Шовинистички и расистички е еден цел народ да го оквалификуваш како „Нација со комплекс“, на таков начин Хитлер ги бележел нациите и народите кои решил да ги истреби. Во Македонија министерот за надворешни работи на своите сограѓани им соопшти дека имаат комплекси и дека се несигурни во себе, а нему му било срам да ги слуша, се срами од луѓето кои плаќајќи даноци му овозможуваат удобен министерски живот.

Не е возможно да постои комплекс кај народот, комплексот е во поединецот кој се обидува да се претстави себеси како поголем верник од папата, па во своето докажување плука и гази врз сѐ она што бил дотогаш. Напорите да се претставиш во нешто што не си и обидот да се допаднеш некому секогаш завршуваат со газење и понижување на оние кои до вчера ти биле блиски и од кои произлегуваш. Тоа е всушност одродување и откажување од она што си и од оние кои те создале.

Да се срамиш од својот народ и сограѓани од кои си произлегол е исто како да се срамиш од своите родители. Може ли некој да замисли какво е чувството кога чедото се срами од своите родители? Да се срами чедото од татковото име и на улица да ја врти главата преправајќи се дека не го познава својот родител, пред другарите надвор да се исмева со неговото име сакајќи да докаже дека тој не е како татко му, тој е друг, различен, тоа е болно и тешко. Така нашиот министер за надворешни се срами од нас, од својот народ и сограѓани од кои се обидува да избега.

Нашите соседи сѐ повеќе добиваат алиби за политиката која ја водат, сега и македонскиот министер за надворешни им потврди дека тие си имаат работа со „нација со комплекси“, а вообичаено, комплексите треба да се искоренат и излечат, нив ги лечи доктор по негов терк. Биле потребни длабоки резови за лечење на нашите колективни комплекси кои дијагностичарот ги лоцирал во нашето интерпретирање на сопствената историја. Дијагностичарот не ни знае како ние ја интерпретираме нашата историја, своите заклучоци ги извлекол од другарите кои имаат своја перцепција за нашата интерпретација, бидејќи нивната перцепција прави од нас иредентисти. Комплексот се наоѓал во нашето минато и во она што сме денес, токму тоа треба докторот да го излечи, да го искорени.

Чедото кое решило на својот татко и дедо да им кажува до каде им се нивите на комплексираната нација ќе ѝ кажува што значат Европската Унија и европските вредности. Да знаеше што значат европските вредности веднаш по изјавата во Собрание ќе си поднесеше оставка. Бидејќи не знае, тогаш само нека замисли што би се случило доколку во Франција, Германија, Британија или Холандија, министерот за надворешни работи на нацијата ѝ каже дека е „нација со комплекси“, само да замисли.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.