Алдo Климан

Кандидатот за „Орвелова награда“ за етноцид на сопствениот народ, за надреално велепредавство, незапомнето во светската историја, за цели тони и тони бесрамни лаги и измами, безочна корупција и непотизам во власта без срам и перде, како и за меѓународно признание за аболициран криминалец со тапија Зоран Заев, со големата буква „П(откуп)“ на челото, со сета негова квислиншка и големоалбанска, шарена и сосема партизирана братија, сега, по евидентниот потоп во првиот круг на претседателските избори („паника, тонем попут Титаника“ – Ѓ. Б.), имаат една нова ступидна мантра. Како расипани грамофони повторуваат: „Не смееме да дозволиме враќање назад!“

„Ах, многу згрешивме“, цимолат наоколу заевистите, на чело со својот премиер и министрите. „Вие сега на изборите ни одржавте лекција, нѐ предупредивте, и веднаш ја сфативме вашата порака, ќе метеме, ќе правосмукаме, по изборите тоа никогаш веќе нема да се повтори; ве молиме гласајте за нашиот candy кандиран кадидат! Да, да, ептен, ептен многу ни требаат и сите гласови на Река! Мораме да ја спасиме државата! Не смееме да дозволиме враќање назад!“

Оваа супер-паника, оваа супер-психотичност на заевистите навистина ни кажува многу за тоа колку се свесни што ги чека наскоро, но сепак да направиме и ние една кратка анализа на таа нивна нова шок-хистерија, зашто тука има и интересни работи што би требало малку да се доразјаснат.

Прво, за која „држава“ овде воопшто станува збор?! И што значи она „назад“? Зашто, Заев го употреби само зборот „држава“, испразнет од сите други национално-политички вредности, содржини и белези; така соголен, зборот „држава“ е премногу широк, или уште поточно, премногу тесен и тенкичок поим, особено кога така бедно и лигаво се моли за помош на сите страни, па дури и од оние што ниту сакаат да го видат, ниту да го чујат, а не да му ги даваат своите скапоцени политички гласови.

Затоа еве ги можните критички читања на тоа негово „супер-државничко“ однесување:

Прво, општопознато е дека Заев под „држава“ си се подразбира само себе си, со својата велепредавничка и големоалбанска кримогена екипа што со „државата“ апсолутно си се идентификуваа и си прават сѐ што ќе им текне, па така мантрата „не смееме да дозволиме враќање назад“ за Заев буквално значи „не враќајте ме во село Муртино, на нивата од која сум црпнат. Овде во Владата ми е супер, затоа мораме да ја спасиме државата, која е – Јас!“

Второ, ако тој Заев и неговите потрчковци мислат на онаа пред неколку месеци насилнички измонтирана нова вештачка „државичка“, без национално-историски и културолошки корен во македонскиот народ, и тотално без смисла и значење, за која надуениот твитдр.аџија Хан вели „како што ја наречуваме новата Република Македонија“, – Заев воопшто да не се грижи, зашто таа, како најгруба, ꞌрѓосана шајка, цврсто и длабоко зачукана во тврдоглавозаевскиот дирек, никако не може да оди „назад“, зашто е заглавена на тоа исто место, а и дојдена е од „никаде“ и од „ништо“, па и нема каде да се врати „назад“; а пак за одење напред воопшто и да не зборуваме, зашто тој вештачки, квислиншки „државен“ гнас-производ претставува само најобичен, безличен, окупиран воено-политички протекторат, продаден и предаден на конзумација и целосна експлоатација на „големите пријатели“ на безобѕирната багра Заев, Шекеринска, Димитров, Ахмети, Џафери, Османи, Груби, и сите тие фини „наднационални граѓани“ и „господа“ со „европски манири“ и со „европски знаменца“, и со сигурна иднина во Шутка.

