Петар Поп-Арсов

Софија! Убаво женско име! Античко, со антички корен! Длабок корен! Софија значи мудрост, памет, интелигенција, вештина! Софија се содржи во зборот философија (philosophy), кој што Платон го користел за да ја дефинира љубовта и пријателството кон мудроста.

Софија! Име на главниот град на соседна Бугарија! Античко име! Целосно во употреба од XVI–от век, со што го заменува средновековното име на градот, Средец. Средец, име карактеристично за времето од најголемата експанзија на средновековната бугарска држава на овие простори. Период на кој нашите соседи се исклучително горди.

Значи Средец! Средец е оригиналното и автохтоно бугарско име на денешната бугарска столица! И уште нешто, во времето кога градот го носел ова име, не бил престолнина на државата, туку обична провинција.

Што правиме со Софија? Нема бугарски корен! Име земено од туѓ речник, туѓ јазик! Име кое што е распространето во целиот свет како цивилизациска придобивка во чест и слава на мудроста, знаењето и интелигенцијата. Име кое што на никого не му паднало на памет да му го оспорува на другиот, пардон, на другата која што го носи. Тоа е таа женска мудрост која што не помислува да ги негира и присвојува основните биолошки, природни и цивилизациски вредности кои ги дели со истоимената личност.

Ништо не правиме! Софија си е Софија! Голем, убав и веќе модерен град кој што заличува на европските метрополи. Град со убаво име! Никој досега не го оспорил, ниту побарал да биде врамено во некаков „договор за цивилизациски вредности“. Никој не малтретирал, уценувал, блокирал или инсистирал на писмено признание од жителите на Софија дека корените на името на нивниот град се антички. Никој не им залепил метална плочка со објаснување.

Но, што правиме со владетелите на Софија? Денешните владетели! Дали заслужуваат да владеат со градот именуван во чест на мудроста применувајќи средновековни методи од времето на оригиналниот Средец­?

Бојко Борисов, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. Владетелите на Софија! Луѓето кои што ја блокираа Македонија! „Хероите“ на денешна Бугарија! Тоа посакуваа да бидат. Така се претставуваат во јавноста, но во суштина длабоко во себе се свесни дека се претвораат во најголемите губитници на своето време. Шовинизам на максимум! Шовинизам дополнет со вандализам и сквернавење на вредностите на соседот. Ако не признаеш дека твоите вредности се мои, нема да бидат ниту твои! Философија на вандалите и варварите! Тажна примена на зборот кој што означува љубов кон мудроста. И вандалите имаат сопствена „философија“, за жал. Барем да се нарекуваше „филосредец“, пологично ќе беше.

Тројца шовинисти на дело кои постојано повторуваат дека некој спрема нив употребува говор на омраза, додека тие истите се изворот на омразата не само на ниво на говор, туку веќе и на ниво на омраза на дело.

Овие тројца од Македонија бараат (незнам дали и самите веќе знаат што бараат) три работи. За секого по една. Така соопшти Захариева на историската пресконференција на која, со тон на пораз во гласот, соопшти дека „тројцата херои“ ставиле вето кон Македонија. Види ги ти нив, сила!

Бараат три основни работи, и тоа:

– Придржување кон формулата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година;

– Распоред на активности како ќе се исполнува Договорот;

– Македонија да нема претензии кон македонско малцинство во Бугарија.

Ајде да се обидеме да направиме кратка анализа на овие барања на „тројцата херои“.

Го негираат јазикот. Измислуваат формули, вршат притисок од позиција на сила, свесни дека само на тој начин можат да се надеваат да ги наметнат сопствените негаторски позиции кон македонскиот јазик. Македонските евроинтеграции им се последната шанса.

А што треба да знаат овие тројца?

