Васко Шутаров
Се обидувам да не го осудувам пред да си го објаснам, она што деновиве очигледно ни се случува. Во едно долго и топло лето во кое сме затворени во границите на државата, како никогаш во нашата поблиска историја, сликите и сцените набиени со младешка енергија и здивеан клупски нагон и ритам, среде пандемија, ниту ме зачудуваат, а најмалку ме збунуваат (или не дај Боже, скандализираат). Да бидеме искрени, да ја имаме сите таа младост, во оваа збунувачко луда година на страшни ограничувања и одрекувања, сите ќе бевме дел од некој сличен брз вентил за празнење на насобраната и неартикулирана енергија. И што евиновна младоста, што не знае, што носи староста? Или годинава, на т.н. нови реалности. Посебно во еден жилаво вткаен и непокорлив контекст, во кој егзистираат едно до едно и младоста и зрелоста и староста. Во нашиов тврдокорен, првороден и никогаш завршен контекст, наречен- Паланка. Ајде за почеток, да не се згрозуваме толку и осудуваме без остаток и резерва. Туку да си поговориме отворено, самокритички и по можност, барем во овој контекст,витешки и чесно.
За почеток, пребарувањата во македонскиот јазик, за разлика од соседските јазици, нема да нè доведат до бројни извори за поимот, паланка. Или поимот касаба, кој го среќаваме во бројни книжевни остварувања во јазиците од соседството и регионот. И едниот и другиот поим, се во основа турцизми, кои не се одомаќиниле во модерниот македонски јазик. И едниот и другиот поим значат, мали тврдини оградени со колца и ровови, по патиштата на Турската империја. За касабата уште ќе пронајдеме оскудни податоци, дека е преземена од арапскиот јазик и означува мала утврдена населба, што подоцна станува синоним за мали гратчиња по патиштата од внатрешноста на царствата или империите. За витезите, иако како поим не толку важни за нашиов контекст, но кога се веќе погоре спомнати, се вели дека се личности кои добивале почесна титула на витештво од владетелите, најчесто биле воини од доверба, за што добивале право на господарење на одредена земја. Во Обединетото Кралство на пример, пандан или модерен еквивалент на витезите или рицарите, биле дамите. Поентата е, можеме ли во отсуство на неодомаќинети поими за паланка или касаба, да проговориме со јазикот на исто, не баш одомаќинети поими за „дамско и витешко”? За да видиме до каде сме, зошто сме и до кога ќе сме вака?
Модерниве мотиватори знаат да кажат вака:„кога неви даваатникакви шанси дека ќе успеете во нешто, зграбете ја таа севкупна можност-и успевајте!”. Да пробаме тогаш заеднички да ја декодираме паланката, бидејќи сепак постои водилка за нејзино декодирање, напишана и тоа во вистински витешки стил. Капитално дело е тоа, пишувано уште во 60-те години од минатиот век, во Белград.„ Филозофија на паланката”, од Радомир Константиновиќ, преведено и објавено за среќа и на македонски. Но и сокривано и потиснувано од очите на јавноста и кај нас и во соседството. Како Пепелашка под корито, со својата убавина и чистота, случајно да не го засени шаренилото од нашминкана и дотерана привлечност на полесно податливото.
Во Град кога сакаш, но од Град кога ќе те пуштат
Паланката за Константиновиќ и неговите следбеници, не е географска одредница или синоним за провинција или периферија, туку стил и начин на живеење, филозофија и култура која е вградена во сите општествено-политички и културни пори.Во кои, да се биде „паланчанец” значи да се биде моделиран повеќе како пасивен објект отколку како делувачки субјект, со привид на „важност,” во еден ред и поредок на обичајни и новокомпонирани норми и правила, во кои се глуми отвореност, а вистински се живее затвореност. Во скаменет систем од пред сè, материјални вредности,преку кои еднаш и засекогаш сe решава инивидуалитетoт и идентитетот, потполно (о)слободен од морални вертикали и надмоќност, кои ги носи културата. Бидејќи вклопеноста и вгнезденоста во доминантниот и општо признаен дух на чаршијата и паланката, дозволува само еден единствен културен образец, нели?Оној најпожелниот и најпасивно,можниот.
Тој непокорлив паланечки дух на еднообразност, или дух на готови решенија, често и брутални, може во име на својата комфорност да проголта сè она што стрчи или се издвојува, мисли поинаку, делува или креира поинакви и пошироки хоризонти. Која мала паланканемала свои силни и пошироко скроени поединци, со морални вертикали и културни хоризонти, а да не се обиде, да ги задуши или потполно уништи? И групните или колективни отстапувања од длабоко вкоренетиот образец на поданичко паланечко однесување, провоцирале и уште продуцираат исти или слични репресалии. Истовремено, паланечкото иако трајно распнато помеѓу двата културни модели на судир помеѓу традиционалното и универзалното, наоѓа свој заобиколен пат- премин,преку којвладејачката олигархија елегантно си го пробива патот кон својата самооддржливост.По тој трет пат, во кој крајпатните знаци се само украси на една псевдо-фоклорна популистичка кич култура, секој си ги добива своите пет минути. Паланечка слава, срам или влијание. И сето тоа, под капата на новокомпонираните паланечко-племенски феудалци, лишени од секаква меѓусебна витешка вештина, култура и комуникација.
