Петар Поп-Арсов

Живееме во време на целосно распаѓање на системот. Не само на оној политичкиот или на здравствениот, образовниот, правосудниот и сите останати системи и подсистеми. Нашиот проблем е распаѓањето на целокупниот систем на вредности, вклучително и на веќе споменатите. Распадот на сите можни цивилизациски вредности, вредности на еден народ и нација, создавани и градени со генерации и генерации. Можеби тој систем е веќе одамна распаднат, а ние допрва стануваме свесни за реалноста во која живееме.

Распадот го зема својот данок. Речиси ништо не функционира. Никој не си ја врши работата. Не баш никој, да не претеруваме, но така доаѓа збор кога повеќето од нас нестручно, несовесно или неодговорно го извршува својот дел од обврските.

Со нестручноста како појава некако и ќе се справиме. Таа е видлива, опиплива, мерлива. Дури и нестручниот со дополнителен труд и образование може да стане стручен, повеќе или помалку. Но, дали може да стане совесен и одговорен? На кој начин се лекува оваа болест која претставува сериозен проблем кој го посочуваат се поголем број на наши сограѓани? Има ли вакцина, лек или некаква терапија која ќе се справи сонесовесноста и неодговорноста?

Тие се тука, меѓу нас, во нас, кај нашите најблиски и нашите пријатели. Дел се од нашето секојдневие, навики и начин на функционирање. Го загадуваат нашето опкружување, без оглед на тоа што тешко ги забележуваме кај себе и кај своите. Тој е „наш човек“, „наше дете“, „ќе ни се најде“, се најчестите изговори и оправдувања што ги правиме пред самите себе свесни дека понекогаш активно учествуваме и ги потхрануваме појавите на несовесно и неодговорно однесување. Сопствената несовесност и неодговорност е тешко видлива за нашето голо око. Таа е малечка, занемарлива, микроскопска, како невидлива честица која што го загадуваат воздухот што го дишиме.Нашето загадување не важи. Секогаш загадува некој друг. Загадува нашиот противник, нашиот опонент, конкурент. Несовесноста и неодговорноста кај него се со огромни димензии, димензии кои што се забележуваат дури „од месечината“.

Несовесноста и неодговорноста кај другиот е тоа што ги руши вредностите на нашиот систем, а нивното искоренување е услов за просперитет и враќање во „нормала“.

А што е со нас?

За нас ништо! Ние сме ОК! Сè е во ред!

Неспособни сме да ги забележиме слабостите и недостатоци кои лежат во нас. Што има ние да се занимаваме со самите себе?! Нека зборуваат нашите противници, конкуренти, опоненти. Ние сме тука да зборуваме за нив, нивните слабости, нивната несовесност и неодговорност.

И така во круг, без почеток и крај, со што ја создаваме идеалната формула за тапкање во место и тонење во калта подлабоко и подлабоко.

Има ли потреба одново и одново да ги повторуваме сите примери на неодговорно и несовесно однесување на оние најповиканите, избраните, на оние на кои им е доделена нашата доверба да се грижат за системот во кој живееме и функционираме? Потребно ли е постојано да се повторува неопходноста од темелното искоренување на корупцијата вградена во геномот на нашиот систем? Мора ли постојано да се повторува дека доследноста и конзистентноста во спроведувањето на политиките, исполнувањето на ветувањата иопстојувањето на сопствениот даден збор се задолжителна обврска на избраните? Има ли потреба постојано да се потсетува дека рибата смрди од главата, а не од опашката,дека главата е таа која што служи за пример и модел на однесување кој што се пресликува по сите општествени вертикали и хоризонтали!

На оваа тема се напишани илјадници текстови, трудови, колумни. Фрчат статуси на социјалните мрежи, дури и песни се напишани, со цел да се поттикнеме самите себе да станеме подобри, посовесни и поодговорни.

Дури и власта, како најповикана и најизвикана е со идентични размислувања, само гледани од сопствена перспектива.

