Петар Поп Арсов
Каракачанов, по него Захариева, па пак Каракачанов, потоа Борисов, Ковачев, Џамбаски и повторно по сличен редослед. Се редат и повторуваат закани, сугестии, укажувања и „пријателски совети“. Се редат во бранови. Досадни како брановите на Ковид-19. Таман ќе помисли човек дека придржувањето кон критериумите и мерките, како и цивилизираниот и дисциплинираноднос кон сите можни медицински и општествени вируси кои што ја нападнаа македонската држава, даваат резултат, тие повторно и повторно се појавуваат потсетувајќи на својата патогеност.
Од Софија деновиве стигнуваат закани за блокада на македонските евроинтеграции! Неколку дена претходно, Софија испрати „Објаснувачки меморандум“ до официјален Брисел во однос на Македонија. Во октомври минатата година, бугарската влада усвои рамка со дваесетина услови кои Македонија ќе мора да ги исполни доколку сака да добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, се повторуваа „пријателски“ совети, сугестии, укажувања, закана по закана кон нас и нашите евроинтеграции. Кулминацијата ја доживуваме деновиве,во пресрет на евентуалната прва меѓувладина конференција и официјалниот почеток на преговорите.
Сето ова се прави во име на пријателството меѓу двете земји. Во име на меѓусебната соработка и поврзување. Пријателство за кое Софија инсистираше биде да биде потпишан оној документ,Договорот за пријателство, и сето тоа да биде заверено црно на бело. Пријателство на хартија. Пријателство и добрососедство меѓу двата „братски“ народи, од кои улогата на поголемиот брат кој што „советува“, „насочува“ и по потреба санкционира, Бугаријаси ја резервираше исклучиво за себе.
Какво објаснување можеме да си дадеме за неодамнешниот „Објаснувачки меморандум“, кој со необјаснива деструктивна леснотија експлицитно ги презентиранајекстремните бугарски ставови?! Ставови кои потекнуваат уште од ерата на комунизмот и постоењето на железната завеса на европскиот континет. Меморандум во кој отворено се негира постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската историја. Како да се објасни она што официјална Софија им го „објаснува“на европските партнери? Како да се објаснат отворените навреди, груби етикетирања и максималистички претензии кон се она што го детерминира постоењето на македонскиот народ и македонската држава?!Тоа ли се најновите европски вредности и стандарди, кои Бугарија како свој влог и придонес се обидува да ги вгради воевропскиот систем на врвни стандарди и вредности?!
Ние во таква Унија не сакаме да припаѓаме! Не во Унија на вредности карактереситични за тоталитарните системи! Ние претендиравме и претендираме да станеме дел од европското семејство во кое што владее демократијата, правниот поредок, почитувањето на човековите права, правото на самоопределување и самоидентификација. Во Европа сакаме да влеземе како земја и народ со сопствена историја, идентитет и јазик. Која би била потребата од нашето постоење како држава доколку не постојат споменатите атрибути кои што во моментов се под жесток напад?!
Македонија долги години мака мачеше со грчките позиции и блокади. За потсетување, Грција во ниту еден момент не настапуваше од позиција на сила и диктат, барем не отворено. Секогаш настојуваше вината за водењето на агресивна политика да ја префрли на македонска страна и на тој начин да ги придобие симпатиите на европските партнери, како тактичка предност во жестокиот конфликт. Грција зборуваше за преговори, а не за диктирани услови кои што мораме да ги прифатиме. Така барем беше на отворена сцена. Како беше зад кулисите, тоа го знааат само оние кои учествуваа директно во преговорите. Дури и не инсистираше на наше приклучување кон НАТО и ЕУ како што тоа го прави Бугарија. Воопшто не им пречеше што бевме со децении заглавени во процесот. Ако се договориме, влегуваме, ако не, остануваме надвор од клубот.