Затоа не се ни обидувам да осудувам било каква еманација на младешко „дивеење по разноразни Градишта” во нашавa сеопшта паланечка реалност. Впрочем, нели ви е сосем јасно, дека ваквите сцени што треба да нè скандализираат, се во совршена спрега од нечинење и недејствување на сите надлежни органи и институции на нашава заеднички организирана паланка. Демек, органи и институции, за да служатсамокако украси на новокомпонираново феудално подаништво кон вистинските владетели дома или надвор. Без трошка витештво и чесност! Додека, пасивноста, недејствувањето, незнаењето, никогаш не биле толку посакувани, нужно потребни и со толкувисока цена. Спрегата од силно негуваниот паланечки дух и власта која што управува со него, чувствува дека тој пат кон понапредниот дел од човештвото, е невозможен дури не се искристализира тој добар пат кон новото, најпрвово главите на луѓето, но пред сè во главите на оние кои владеат, но не превзема ништо суштинско да го надмине тоа. За почеток, да не биде осудена и за репресивна, власта дозволува повремени, добро дозирани и строго протоколарни испуштања од синџир, во кое ослободувањето може да се исцрта во цел еден круг. Како кругот на кучето, што се врти околу сопствениот опаш.
Сите „Пинковци” заедно
И можна ли е таа мисија, таа катарза на нашата генерација во актуелниов и доминантен паланечки миг? Во кој децата си ги прашуваат родителите: „имавте ли и вие Пинк кога бевте мали”? А дел од родителите, скоро па посрамени, „имавме и ние, ама Пинк Пантер, Пинк Флојд и Пинк Мартини”. Па ете не сега, „сите пинковци заедно”, во ситуации во кои како флешови ни поминуваат пред очи, дневните и ноќни масовни забави без маски и заштита среде пандемија, свежо здобиениот морски тен на одредени важни ликови( во лето, во кое само ретки птици можат да летнат преку граница), отшрафувањето на полначите за мобилни телефони во градските автобуси, лакрдиите околу монументална дива градба во центарот на главниот град или патрдиите околу рушењето на Универзалната сала? Во една повеќе од очигледна тиранија на конформизам, во која никој мува не го полазува, што токму од овој месец ќе плаќаме страшно поскапи сметки за струја. Поради трајно вградениот паланечки страв од притаена репресија или лична дискредитација, кај повозрасните? Поради тоталната негрижа на младово поколение, одгледувано во најдобар паланечки дух, во кој и до крај на светот и векот, паланката ќе биде жива, но сметките е пожелно да ги плаќаат постарите?
Летово ја „живееме” токму таа, до бруталностизразена состојба на една тотална баналност, како врвен стадиум на последниот, највисок а крајно гнил стадиум на духот и културата на паланката. Впрочем, така и ги декларираме дневните домашни жртви, на светскава пандемија. И во тривијалноста од постојани дневни дози на сензационализам, кои отровно не држат во некоја будна полуагонија. Во која вулгарноста и омразата се наше секојдневие. И во еден постојан диригиран сензационализам со помош на кој, се симулира слободата на мислење, говор или (не) делување. Во нашиов актуелен „чардак ни на небо, ни на земја”, ни село ни град, ни држава ни модерен феудален посед, катадневно суров театар од кој вистински ни бега највиталната култура и себесвојствениот стил на живеење. Поентата е, велат луцидни познавачи на паланечките прилики и неприлики, токму во тоа. Со секоја променаи понатаму сè да остане исто! Освен што ќе биде променет жанрот. Ако во минатото паѓаа глави, сега напросто како покосени, масовно ќе паѓаат души.
И кого да обвинуваме и кого попрво да осудувамеако не сме способни ни за јота да се промениме ипрестроиме, како модерно општество во кое ќезавладеат поздрави вредносни системи за живеење. Дури бладаме со флоскули, како помошта од странски фондови или фондации, која само што не стигнала па трајно ќе не оправела, па како тие нови рамки на преговарања со модерниот свет после ќе нè доведат до правда, до здрави правила на игра, до поздрава животна средина, европска култура и слично? Со длабоко вкоренетово паланечко-парохијално во нас, тешко! Просто, незамисливо!Впрочем, погледнете само во европсково и помалку европско наше соседство. Подеднакво паланечко, по филозофија, дух и култура. А, до пустата политичка волја е! Но, како со таков квантен скок, што велеше еден, а со такво тешко непокорливо паланечко во себе? Или, како убав тон да влезе, во тврдо уво? Затоа, што квантни скокови го делат нивниот Пинк и нашите Флојд, Пантер и Мартини. Не зборуваме за исто розево, за жал!
Дури полека изминува едно од нашите најтажни лета…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.