Васко Шутаров

Пред извесно време еден млад, а веќе бивш босанско-херцеговачки политичар, излезе со предлог за спас од долгогодишниот тренд на нефункционалност и изумирање на Босна и Херцеговина како држава. Бојан Бајиќ влезе за кратко во политиката, основа политичка партија, учествуваше на избори, се испече здраво и бргу го напушти зовриениот босански политички лонец. Денес е успешен бизнисмен, често пишува колумни, дава интервјуа и се обидува на многу други начини да ѝ помогне на својата родна земја…Во едно од тие интервјуа, Бојан предлага 10 принципи, 10 неопходни чекори како надеж за конечен спас на државата. Спасот го нарекува морална преродба, а владата што треба да ја спроведе преродбата, Етичка влада за спас на Босна и Херцеговина. Нормално дека после овие изјави се случи лавина од позитивни реакции како кај домашното население, но уште повеќе меѓу бројната дијаспора на БиХ во Европа и светот. Велат, дека е тоа една од најбројните и најбрзорастечките европски дијаспори.

Уверен дека само моралната преродба може да биде предуслов за подобар и понормален живот за граѓаните и за просперитет на БиХ како држава и убеден дека таа најтешка и најкомплексна реформа може да ја оствари само исклучително одговорна влада, Бојан Бајиќ предлага концепт за функционирање на идна етичка влада и владеење што треба да се придржува до 10 важни принципи. Моралната преродба, како единствен начин за враќање во нормално живеење најнапред значи дека мора да биде не само вратен моралот во политиката, туку и поставен како единствен највисок принцип. Меѓу останатите принципи во формирањето и функционирањето на етичката влада, Бајиќ ги предлага и следниве: избор на високоморални функционери, преземање на одговорност, етика по вертикала и по длабочина во јавната служба, комплетирање на контролните механизми за злоупотреби во владеењето, транспарентност во работата, компетентност, коалиции само по етичка (не етничка!) линија.

Бојан Бајиќ несомнено го дијагностицира најголемиот проблем со постојаното самоуништување на својата држава, својствено и за останатите држави од регионот. И не само што го дијагностицира отсуството на морал и одговорност како најголем проблем, туку предлага и практични решенија за спас преку конкретни и единствено разумни мерки пред неизбежното исчезнување на таквите неодржливи држави. Од таквиот крај единствено сѐ уште ги спасува актуелниот геополитички контекст кој се обидува да ги задржи во каква таква функционалност, но за да заздрават и станат како држави пристојно место за живеење на нивните граѓани, мора да се случи не само реформа на која инсистираат западните партнери туку пред сѐ морална преродба и создавање можности за избор на Етичка влада за спас на државата и општеството.

И за да не бидат овие принципи само празни флоскули, Бајиќ нуди прецизни решенија како би требало тоа да функционира во пракса. Ултимативна цел на владата за морален спас е да осигура највисоко можно ниво на морална одговорност на јавните служби и политиката во вршењето на должноста управување со доверените средства и должности кон граѓаните и сите даночни обврзници. Досегашните влади декларативно ја имаа борбата против корупцијата и злоупотребите во владеењето за некој од поважните приоритети, но за етичката влада ова е базично прашање врз кој ќе се градат сите други здрави политики. Високо моралните функционери се клучни за реализирање на политиките на етичката влада. Етичкиот глас од врвот е клучен за моралното однесување на сите пониско поставени нивоа на власт. Власта најмногу ја расипува неморалот кој доаѓа од врвот, а таквото владеење по вертикала го расипува и остава во гниење од неморал целокупниот општествен живот, смета Бајиќ.

Коалиционите етички влади мораат да воспостават и испочитуваат критериуми за етичка и морална беспрекорност при изборот на своите именувани функционери. Ако избраниот функционер не може да биде морален и етички пример на младите, тогаш неговата евентуална стручност, интелигенција и снаоѓање сигурно ќе бидат употребени против јавното добро и интересите на граѓаните. Етичката влада е одговорна за спречување на создавањето неправилности и секакви кршења на законот по сите нивоа во вршењето на работите во јавната служба и таквата одговорност (види чудо!), никогаш не ја префрла на полицијата, обвинителството и судовите. Спречувањето и воопшто да се случи кривично дело во вршењето на јавната служба е исклучива одговорност на етичката влада, а за скандали случени во вршењето на јавната служба етичката влада веднаш презема одговорност, нуди оставки и презема корективни мерки, без оглед на ефикасноста или неефикасноста на казнените правосудни механизми. Изјавите на функционерите дека обвинителството во вакви случаи треба да си ја работи својата работа, без ургентно преземање одговорност за неетичкиот скандал во својата зона на одговорност е обично замајување на јавноста.

Овде запирам со принципите за морална преродба и спас на државата според Бојан Бајиќ. И останатите принципи, колку и да изгледаат од денешен агол утописки, изгледаат сосема реални ако за нив има општонароден или граѓански консензус и минимум политичка волја за да бидат остварени. А во држави со демократска традиција и високо поставени етички стандарди на владеењена кои не им е неопходна морална преродба како на државите од Западниот Балкан, доволно е само да се избере вистинскиполитички лидеркој преку својот пример на непоколеблива морална вертикала, ќе ја постави државата и целокупното општество долгорочно на здрави нозе. Зарем 16-годишното владеење на челичната германска кацеларка во заминување Ангела Меркел не е доволно добар пример за тоа?