Македонскиот јазик е признаен во светот! Никој не го оспорува освен тие. Треба да знаат дека Македонија беше составен дел од југословенската федерација во која македонскиот јазик беше еден од трите официјални јазици. Да, македонскиот јазик. Ако сакаме да одиме во крајност, дури ни српскиот јазик не беше дефиниран како засебен официјален јазик, туку истиот беше дефиниран како компилација меѓу српскиот и хрватскиот и се нарекуваше српскохрватски јазик. Бугарија, како и сите земји во светот, ја признаваа Југославија со сите нејзини устројства, вклучително и македонскиот јазик во пакет. Сакале или не, така било и тоа е факт. Дали им било мило, тие си знаат?!

Второ, Бугарија ја призна Република Македонија како држава со сите нејзини уставно-правни устројства. Непобитен факт! Всушност Бугарија ја призна државата онака како што беше дефинирана и устроена, заедно со македонскиот јазик како неизоставен дел од тоа устројство. Нема бегање од овој факт! Каракачанов ќе каже јазикот бил оваков, онаков, западен дијалект, јазична форма. Најмудро му е првин да си го преиспита коренот на името на неговата Софија, па дури потоа да мудрува и да и соли памет на цела Европа со неговата провинциска „философија“ од времето на Средец.

Второто барање е распоред на активности за тоа како ќе се исполнувал Договорот од 2017 година. Демек „тројцата херои“ се амбицирале да воспостават распоред во чии рамки Македонија ќе треба да се откаже од непобитни историски факти и личности од огромно значење за државата и постепено се што е македонско ќе го трансформира во бугарско. Земјо отвори се! Тројцата мудреци од Софија сковале план како да ја бугаризираат Македонија.

Го читам Договорот од 2017 година. Го читам уште еднаш, уште два пати, пет пати. Никаде не гледам обврска дека Македонија треба да спроведе некаква си сопствена „бугаризација“, како што тоа сега го бараат споменатите тројца. Единствена обврска поврзана со некаква временска рамка е формирањето на комисија за историски прашања и некаква си меѓувладина комисија. Но, тие немаат понатамошна дефинирана временска обврска во која треба да ја завршат својата работа и тоа баш онака, на начин како што тројцава од Средец си замислиле. Е сега, ако добиле некакво дополнително ветување од Заев или Димитров, тоа е друго, нека си ги бркаат нив двајцата. Ама и ние ќе си ги бркаме!

Третото барање се однесува на откажување од македонското малцинство во Бугарија. Ајде само за момент да го ставиме на страна ова автохтоно македонско малцинство кое што живее во Бугарија и да фрлиме поглед на едно друго македонско малцинство кое што се создаде последниве петнаесетина години. Имено, се работи за македонските државјани, Македонци, кои најчесто поради економски причини, земаа бугарски пасош и станаа „бугарски граѓани“. Се стекнаа со двојно, македонско и бугарско државјанство. Согласно член 11 точка 4 од Договорот од 2017 година, „Секоја од Договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата Договорна страна, во согласност со меѓународното право“. Ова значи дека Бугарија има право да ги заштитува правата на сите македонски граѓани носители на бугарски пасош.

Добро, нема проблем!

Но, свесни ли се „тројцата херои“ дека и Македонија има право да се грижи и да ги заштитува правата и интересите на истите тие Македонци кои се здобиле со бугарско државјанство, право на глас итн. итн. Свесни ли се „тројцата херои“ дека овие лица претставуваат сериозно македонско малцинство кое што поседува бугарско граѓанство и адреси во Бугарија. Свесни ли се дека овие лица се образувани и описменети на македонски јазик, имаат стекнато дипломи на македонски јазик и најголемиот дел од нив се неписмени на бугарски јазик. Да, буквално неписмени. Свесни ли се „тројцата херои“ дека создадоа модерно македонско јазично и национално малцинство, кое говори македонски и кое согласно со Договорот од 2017 година, на кој тие толку силно инсистираат, Македонија има обврска да се грижи за нивните права.

Тоа е тоа! Ни самите незнаат што сакаат ниту пак што прават! Скарани се со мудроста! Софија е странски збор, неразбирлив за нив!

Како стојат работите од оваа страна на границата? Како се однесува македонската влада?

