Петар Поп-Арсов
„Започнавме постапка за избор на најодговорните кандидати за пратеници во историјата на независна Македонија“, рече Заев во четвртокот! Централниот одбор на СДСМ започна процес за избор на кандидати за пратеници во македонското собрание.
Ништо необично! Сосема нормално во ваков политички момент! Впрочем сите партии ќе ги започнат сопствените постапки за избор на кандидати за пратеници. Навикнати сме на препознатливиот изборен фолклор и како зависници ја чекаме новата изборна доза која што ќе го дополни нивото на нашиот секојдневен неспокој, на кој веќе сме навлечени со неизлечива зависност. Но, тоа е старо, веќе видено!
Што е она новото и интересното што беше соопштено вечерта на 30 јануари од страна на доскорешниот премиер? Кои се клучните зборови кои што беа употребени, а ја претставуваат вистинската порака и вистинската политичка намера на заминатиот премиер и партиски претседател со неизвесна иднина? Што е она што, скриено во масата на флоскули од типот „транспарентен, инклузивен и професионален процес“, или пак, „да се одберат одговорни, чесни и професионални личности, кои уживаат углед и доверба во професиите и местата на живеење“, е суштинската и реална супстанца која ни ја сервираше Заев?
Првата информација која што беше соопштена е дека во СДСМ ќе се бираат најпрофесионалните кандидати за пратеници во историјата на независна Македонија. „Добра идеја“! Веројатно сметаат дека досегашните состави на македонското собрание, особено пратеничките групи на СДСМ, беа составени од „тотални аматери“, „недостојни“ да ја вршат пратеничката функција, вклучително и пратеничкиот состав, оној, од 15 септември, во кој и самиот тој беше член, па затоа сега решиле да бираат „професионалци“!
Професионалност! Пак ли професионалност? Омилен збор кај нашиов режим на хибриден погон. Клучен збор! Клучен во приказнава, кој како параван, отпрвин треба да ја скрие, а потоа, како платформа, и да ја реализира намерата која што се крие зад оваа флоскула.
А што е намерата?
Заев информираше дека постапката ќе се води согласно партиските акти, од базата до врвот на партијата. Но, со една НОВИНА! Покрај партиските структури, во процесот на избор на кандидати, ќе биде формирана работна група, во која ќе членуваат и надворешни експерти од различни области, задолжена за креирање на ранг листа на кандидати.
Овде е суштината на она што ќе се случува во рамки на процесот на избор на кандидати во СДСМ. Ќе биде формирана работна група, која по се изгледа ќе има одлучувачко влијание, поголемо дури и од она на партиските органи статутарно обврзани и задолжени за носење на одлуки за кандидати за пратеници. Групата веројатно ќе биде составена од луѓе од доверба, со задача да ги рангира највисоко на ранг листите оние „најпрофесионалните“ кандидати, подобни за партискиот лидер. Група, која што ќе ја дерогира внатрепартиската постапка и која што исклучиво ќе работи во правец на зајакнување на позициите на партискиот лидер со неизвесна иднина, елиминирајќи ги неистомислениците.
Ништо ново, звучи познато! Единствената реална новина во сето ова е обидот да се маскира дисквалификацијата на демократските процедури во рамки на партијата, процедури на кои се обврзани политичките партии согласно нивните партиски акти и како такви заведени во регистарот на политички партии во една демократска земја. Неможеме да очекуваме демократијата да цвета во државата, без истата да постои внатре во партиите.
Тоа ќе му се случи на СДСМ. Ќе бидат кандидирани кандидати, подобни, лојални и блиски до актуелниот лидер, исклучиво, и само заради негова заштита од она што ќе следи по изборите во април. Тоа им е новината и тоа е намерата! Професионализмот како термин, дотогаш одамна ќе биде заборавен!
Во тој контекст, многу индикативно беше интервјуто на американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, кое се случи истата вечер, речиси истовремено додека се одржуваше седницата на Централниот одбор на СДСМ. Таа, покрај јасните пораки до сите релевантни политички партии во Македонија за нашето НАТО членството, кое го стави во иста рамка со стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, односно стратешкиот интерес на САД од таквото членство, јасно порача дека очекува непречени и фер избори, а по изборите, непречена транзиција кон новата влада која ќе остане посветена на реформскиот процес.
