Васко Шутаров

Се присетувам деновиве на култниот филм од 70-те години на минатиот век „И коњите ги убиваат, зарем не”? Филмот е инспириран од истоимениот роман, пишуван за време на големата економска криза во САД, од 30-те години. Во едно мало американско гратче, се организира маратонски натпревар во танцување. Натпреварувачите се борат за награда од 1.500 долари. Натпреварот трае со денови, недели, месец и повеќе. Сè дури напреварувачите можат да останат на нозе. Дневните паузи за одмор, можат да бидат најмногу десет минути, спиењето е „дозволено”, само дури играта и танцот траат. Публиката навива, се обложува, додека на подиумската арена се одвива гладијаторската игра. До исцрпување. Меѓу последните танцувачи остануваат Роберт и Глорија. Тој сака да стане режисер, таа планира да се занимава со шоу-бизнис. Тие се еден од 140 пријавени парови за маратонскиот натпревар. Остануваат меѓу последните, танцуваат до исцрпување. Чувствувајќи дека нема да издржат до крај, стравувајќи во тој танцов делириум дека ќе треба да плаќаат и трошоци за натпреварувањето, Глорија го замолува Роберт да ја убие. Низ главата на момчето му поминува сликата за дедо му кој го убива својот коњ, бидејќи е повреден во ногата. Кога детективот го испрашува Роберт, зошто го стори тоа, тој само одговара, „Па, таа ме замоли да го сторам тоа”!

Повозрасните генерации со сигурност ќе се сетат на овој филм, дел од читателската публика можеби и на истоимениот роман. Денешниве генерации низ ова кратко сиже, можеби ќе ја препознаат пророчката димензија на филмот и романот, во кои ингениозно се навестува модернава бруталност во борбата за малку пари и малку слава. Денес, за малку повеќе пари и повеќе слава. Иако како метафора, насловот и содржината асоцираат беспоштедна гладијаторска борба во трката за победник, метафората е сепак малку посуптилна. Животот овде, не претпоставува борба на победници и победени. Животот овде значи, умешност за опстојување низ сите негови можни предизвици. Барем така романот го разбрале Жан Пол Сартр и Симон де Бовуар. А јас филмот и книгата, на кои се присетувам деновиве почесто.

И не без причина. И не само поради грозоморната слика која неделава осамна низ сите медиуми. Сликата на умрениот коњ, врзан за копита и транспортиран на отворено, низ скопските улици. Дури осамне на сликата „вознемирувачко”, овој кадар го видоа и веројатно трајно го врежаа во сеќавање, илјадници граѓани. Претпоставувам и илјадници млади луѓе. Можеби побројна публика стекна, сторијата за „јавна соба” на една од апликациите за мобилни телефони, каде се разменувани и нудени содржини со текст и слика, непрепорачливи за помлади од 18 години. Но јавна соба, исполнета токму со популација помлада од 18 години. Или видеото што деновиве кружи од вербалниот напад полн со расизам, на младо момче, врз туристи од Азија, во нашава метропола. Среде бел ден. Како што среде бел ден, од најцентралниот градски парк, наспроти Собрание, се вртат снимки како возрасни мажи и жени, вршат нужда. Дури Собранието дума во крајна нужда, за правичен за сите, а не само за власта во заминување, закон за ЈО (Јавно обвинителство). Дури најголем дел од останатиот нормален свет граѓани, растегнува јо-јо со своите месечни сметки за живот, со својата сè полесна потрошувачка корпа за преживување. И колку е нормално веќе, да се запраша човек во вакви околности „колку човечност ни паѓа, по глава на жител”? Бидејќи, тоа е најдобра и најточна мерка за културата. На една држава, на едно општество, на еден живот на секој поединец.

Човечноста, не е нова идеја, ниту во светот, уште помалку кај нас дома. Бескрајно долга и податлива би била темата, ако во овој контекст се анализираат сите аспекти на човечноста во едно општество. Но, следејќи го трендот на актуелниов дефицит на елементарна човечност, што во реалниот живот, што во виртуелниот простор, во услови на подигнување на степенот на неподнослива леснотија на повредување ad hominem, човек може само загрижувачки да се запраша, а каков ли ќе биде вокабуларот и политичкиот наратив до априлските избори? Бидејќи кај нас, изборите се врвот од беспоштедната битка за победници (и неминовно поразени), во која само победникот добива сè. Полека, но сигурно ќе влегуваме во алармантна портокалова фаза, на лесно запалив реален и виртуелен простор, со ниско или приземно ниво на култура и човечност. Во меѓувреме, заборавајќи ја основната животна порака, дека животите не ги одредуваат победите или поразите, туку умешноста за животно опстојување преку градење повисоки скалила за човечност. Постојат ли во беспоштедниов натпревар, маратонскиот танц на држави и поединци за престиж, пари и слава и мерливи инструменти за тоа? Да, постојат и изразени се преку параметри за квалитет на живеење. Мерливи показатели за вистински квалитет на човечно живеење. Каде сме ние реално, во сето тоа?