Но тој северномакедонски граѓанин Заев и неговите северномакедонски лижачи на подот пред окупаторите, кога велат „не смееме да дозволиме враќање назад!“ всушност го мислат следново:

    • „не смееме да дозволиме враќање назад“ на патот на демократијата што подмолно ја украдовме, ја поништивме со неуставни и незаконски постапки и узурпации на власта, и си ја претворивме во партитократска и кримогена диктатура
    • „не смееме да дозволиме враќање назад“ кон вистинска правна држава, во која секој граѓанин ќе биде еднаков пред законот, и која нема да го познава поимот „политички прогон“
    • „не смееме да дозволиме враќање назад“, и да му го вратиме достоинството на понижениот, навреден и изманипулиран македонски народ и секој поединец на кој на сите начини и во секој сегмент му е одземен личниот и национален суверенитет и интегритет
    • „не смееме да дозволиме враќање назад“ кон слободата на татковината, во која со гордост и со крената глава, без страв дека ќе те уапсат, ќе се пее македонската национална химна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“
    • „не смееме да дозволиме враќање назад“ и да си го вратиме поништениот македонски национален, културолошки и јазичен идентитет
    • „не смееме да дозволиме враќање назад“ и сами да си ги пишуваме учебниците по историја, по мајчиниот македонски јазик и по нашето културно-историско минато
    • „не смееме да дозволиме враќање назад“, та историјата да ја проучуваат и да ја пишуваат врвни научници, а не дилетантски политичари и глупсони со сталинистичко-фашистоидни очила, кои како Заев знаат сѐ, и во сѐ совршено се разбираат: и во историјата, и во ајвар, и во јазикот, и во ајвар, и во демографијата, и во ајвар, и во културата, и во нашите национални традиции, и во ајвар, и дали во Втората светска војна Бугарите биле фашисти, и во ајвар…
    • „не смееме да дозволиме враќање назад“ и да си бидеме духовно и на секој друг начин цврсто поврзани со нашиот македонски народ во Егејска Македонија, во Пиринска Македонија, во Мала Преспа и Голо Брдо, и со сите сили да го помагаме нивниот општ развој и школување на сопствениот мајчин македонски јазик, како и негување на нивните столетни македонски национални традиции и обичаи
    • „не смееме да дозволиме враќање назад“ и да не им дозволиме на грчките окупатори да им лепат на нашите историски споменици низ Македонија и по археолошките артефакти пронајдени на наша македонска почва и под нашето македонско небо ступидни, варварски плочки со налепници за некакво божемно елинско наследство, и дрско да ги преименуваат нашите аеродроми, автопати и стадиони
  • „не смееме да дозволиме враќање назад“ и да се бориме против насилството над нашите изворни македонски бреднови со кои ќе се перчат низ светот и на меѓународниот пазар ќе остваруваат профит црните непријатели на македонскиот народ и на македонската држава
  • „не“, повторуваат квислингот Заев и неговите велепредавнички компањони, „никако не смееме да дозволиме враќање назад“, и слободно ERGA OMNES својата сакана татковина Македонија да си ја викаме со нејзиното вистинско и единствено можно и единствено природно и органски, низ тешката историја и столетни жртви и саможртви здобиено име РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Не, не, господине консензуален кандидату за „Орвелова награда“ од село Муртино, нашиот македонски народ и нашата македонска држава Република Македонија никој не може да ги врати „поназад“ од она колку што вие за само две страшни, хистерични предавнички години ги уназадивте и ги вративте назад цели 150 години, до тешките и црни времиња кога започнуваа најсложените решавачки национално-политички борби за афирмација на македонскиот национален идентитет, за создавање свој нормиран македонски литературен јазик и своја автентична и автохтона македонска култура, и столетната борба за создавање на сопствена национална држава.

Сите тие библиски искушенија ги поимина македонскиот народ, и со својата национална држава Република Македонија заслужено стана еден од меѓународно признаените и почитувани народи во светот, примен со најреспектабилни симпатии и пријателство, а вие, црн предавнички Јудо, само со неколку лудачки потези сето тоа мизерно го згазнавте и го поништивте.

Затоа македонскиот народ решително ќе си оди „напред“ кон Европа, истовремено одејќи „назад“ по своето национално име и по своето национално достоинство што вие така бедно го фрливте под нозете на нашите осведочени бескрупулозни непријатели. Да ни беа вистински пријатели, а не како што ви се „пријатели“ вам, тие на убав дипломатски начин ќе ви плукнеа в лице, како што, впрочем, цело време ви плукаа зад грбот, подсмевајќи ѝ се цинично на вашата надреална велепредавничка нискост и човечка беда.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.