Предраг Димитровски
Токму пред некој ден на еден од бугарските сајтови прочитав добар виц. Вели, две „плавуши“ водат интелектуален разговор на тема географија. И едната ја прашува другата:
-Според тебе, како е поправилно да се каже Иран или Ирак?
И првата асоцијација, што ми дојде, не знам зошто, беа ликовите на бугарскиот премиер Бојко Борисов и на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Ми излегоа пред очи како двајцата разговараат и Бојко ја прашува Екатерина што е поправилно да се каже-Бугарија или Македонија?
Зашто, за нив, нели нема разлика. Бугарија и Македонија се едно исто, дилемата е само што е поправилно. Па, они излегуваат поголеми и од цар Фердинанд и од цар Борис заедно.
Посетата на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на Софија, според денешните, празнични изјави на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Никола Димитров, по се изгледа, претставувала вистинско фијаско. Зашто, да се доведе Заев во ситуација да каже дека ако Захариева не ги променела ставовите, тогаш ќе треба да се подготвува народот на тоа дека во декември нема да има почеток на преговорите за членство во ЕУ, навистина не е мала работа. Згора и оценката дека тоа не било ни братски, ни добрососедски, ни европски. Иако, кога станува збор за него лично, навикнати сме на менување на ставовите, сепак ваквиот тон сам по себе говори многу.
Навистина не знам зошто Заев прави разлика меѓу Захариева и Борисов. Но, знам дека ако овојпат остане цврсто на кажаното никој жив нема ништо да му забележи, зашто ќе застане во одбрана на македонското достоинство, на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, што претставуваат и основа за постоењето на македонската држава. А, на Европската Унија ќе остане дали ќе промовира вистински европски вредности, вредности на 21 век, или, пак, и нејзините земји-членки ќе се вратат повеќе од цело столетие наназад.
Следејќи ги изјавите на Борисов и на Захариева од средбите со Османи, в очи падна нивниот речиси идентичен вординг. Со тоа што Борисов забележа дека ако сега не постигнеме компромис „историјата нема да ни прости“, додавајќи дека „ни светот нема да може да не разбере“. Додека Захариева говореше во еднина, па изјави дека „нема да може да си прости“.
Не историјата, на Борисов и на Захариева ни Господ нема да им прости, а за Македонците ич и да не говориме. Впрочем, и податоците од неодамна промовираната анкета јасно го кажуваат тоа. Зашто, сега само 1, и со букви-еден-процент од Македонците во Бугарија гледаат вистински пријател, а ако тврдоглаво опстојуваат на своите шовинистички ставови и тој еден процент ќе се изгуби. И тука не поминуваат никакви објаснувања за коминтерновска творба, за србомани, за системско антибугарско расположение и што ли уште не.
Зашто, Македонците, историски гледано, во дадени историски моменти, околности и услови можеби навистина не знаеле што точно сакале, но точно знаеле што презираат. Сега, по повеќе од седум децении државност, веќе точно знаат што сакаат и точно знаат што презираат. Ги сакаат НАТО и ЕУ, ги сакаат нивните вредности, но ги презираат оние, кои го негираат нивното постоење, нивниот идентитет, нивниот јазик, нивната крваво испишана историја…
Просто е несватливо како Бугарија ги поставува работите, наспроти потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со сите негови слабости и маани. По посетата на Османи на Софија, евидентно е дека, судејќи според зборовите на Захариева, тие него го гледаат и читаат сосема поинаку и го сметаат за обично средство за уцени и политичко пазарење. Како поинаку да ја толкува човек изјавата на симпатичната бугарска министерка дека тие ја признале современата реалност, а за возврат на тоа ние треба да ја признаеме историската вистина и реалност!?
Ај што ова, во најмала рака, претставува некој нов научен приод во концептот на создавањето нации, туку основано ги поставува прашањата кога за Бугарија почнува и кога завршува историската вистина и реалност и кога почнува и завршува современата реалност? Наједноставниот одговор на сите би бил од кога Господ ги создал Бугарите!
Захариева отворено, без ракавици, ни вели дека Бугарија го признава постоењето на Република Македонија и правото на Македонците на самоопределување како нов национален идентитет, но без македонски јазик, што во фуснота ќе се трансформира во јазик согласно Уставот на Македонија. А, до тој момент, односно до 2 август 1944 година се ќе биде бугарско! И во Отоманската империја и во Кралството СХС, односно Кралството Југославија, па и во СФРЈ.
Значи, до 1944 година во овој дел на Македонија живееле Бугари. Ама по Букурешкиот договор дошле Србите и станале не србокомунисти, зашто тоа е идеолошка одредница, туку србо-бугари, а Бугарите, всушност, биле македонски Бугари. Покрај нив имало и србофили, србомани, србофоби, македоно-бугарофили, македоно-бугарофоби, Албанци, Турци, Роми…Имало се, само Македонци не. Па, потоа, за време на Втората светска војна сме имале граѓанска, а не антифашистичка војна, што ја почнале и во која учествувале србо-бугарокомунисти и по некој комунист македоно-бугарин, ама не и Македонци и национал-револуционери. Македонците настанале на 2 август 1944 година. И точка!
Ама, што правиме од 1944 до 1991 година? Бугарија и до тогаш не го признаваше постоењето на Република Македонија и на Македонците. Според логиката на Захариева, современата реалност Бугарија почнува да ја признава од 1991 година, кога и официјално ја призна државноста на независна и самостојна Република Македонија!
А, Македонците од ОМО „Илинден“ за кои сега Европа инсистира да се почитуваат регистрациите на нивните друштва? Тие каде спаѓаат, во историската вистина и реалност или во современата реалност? Што ќе рече до 1944 или по 1991 година?
Како тргнале работите, бугарската политичка елита не само што ќе се изгуби во просторот и времето, туку ќе се изгуби и во вселената. Нема да не изненади ако многу скоро дознаеме дека и таа, вселената, е бугарска.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.