Преку параметрите за квалитет за животот, што редовно го објавуваат неколку специјализирани светски агенции секоја година, можеме да видиме каде се наоѓаме, а истовремено да си одговориме каде во меѓувреме, си ги губиме и времето и животите? На бројни рангирања во релевантни истражувања (актуелните од ЕУРОСТАТ и ОБСЕ) нас воопшто не нема, а на оние на кои нè има, според параметрите за квалитет на живот, сме последни во Европа. Во Извештајот за човековиот развој на програмата на Обединетите нации за развој, објавен на 9 декември 2019, ние сме на 82 место во светот, имаме назадување за едно место и сме последни во Европа. На ова рангирање, првите три места ги заземаат Норвешка, Швајцарија и Ирска, Германија е на 4 место, Австралија на 6 место, Холандија, Данска и Финска се на 10, 11 и 12 место, Канада е 13-та, Нов Зеланд, САД и Велика Британија, веднаш потоа. Барем според десетина други слични рангирања, тоа се топ 15 држави со највисок степен на човеков развој и квалитет на живот. Тоа се и најпосакувани земји, дестинации за илјадници наши сограѓани, кои само последниве три години, вдомија цели три наши града колку Струмица или Гостивар, десет града колку Виница, дваесет града колку Крушево. Ваквите неповолни показатели за нашиов „надојден живот”, деновиве објави и специјализираниот портал Numbeo. Ние сме и овде, за жал, убедливо последни во Европа. По сите параметри, но по загадување на околината убедливо пред сите останати држави. По стапката на криминал, цените за живот, цените на недвижности, грижата за здравјето, сообраќајот и трошоците поврзани со него, сместени длабоко на европското дно, далеку дури и од некои соседни и држави од регионот. Ако само кон ова го додадеме актуелното мислење на ММФ, дека „Македонија страда од широко распространета сива економија, висока перцепција на корупција и слаб квалитет на јавните институции”, сликата за квалитетот на нашите животи, лесно се заокружува. Но, дали ова треба да го оправда, нашето севкупно непримерно однесување и живеење?

Неподносливата леснотија со која се владее со нас, не се фати здраво во костец, со подобрување на перформансите за квалитетот на нашите животи. Не постои аспект од нашите животи, каде некој забележува некое наше напредување. И не верувам, дека постои граѓанин кој може да ликува над нашиот страотен пад на индексот на корупција во државата, бидејќи најнапред ние сме изложени на растечкиот криминал и корупција, кои остануваат главна одлика на власта во заминување, но и белег на нашата живеачка. Нашите животи остануваат исполнети со реално шоу од судниците, со дневна доза скандали и пикантерии без правна и правична завршница. Собраниско реално шоу во кое и по безброј пати законите се поправаат, без видливи ознаки за подобрување на квалитетот на нашите животи. Реални шоу формати во кои низ лажни вредности, измислени развојни параметри, треба да останеме во убедување дека сме на правиот пат. Трагичната мелодрама наречена и „и коњите ги убиваат, зарем не”, ја живееме во нејзината комплетна генетска модифицираност во која актуелниот миг на осиромашени и материјално и по дух животи, создава од нас и публика и месо за гладијаторската борба, за пари и слава. Хибридните режими продуцираат хибридни животи. За грст долари, некому. Некому, за вреќи долари. Дури животите ни бегаат. Дури децата си бегаат. Дури човечноста потполно не ни избега!

Уморен, преуморен од истоштувачкиот танц за грст долари и слава, момчето од почетокот на приказнава за коњите, рајски искрено му признава на полицаецот, дека ја убил девојката, „бидејќи го замолила”. Полицаецот, исто толку уморен од секојдневните призори на очај и беда, како за себе само промрморува „какво услужно копиле”! Неподносливата леснотија со која сме завладеани, точно низ овие две реплики го отсликува губењето на најубавото и најдоброто во животот. Човечноста, мерката на сите животи, на секој живот поединечно. Најдобрата мерка за културата. А, кога тоа го нема, се будат и пркосат само инстинктите. Гледаме какви.

П.С. Читам наслов пред заклучувањето на колумнава, „Одете и правете добро. Секоја љубов покрива мноштво гревови.” Како зрак сонце и зрак надеж, за човечноста наспроти животите од сторијата „и коњите ги убиваат, зарем не”?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.