Петар Поп-Арсов
Ќе ги започне ли Македонија преговорите со Европската Унија? Ќе го добиеме ли датумот за почеток на преговори? Ќе се оддржи ли првата меѓувладина конференција или како и веќе да го наречеме моментот на официјалниот почеток на македонскиот преговарачки процес? Ќе ни ја скројат ли веќе еднаш фамозната преговарачка рамка? Ќе не блокира ли Бугарија?
Тоа па тоа! Веќе стануваме банални со постојаното говорење и пишување на оваа тема. Темава одамна требаше да биде затворена, особено ако се држиме до сето она што во неколку наврати ни го пласираа министрите и премиерот на старо новава влада. Датум добивме одамна! Три пати! Така ни кажуваа! Дури и славевме по плоштадите низ македонските градови.
И види сега! Ништо од тоа! Ниту датум, ниту рамка, ниту конференција! Повторно сериозен притисок и блокада! Овој пат од Бугарија.
Се наоѓаме пред сериозни притисоци и блокада од земјата која што по природа на нештата, но и според обврските превземени со членот 2 од Договорот за пријателство, требаше да биде најсилниот поддржувач на македонските евроинтеграции и земјата која што буквално ќе биде еден од менторите на Македонија во долготрајниот и макотрпен преговарачки процес. Се наоѓаме пред блокада од земјата која прва ја призна независноста и самостојноста на Република Македонија! Блокада од земјата која, додека останатите чекаа да паднеме на колена, ни помагаше во најтешките моменти на ембарга и конфликти со кои се соочувавме во минатото. Со еден збор, парадокс!
Парадокс, токму во моментите кога речиси се составија сите коцки за почетокот на преговорите. Франција ја задоволи својата потреба за воведување на нова методологија на преговарање! Нема отпор кон Албанија, која ни беше кочница заради европскиот став за започнување на преговорите на двете земји во пакет! Грција е тивка како никогаш до сега!
Но, овој пат ја имаме Бугарија! Разбудена од долгогодишна притаеност! Со сите сили настојува децениското негирање на најсуштинските компоненти на македонскиот идентитет, кое датира од периодот на железната завеса и поделената Европа, да го спакува во рамката на обединета Европа. Го имаме соседот, кој преку истакнати министри во бугарската влада, на најбезобразен и најпримитивен начин го оспорува и проблематизира македонскиот корен, јазик и историја.
Бугарската политика и дипломатија ги прават последните напори да ги вметнат сопствените позиции во преговарачката рамка. Прават напор бугарскиот став да стане заеднички став на ЕУ, па макар истиот бил вграден и во Поглавјето 35. Целта на Бугарија е да изгради позиција преку која во континуитет ќе го кине парче по парче македонскиот организам, и тоа со благослов на сите земји членки на ЕУ. Поглавјето 35 од преговорите е последното поглавје и му доаѓа нешто како последна шанса или како „точката разно“. Многу наликува на реалноста од комунизмот кога комунистите токму на своите најблиски другари им ја запечатуваа судбината, баш онака, под разно. Затоа, ЕУ „ни под разно“ не смее да дозволи наметнување и вметнување на манирите од минатиот систем! Не заради нас, туку заради самата себе!
Бугарија и без тоа ја има можноста за евентуални блокади на секое поглавје од европските преговори. Но, тоа не е нивната целта! На Бугарија воопшто не и одговара да остане изолирана и постојано изложена на „бришан простор“. Не и оди во прилог да биде единствената земја која во клучни моменти ги кочи или блокира македонските евроинтеграции заради наметнати небулозни билатерални прашања несвојствени за дваесет и првиот век. Бугарија не сака да биде запишана како единствената земја која на ваков или онаков начин ставила вето на македонските евроинтеграции. Тоа ќе биде погубно за бугарско-македонските односи со историски димензии и дефинитивно оддалечување на Македонија од Бугарија, нешто кое што вистински пријател не го посакува ниту на сон.
Да потсетиме, Македонија постојано се наоѓаше под грчки притисок и блокада на процесот, но, ако не грешам и ако добро ме држи сеќавањето, Грција во ниту еден момент не дозволи да остане изолирана и единствената земја која застанала против заедничкиот европски став. Грчката политика и дипломатија секогаш успеваше да ги наметне сопствените позиции и да добие поддршка барем од неколку европски земји, со што ја избегнуваше позицијата на осамена и изолирана земја. Грција секогаш успеваше да ги вгради сопствените ставови во заедничките заклучоци на сите земји членки на ЕУ, со што нејзината фактичка блокада на перфиден начин ја претвораше во блокада од самата ЕУ.