Предизвик е да се направи овде дигресија и за момент да се префрлиме на работната проштална средба на Ангела Меркел со лидерите на државите токму од нашиот Западен Балкан, што се случи деновиве во Тирана. Меѓудругото и со босанскиот и македонскиот политички врв, за кои не сум баш сигурен дека се потполно свесни, врз што точно се темели стравопочитта што целата меѓународна политичка јавност ја има токму кон германската канцеларка. И затоа, во контекст на малава дигресија и трактатов за моралот, само кратко потсетување за моралниот колос во политиката, Ангела Меркел.

Нејзиниот подем во германската политика се случува со обединувањето на двете Германии, за што историската слава во последната деценија од минатиот век ја понесе тогашниот германски канцелар Хелмут Кол. Младата  докторка на науки од Источна Германија политички се активира и влегува во првите заеднички парламентарни избори на обединета Германија. Ја забележуваат првенците на партијата ЦДУ и многу бргу со квалитетите што ги поседува станува човек од доверба на Хелмут Кол, и некое време ја следи прекарот „девојчето на Кол“. Но, тоа не е пречка за Ангела Меркел, кога подоцна доаѓа на позицијата Генерален секретар на германската Демохристијанската Унија, остро да го критикува Хелмут Кол по откривањето на аферата со примањето донации во готово од непознати донатори. Во колумна за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Меркел ќе напише дека скандалот предизвикал огромна штета за партијата и дека „конечно ќе треба да се застане на сопствени нозе“. А како се прави тоа повторно подигање на сопствени нозе, знаеме од 2005 година до денешен ден, од првата заклетва по победничката кампања „Сакам да ѝ служам на Германија“, до последните нејзини изјави што ги читаме деновиве  во кои скромно изјавува дека: „Jас само ја вршев должноста на највисок државен административец во Германија“. Едуцирана, дисциплинирана, посветена и пред сѐ високо морална и со непоколеблива  етика на прв владин службеник, Ангела Меркел ја зацврсти Германија на врвот на европската и светска економија и политика, заминувајќи од политиката без коруптивни скандали, без сомнежи за подмитувања и незаконски богатења, без скандали за вработувања на роднини и блиски пријатели, скромна и едноставна како на почетоците на својата кариера. Што ќе рече, Меркел е сѐ она што лидерите од Западниот балкан кои седнаа на работна маса наспроти неа неодамна во Тирана, ниту биле ниту некогаш ќе бидат. Морален колос наспроти политичари од типот на Заев, Димитров и Османи, за кои е непристојно и да се зборува во било каков морален котекст. И Меркел можеби подобро од сите нас ги знае сите нијанси на тоа сиво морално ништавило што токму тие го продуцираат.

И затоа, надвор од куртоазниот наратив на прошталната средба на Меркел со македонскиот политички врв, нејзините пораки дека сме „на вистинскиот европски реформски пат, но пат што е уште многу далеку од ЕУ“, треба јасно да ни биде дека се тоа точно по германски и научно педантен терк „а ла Меркел“ пресметани светлосни години разлика од етиката и моралот во политиката кои таа ги трасираше, до неморалното и неодговорно деградирање на политиката од владеењето на македонската тројка седната наспроти неа.

И да не се лажеме! Она што денес мора од Македонија да се направи, тоа е единствено најитна и без никакво одложување постапка за комплетна морална преродба. И за скорешна влада за етички спас од тоталното владењее на неморал и неодговорност. И секако со иден премиер, кој ќе се угледува во своето работење на Ангела Меркел, челичната дама и моралниот колос на модерната европска и светска политика. Нам не ни помагаат повеќе ни академски ни политички  дебати за морал, етика и одговорност. Тоа се веќе само догорчиња под пепелта на модуларната болница во Тетово, од кои ни германските експерти  нема да откријат ништо што може да ја поправи сликата за апсолутната беда на неморалот и неодговорноста во кои се самоуништуваме, секој ден и секоја ноќ, многукратно.

Моралот нема свои модули – или го имаш или си имунизиран од него. Попусти ни се силните расправи за анатомијата на актуелниов неморал, попусти расправите за објективната и субјективната одговорност, попусти мудрувањата за собраниски процедури за прифаќање оставки или расправи за разрешување. Со нас владее човек кој не разбира што е тоа морал, не е структуиран да го поими моралното и моралниот закон, ниту разбира дека постои само еден морал, како што постои само една геометрија. Тие зборови немаат множина, како што нему му се намножени неморалот и неодговорноста кои веќе не успева ни да ги покрие ни исчисти. Или моралот нема никаква врска со него, како што немаше за Наполеон Бонапарта – секакви болести има, не би ја исклучил ни оваа?!

Со нас владее и самољубието и среброљубието на еден министер за здравство (кобајаги во оставка), врз кои единствено е вграден неговиот користољубив морал. Заеднички и за едниот и за другиот, моралот не значи ништо повеќе од јавен штит зад кој треба да ги покриваат сите зла и сите несреќи што се случија во здравството во изминативе години на нивно владеење. Ништо не разбраа ни едниот ни другиот, двајцата неразделни јавачи на македонската апокалипса, дека полесно ќе бешеда им зацрвенеат барем еднаш лицата, отколку засекогаш да им црнеат образите.

И затоа по нив, само морална преродба ќе ни биде спасот. Или ќе ни се случи многу лесно крај на нашата историја како држава и општество. И империи пропаѓале од неморал и декаденција, а не пак кревка демократија и млада држава како Македонија. Третото, за жал, може да биде само агонија без крај.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.