Во случајов со Бугарија имаме сосема спротивна ситуација. Бугарија истовремено го подржува и инсистира на нашето интегрирање, а од друга страна настапува од позиција на сила. Ставовите на оваа земја се „апсолутна вистина“ и истите Македонија мора во целост да ги прифати ако сака да ги започне преговорите со ЕУ. Кај нашиот сосед постои натпревар меѓу сите политички структури да го градат својот политички рејтинг на македонското прашање, особено сега во услови на постојани протести на софијските улици. Потребата од политички бенефит во услови на нестабилност ги зголемува ирационалните желби на „добриот сосед на хартија“, дополнително мултиплицирани од нивната внатрешна трка по политички поени. Можеби политичката стабилност во Бугарија ќе беше подобра опција за Македонија за дефинитивниот почеток на процесот на преговори, но што е тука е.
Воопшто не изненадуваат барањата кои што Софија се обидува, преку Брисел, да ги проследи до Скопје во форма на класичен диктат. Нивните ставови не се ништо ново и неочекувано. Секогаш биле тука, вака или онака, повремено катапултирани од едната на друга страна на границата. Но, овој пат имаме обид ваквите ставови и вредности да ни бидат испорачани директно преку Брисел,и тоа ни помалку ни повеќе, туку за време на претседавањето на официјален Берлин.
Како ќе реагира Берлин? Како ќе реагираат Брисел, Париз, Рим и останатите? Како ќе реагира германското претседателство со ЕУ? Дали Меркел ќе дозволи да ја испушти шансата македонските преговори да започнат во времето на нивното претседателство?
Првите реакции се оптимистички. Официјален Берлин укажува дека прашањата кои што ги иницира Софија не можат да бидат пречка во процесот на македонските евроинтеграции. Речиси идентични сигнали доаѓаат од Париз и Рим. Но, слично беше и на почетокот во спорот со Грција, за набргу потоа грчкиот став и вредности да бидат прифатени како став и вредност на целата ЕУ. Дали Берлин и останатите повторно ќе дозволат, овој пат бугарските вредности карактеристични за друго време и друг систем, да бидат „шверцувани“ преку железната завеса и да станат вредности на ЕУ? Дали со тоа ЕУ ќе стане творба обединета во секој поглед, како во позитивното,така и во негативното? Дали Берлин ќе дозволи Бугарија, која што своевремено ја примија во сопственото семејство, свесни дека во тој момент не ги исполнува условите за прием, да го експортира најлошиот свој производ со кој дополнително ќе ја контаминира европската идила на „кристално јасни“ вредности и стандарди?
Македонија нема што да бара во контаминирана средина!Нашата цел беше пристапување кон ЕУ, онаква каква што беше ЕУ во осумдесеттите и раните деведесеттите години од минатиот век. Унија на вредности, стандарди и просперитет. Посакувана алтернатива на државата во распаѓање во која претходно припаѓавме како федерална единка.
Наше е да кажеме дека сакаме да припаѓаме во ЕУ со сопствен македонски идентитет, јазик и историја. Наше е да кажеме дека сме подготвени да ги прифатиме вистинските европски вредности. Наше е да се спротивставиме на сите обиди за негирање на идентитетот, јазикот и историјата кои што доаѓаат од надвор, како и сите обиди за релативизација на истите кои што доаѓа од внатре, онака како што со огромна леснотија го прават највисоките владини функционери. Наше е да кажеме дека во ЕУ ќе зборуваме македонски јазик и никако поинаку!
Во Берлин е клучот! Ќе успее ли Германија да стави точка на ирационалните барања содржани во разно-разни објаснувачки меморандуми, владини рамки, „пријателски“ сугестии и совети. Ќе „избоксува“ ли Берлин почеток на преговорите со Македонија, бетонирајќи го македонско-германското пријателство на долг рок?!
Ќе видиме за многу кратко време!
Секое одлагање на македонскиот процес на преговори или негово започнување во услови прифатени под диктат на Софија, ќе значи само едно нешто, Европа конечно се обединила во својата најтемна страна!
Ни треба ли таква Европа?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.