Затоа се очајните и упорни настојувања на Бугарија да ги внесе сопствените позиции во заедничкиот документ на ЕУ како заеднички став. Доколку тоа не се случи, на Бугарија и останува само едно нешто. Вето! На тој начин ќе биде доведена во позиција да стане единствената земја која и формално го употребила овој инструмент во функција на блокада на македонските евроинтеграции.
Тоа е замката која што Бугарија сака да ја избегне. Спасот го бара во поддршката кај европските земји или во сервилноста и предавничките квалитети на актуелната македонска влада. Како што гледаме, претседавачот Германија во оваа фаза стои на страна на Македонија. На иста позиција, барем додека ги пишувам овие редови, се сите останати земји членки на ЕУ. Да се надеваме дека така и ќе остане до финалното усвојување на преговарачката рамка.
Единствена алка која што во моментов може да пукне е македонската влада. Заев и останатите! Тие се најслабата алка! Само тие во вакви услови можат да ја направат најголемата грешка и да го продадат македонскиот идентитет, јазик и историја, со што ќе им ги исперат валканите раце на сите што ги извалкаа со македонската земја. Вчерашното бугарско несогласување со позицијата на ЕУ, изразено на амбасадорско ниво, кое што токму Заев побрза да го претстави како „првата блокада“, односно бугарско „вето што не е вето“, е првиот чекор на заеднички притисок врз македонската јавност. Да, притисок, и тоа заеднички! Заеднички притисок на бугарската и македонската влада врз македонската држава и македонскиот народ. Тоа е првиот сериозен пробен балон кој што заедно го користат владите на Заев и Борисов со цел да се предизвикаат страв и разочарување во македонската јавност. Сето тоа во наредните неколку дена би било искористено за создавање услови со цел постигнување на т.н. „заеднички компромис“ во пресрет на финалниот состанок, на кој ЕУ ќе ја донесе одлуката за Македонија.
Веста за т.н. бугарското „вето“ и „прва блокада“ ја соопшти „големиот патриот“ Заев. Истиот оној Заев кој што во претходните две години барем три пати ни соопштуваше дека сме добиле датум и дека почнуваме со преговори. Овој лажен изблик на патриотизам претставува класична камуфлажа на вистинските намери за конечното обезличување на македонскиот народ.
Во моментов Заев е најслабата алка! Свесен е за фактот дека неговата употребна вредност е при крај! Ранлив е! Може да направи грешка со несогледиви последици! Треба будно да се внимава на него и неговата опсесија да тргуваат со се што е македонско. Потребно е да се внимава и на неговите докажани соработници кои сите заедно во дел од секундата можат да го срушат сето она кое што со генерации беше градено. Македонскиот народ не смее да дозволи да му биде зададен финалниот удар кој што подмолно му се подготвува.
На нашиве соседи, пријатели, браќа и братучеди од Бугарија би им го порачал следново. Ќе биде огромна срамота за земјата која што прва ја призна Македонија, да стане единствената земја која што формално правно ги блокирала македонските преговори со ЕУ. Ќе биде запишано со големи букви во историјата дека Бугарија е единствената земја која што ставила вето! Тоа е спротивно на интересите на двете земји, особено спротивно на интересите на Бугарија која што преку ноќ, по пат на притисок и уцена, во услови на посакуван премиер на македонската влада, сака да ги реализира сопствените екстремни позиции во однос на Македонија. Бугарското вето ќе биде исклучиво во интерес на вистинските непријатели на двете земји кои со задоволство го следат и потхрануваат овој непотребен спор.
Колку и да се проблематизираат атрибутите на македонскиот идентитет тие се и ќе останат македонски. Тие потекнуваат од оваа земја и се создадени на оваа земја, независно од тоа кој како ја нарекува или доживува. Без разлика дали не нарекуваат Македонци, северно македонци, клигонци или како и да милуваат, земјата е таа, Македонија. Тука е, на ова место! Се што се случувало и се создало на ова место е македонско! И јазик, и историја, и фолклор и култура….и се останато што е тука создадено! Затоа е македонско!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.