Почнаа да глумат патриотизам! Не чувствуваат никаква одговорност! Ќе си правеле реформи по дома за да биле спремни да започнат преговори веднаш кога ќе се создаделе услови во ЕУ.

Déjà vu!

Веќе видено, доживеано и преживеано од сите нас современиве Македонци. Ги пуштија најгласните и најгнасните мегафони на најсилно за да шират говор на омраза, во обид да го дефокусираат вниманието од нивниот неуспех. Недостојните и вулгарни навредите кон „тројцата бугарски херои“ претставуваат израз на немоќ и нецивилизираност, исто онака како што претставуваат израз на немоќ и варваризам ветото и постојаните навреди од другата страна.

Ваквите навреди и изблици на „македонски патриотизам“ нема да ги избришат изјавите на претседателот Пендаровски и премиерот Заев со кои се откажаа од Гоце Делчев и ред други ликови и настани од македонската историја. Нема да бидат заборавени нивните недипломатски и недржавнички изјави со што ги зголемија очекувањата на „тројцата бугарски херои“, кои како настрвени волци од ден на ден го зголемуваа својот апетит и барања кон Македонија. Токму тие, поттикнати од самопонижувачките „пријателски“ и „љубовни“ изјави на „македонските херои“ Заев, Димитров и Пендаровски, помислија дека навистина дефинитивно ќе ја бугаризираат Македонија.

Разочарувањето на Каракачанов дека никој од споменативе „македонски херои“ не му се јавил „од четвртокот“, беше вистинско, со нескриена емоција и чувство на изневереност од неговите сакани. Како и не би бил разочаран кога веројатно добил многу поголеми ветувања „под маса“ од своите македонски партнери! Стравот во гласот на Захариева, присутен при соопштувањето на веста за ветото кон Македонија, исто така беше вистински. Свесна дека „тројцата херои“ од Средец дигнале рака на непријателство, и за век се ставаат во редот на македонските непријатели, не можеше да ја зачува нејзината препознатлива надменост и ароганција што ја карактеризираше секогаш кога говореше за Македонија. Изгледаше мала и ништожна!

Бојко како да пропаднал во земја. Свесен е за тоа во каква игра влезе! Свесен е  дека му се ближи крајот, колку и да се обидува да игра на национал-шовинистичка карта. Ќе биде казнет на изборите! Казнет од сопствените граѓани, Бугари, Македонци и останати. Ќе биде казнет затоа што урна се што претходно градеа повеќе еминентни бугарски државници, кои секогаш беа на страната на Македонија во клучните моменти, почнувајќи од претседателот Желев па навака.  Ќе биде изолиран и казнет од меѓународни партнери заради нарушувањето на нивниот углед и кредибилитет. Овој пат „за винаги“!

Како понатаму?

Заев и Борисов, во наредните две недели, имаат уште една шанса да поправат се што успејаа да уништат. Имаат шанса да седнат и искрено да поразговараат во интерес на двете земји. Треба да престанат со досегашните балкански марифетлаци, меѓусебно надмудрување, мафијашко гушкање, глумење блискост и ветувања во четири очи. Нивниот балканизам ги наруши односите меѓу двете земји и го наруши кредибилитетот на целата ЕУ. Тие веќе се дел од проблемот. Ако не најдат решение, нека си одат!

Во Македонија под итно е потребна широка коалиција и влада која ќе ја менаџира новонастанатава ситуација. Влада која ќе изгради цврста заедничка позиција и нема да дозволи никаква отстапка на сметка на македонскиот идентитет. Потребна е влада која ќе игра на сите фронтови, но највеќе на двата моментално најприоритетни, справување со Ковид кризата и блокадата за ЕУ. Влада која ќе подготви парламентарни избори во исто време со локаните, по можност уште следново лето, со цел Македонија да излезе од незавиднава положба во која е доведена. Секое одлагање ќе има дополнителни последици и далеку поголеми разорни ефекти од оние со кои се соочуваме во моментов!

Тоа е решението! Не е некоја философија!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.