Транзиција, клучен збор во нејзиното интервју! Не би можел да навлегувам во тоа што подразбираше американската амбасадорка со терминот транзиција. Мнозинството граѓани веројатно тоа го сфаќаат како транзиција на власта од една кон друга партија, односно коалиција. Помала група можеби тоа го сфаќа како некој вид на внатрепартиска транзиција на моќта, со надеж дека власта ќе остане кај хибридните.
Сепак, независно од тоа кој како ја сфаќа оваа порака на амбасадорката Брнз, сите логични показатели укажуваат на тоа дека единствен сигурен лик кој што може да биде транзитиран е лидерот на СДСМ, зарем не? Лидерот, кој што со импровизирани работни групи се обидува да ја зајакне сопствената позиција во рамки на партијата, дерогирајќи ги демократските процедури на кои што е обврзан.
Амбасадорката Брнз јасно кажа и тоа дека партиите и кандидатите несмеат да дозволат простор за надворешни и внатрешни влијанија кои ќе го контаминираат и нарушат демократскиот процес. Демократски процес, јас тоа го читам како процес од почеток до крај. Демократски процес не е само кампањата или денот на изборите! Демократски процес е се она низ кое што поминува еден кандидат, од моментот на предлагање, кандидирање, избор, па се до неговата верификација.
Истото треба да се однесува на сите останати партии, а погоре кажаното може слободно да се толкува според онаа народната „Ти зборам ќерко, сети се снао“. Или пак, бидејќи јас, опозиционо настроен, го пишувам ова, поверодостојно ќе звучи „Ти зборам снао, сети се ќерко“.
Втората суштинска информација, која што ни беше соопштена во рамки на изјавата на Заев, е дека односот на мажи и жени на кандидатските листи ќе биде по принципот 50-50. Целосна еднаквост!
Тука нема ништо спорно. Немам ништо против еднаквата застапеност. Впрочем и актуелниот закон, како и сите закони пред тоа, не го превенираат правото на било која партија да кандидира подеднаков број жени и мажи. Актуелниот, како и неколкуте претходни закони, предвидуваат само обврска за минимална застапеност на претставниците на обата пола. Ако намерата на Заев е да во рамки на актуелниот закон го стори тоа, тогаш дискусијата тука завршува.
Но, она што е индикативно и сеуште останува нејасно е тоа што Заев не соопшти дали ќе има промени во Изборниот закон во делот на минималната застапеност. Не соопшти дали евентуалните промени ќе се задржат само на изедначување на односот мажи-жени, или пак ќе има и посериозни промени во изборниот модел, од типот на една изборна единица, отворени листи, мнозински модел, итн., итн. Останува да видиме.
Со оглед на тоа што за овој закон се водат меѓупартиски преговори и со оглед на тоа што речиси ниедна друга партија до сега не реагираше на оваа информација, води кон заклучок дека некако бенигно се сфаќаат пораките и намерите на Заев.
Човекот кој што беше спремен на брзи решенија по секоја цена, од типот на „Илинденска Македонија“, усвојување на закон за јазици без консултации со Венецијанската комисија, или пак обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на Уставот без учество на политичкиот опонент, речиси сигурно е дека ќе биде спремен и за промена на Изборниот закон, вклучително и изборниот модел, како и за донесување на Законот за јавното обвинителство, и тоа без учество на опозицијата! Човекот, кој со импровизирани работни групи во рамки на сопствената партија подготвува терен да ја избегне непречената транзиција, нема да води сметка за ставовите на опозицијата. Човекот, кој со леснотија изјавува дека изборите во април можат да бидат одложени, готово сигурно е дека око нема да му трепне за тоа дали опозицијата ќе биде доведена пред свршен чин за да мора да го преиспитува сопственото учество на изборите поради недостаток на демократски амбиент.
Ценејќи според тајмингот на интервјуто на амбасадорката Брнз, како и според останатите нејзини активности, изгледа дека таму се свесни за политичкиот исход кој што би произлегол од намерите и најавените потези на хибридниот режим. Веројатно се свесни и во опозицијата, која треба да вложи дополнителен напор и внимателно да ги прима сите, па и оние наизглед бенигните пораки од спротивниот табор. Потребно е активно пресретнување и превенирање на недемократските постапки и политички егзибиции на човекот кој се бори за сопствениот политички опстанок и кој што по секоја цена ќе сака да ја избегне непречената транзиција.
Македонија е пред сериозен исчекор напред и не смее ништо да се остави на политичката стихија, импровизации и случајност. Работите не можат да се решат сами по себе!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.