Весна Јаневска

Можно ли е да не знаат, ни да изгуглаат „Хрватска – мапа“ и да видат тоа што не знаат. Изгледа до толку се неписмени и толку многу не знаат, што не знаат дека не знаат. Губењето на сите морални норми и критериуми во однос на знаењето, а потоа и при вработувањето не еднаш нѐ довеле во ситуација да ја почувствуваме онаа познатата „Ме изеде туѓ срам“.

А за да не дојаде туѓиот срам, дознаваме дека казна за инцидентот кој предизвика дипломаткси ноти од две држави е РАЗРЕШУВАЊЕ ОД ФУНКЦИЈА на раководителот на Бирото за филателија и разрешување на Советот за поштенски марки. Небаре биле родени и сраснати за тоа незаслужено место, па тоа е казна. Веројато краткорочна зошто најверојатно многу брзо ќе бидат изротирани на друга функција за која исто така „се стручни“ како за претходната. Чувството на моќ и чувството на неказнивост или селективна правда, доведе до застрашувашка ароганција, препотенција и агресија. Агресија и за очи и за уши до таа мерка, што веќе не може ни да се гледа, ни да се слуша.

Не, не помислувам дека биле толку паметни за смислено да и наштетат на Македонија, иако тоа треба да се истражи, но не можам да поверувам дека може да бидат толку неподносливо неодговорни кон самите себе, своите семејства, сопствената околина и конечно кон сопствената држава. За нив и тие околу нив, тие треба да си мислат, ама на мојата држава не смеат неписмени да и носат срам.

За вакво нешто се губи работа, се врши истрага за срамно потрошените средства на граѓаните и за евентуалната зла намера што би можела да се крие зад ваквиот настан.

Еден скромен експерт се обидува да ги оправда, велејќи дека надворешна компанија веројатно го правела дизајнот. Па нека е и така, зар никој од одговорните не ја погледна марката пред да ја пушти во печат и оптек?  Очигледно НИКОЈ, ама баш никој, а веројатно многу од нив требало да стават свој потпис на некаков документ. Никој ли баш никој од нив не знае како изгледа демократска, европска Република Хрватска.

Уште потргично од сѐе тоа што ова се случува на ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ.

Само како цреша на шлагот, некои наши политичари заборавија дека Денот на Европа е всушност и Ден на победа над фашизмот, па наместо на овој ден да ги споменат сите кои го дадоа своот живот за борба против светското зло и да го величаат нивниот патриотизам, не подучуваат дека нашиот патриотизам бил ЕУ. Тажна Македонијо, на кое дереџе дојде.

ЕУ е наша цел, наша желба, определба и амбиција. Со подготовката за и со влез во ЕУ очекуваме да постигнеме високи стандарди и квалитети, а патриотизам е борбата за овие високи стандарди и квалитети, вклучително чувањето на културата и обичаите, чувањето на јазикот, на достоинството, самобитноста, демократијата и слбодата.

Затаило образованието, многу затаило.

Треба тешки и длабоки реформи во образованието!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.