навистина вложуваат и во иднината на своите граѓани. Нашата држава сигурно ќе ја нема во овој список држави.
Оваа година беше вистинско време за комплетно реформирање на образовниот систем. Немам ни трошка илузија за некадарноста на оваа гарнитура на власта да осмисли и реализира таква реформа. Најнапред, затоа што имаме влада однегувана со сите нишани и адети на неукост и затоа што е ова убедливо најслаба интелектуално поткована гарнитура на власт од осамостојувањето на државата, и тоа убедливо. Кој третман да очекуваме да го има образованието, ако низ владиниот состав се промовираат кадри, кои дипломирале или докторирале и пред да бидат основани универзитетите и факултетите на кои стекнале „знаење”. И не слушнав, дека некој и се обиде да се извини за тоа.
И што да очекуваме од министер кој допрва ќе се информира кои се проблемите на основното, на средното, па на високото образование. Тоа дека е именувана за да ја истера по секоја цена набрзина склепаната импровизација од комбинирано физичко и виртуелно следење на наставата, макар по цена и на стотици наставници и ученици жртви на вирусот, макар илјадници и илјадници ученици и понатаму останале надвор од дометот на онлајн-следење на истата. Слушаме од устата на „нашиот премиер”, дека се тоа најмалку 20.000 ученици!!!
Не треба да се биде пророк, па да се предвиди, каков параден кич и само тоа, му се спрема на македонското образование. Меѓу двете полугодија со полна медиумска помпа, ќе падне првото симболично дарување таблети лично од „нашата министерка”, патем благоглаголива кон успешно истераното прво полугодие, паднато врз грбот на неброени посветени просветни работници, на загрижени и посветени родители и, секако, ученици кои сè уште не ги зафатил актуелниот тренд на општо негување и расејување, неукост и незнаење.
Немам илузии дека со оваа власт ќе се одлепиме од европското и светско дно во вложувања и реформи на образовниот систем. Оваа влада и самата е реинкарнација на неукост и незнаење, и да посакува нема да разбере како поинаку. Неукоста, така добро ѝ прилега на актуелнава власт, која е толку далеку од модерните европски образовни програми, колку што се коњите и магарињата по кои расфрлаше европски пари за образование, истражување и наука, далеку од онаа длабока мисла на Нил Флеминг, дека „собирањето податоци не е информација, собирањето информации не е знаење, собирањето знаење не е мудрост и собирањето мудрост не е вистина“. Како пуста Мила да го разбере ова и како граѓаните да разберат конечно, дека „дури не станат свесни за ова нема да се побунат, а сѐ дури не се побунат нема да станат свесни”. (Орвел „1984”)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.