Упатени се безброј критики кон нашите противници и опоненти. Поднесени се неброенижалби, поплаки, пријави и тужби кон сите за кои сметаме дека го прекршиле законот. Изречени се казни и казни. Избркани од работа се сите наши неистомисленици кои несакаа да ја „свиткаат кичмата“ и да ја прифатат нашата политика. Ги упативме да ја бараат правдата од „независното“ судство.

А кај сме ние?

Што стана со оставката на нашиот претседател, премиер на владата? До каде е оставката која што ја вети и најави!

Каде е нашата конзистентност, совесност и одговорност? Каде е нашиот збор?

Нè обвинуваат дека ги нема!

Што ни е гајле!

Нашите слабости за кои нè обвинуваат се незначителни и занемарливи. Занемарливо е што годинава допуштивме да ни изгори половина шумски фонд заради нашата несовесност и неодговорност, како што велат. Сме немале навремена подготовка, редовен сервис и организација на сите потребни ресурси. Не е доволно што беа загубени четиринаесет човечки животи во пожарот на тетовската болница заради коруптивен прием и ставање во функција на модуларниот објект со огромни технички недостатоци. Не е доволно што беа загубени шеснаесет животи во онаа несреќа кај Ласкарци во автобус со сè уште нејасни технички карактеристики, начин на технички прием и негово ставање во сообраќај. Не е доволно ниту губењето на четириесет и шест животи на бугарските патишта во автобус кој го нема во базата на податоци на Министерството за транспорт како сертифицирано сретство за превоз на патници.

Ситници!

Тоа се занемарливи инциденти кои на секого можат да му се случат и нашето изразување на сочувство, жалење и извинување се сосема доволни.

Недореченостите во сообраќајната легислатива едноставно ќе ги решиме со воведување на ново кривично дело „безобзирно однесување во сообраќајот“. Онака, како што сме наумиле, на најелегантен начин да им ги земеме коруптивните пари на заинтересираните поединци и субјекти, а потоа да им ја натовариме целата одговорност заради нивното безобзирно управување со неисправно моторно возило.

Навистина генијално!

Важно е да се знае виновникот! Жртвите се неважни! Виновникот ќе помине со некоја симболична казна, некој затвор во траење од шест месеци како што веќе имаме свеж пример демонстриран од македоското „независно“ судство. 

Возачите ќе ги решиме, но како ќе ги решиме судиите?! Како ќе го решиме нивното безобзирно однесување, во нивниот „сообраќај“? Оние од ЕУ постојано го бараат тоа од нас. Како ќе го решиме безобзирното и коруптивно однесување на инспекциските служби кои дозволуваат безобзирно кршење на законите, правилата и прописите? Како ќе го решиме безобзирното однесување на сите актуелни политички функционери, од првиот до последниот, кои безобзирно го потхрануваат коруптивниот систем на несовесно и неодговорно однесување?

Па, никако!

Ќе си тераме така! Добри сме си! Оставка не даваме! Жртвите од разноразни несреќи ќе ни служат за зајакнување на меѓукоалиционите односи и дефокусирање на јавноста од жешките теми. Можат да послужат и за зајакнување на односите со соседните држави. Малку е морбидно, ама нема врска!

Можеби и датум ќе ни дадат ако продолжиме на овој начин?!

Нема врска што немаме мнозинство во парламентот. Нема врска што ја убивме демократијата. Нема врска што исчезнуваат пратеници во последен момент и своите политички ставови, наместо од собраниската говорница, ги презентираат пред камера и бел ѕид во позадина. Не е важно што се случуваат такви појави, туку е важно што на граѓаните тоа им стана сосема нормално и не гледаат некаков проблем во таквиот начин на функционирање на политиката.

А зошто би гледале?

Важно е што протвниците, опонентите и конкурентите се полоши од нас и тие се криви за сè! Тие се одговорни за распаѓањето на системот!

Ние сме власта! Оставки не даваме! Тие се за некои совесни и одговорни будали!

Нека се знае кој е закон во државата!

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.