Петар Поп-Арсов

Што да се каже за овој извештај што досега не е кажано?! Ништо посебно! Уште еден документ во кој Македонија се оценува како подготвена за преговори, при што недоволно јасно и прецизно се укажува на реалната состојба во земјата. Демек се користел културен и дипломатски речник. Да, да, веќе цела нација умешно се служи со повеќе странски јазици, меѓу кои и културно-дипломатскиот јазик на бриселската бирократија.

Судството е подобро, но сеуште има многу да се сработи! Корупцијата е намалена, но таа сеуште е проблем! Не знам каде Европската комисија виде подобро судство и намалена корупција? Пред само еден месец, во Извештајот на Стејт департментот, Македонија беше оценета како најкорумпираната земја на Западен Балкан. Или пак уште поегзактно, во извештаите на Транспареси интернешнал, Македонија во 2018 година беше рангирана на исклучително ниското 93-то место, за да во 2019 година падне на уште пониското, 106-то место. Каде овде има намалување на корупцијата?

Европската комисија оценува дека е постигнат ограничен напредок во областа на слободата на изразување! Земјата е умерено подготвена за слободно движење на работници и стоки (добра), но немаше никаков напредок од минатата година! Граѓани не можат да имаат банкарска сметка во странство, иако странците можат да имаат во земјата! Потребен е поголем напор за борбата против перење пари и финансирање на тероризам! Капацитетот за спроведување на јавните набавки треба да се зајакне! Интелектуалната сопственост и авторските права се „мисловна именка“, при што сеуште постои недоволна законска регулатива! Во областа на финансиските услуги, земјата е умерено подготвена, но истовремено нема напредок во инфраструктурата на финасискиот пазар! Нема напредок во спроведување на клучните реформи во транспортниот сектор, „така да препораките од претходната 2019 година остануваат исти“! Земјата одржува добро ниво на подготовка во областа на транспортните мрежи, но нема напредок во завршувањето на реформите во овој сектор и препораките за 2019 година! Остварен е ограничен напредок во областа на заштитата на природата и климатските промени! Во однос на квалитетот на воздухот, недоволната координација помеѓу централните и локалните власти, како и слабата меѓусекторска соработка, го ограничуваат спроведувањето на мерките за намалување на загадувањето на воздухот! Напредокот на програмата за намалување на загадувањето на воздухот е бавен! Не е постигнат напредок ниту во однос на заштитата на потрошувачите!

Во однос на јавната администрација, земјата е умерено подготвена со реформата, но Антикорупциската комисија треба да продолжи да ги решава наводите на непотизам, блискост и политичко влијание во процесот на регрутирање на вработени во јавниот сектор! Оваа препорака како да не се однесува на власта, туку само на Антикорупциската комисија?! Ова е класична небулоза! Испаѓа дека Владата и се што е во надлежност и под влијание на власта „слободно“ можат да вработуваат по партиски и роднински принцип, под услов да не ги фати Антикорупциска. Најавите за отпуштање на дваесет проценти од администрацијата, кои без проблем ќе бидат заменети со партиски кадри до крајот на владиниот мандат, воопшто не претставуваат индиција за Европската комисија за бруталната „СДСМ-овизација“ во јавниот сектор која што следи.

Во кратки црти вака изгледа Извештајот на Европската комисија за Македонија. Се нешто е ограничено, без никаков или со мал напредок, или пак со нотиран фиктивен напредок кој што никој не го забележува во земјава. Сепак, Извештајот за нашата Влада е позитивен! Да, можеби единствено „позитивен“ е ветерот во грб што го добиваат да распродат уште нешто од националните атрибути во пресрет на конечната одлука за тоа дали ќе ги започнеме преговорите во декември. Граѓаните самите ја чувствуваат содржината на овој извештај на своја кожа, а пишаното на хартија нема да смени ништо во чувствата, ниту на подобро ниту на полошо. Единствено нешто кое што може да се смени е чувството за пристапот и сериозноста на Европската унија кон Македонија и македонскиот народ.

Да, македонски народ! Ниту збор, ниту термин во наводници во однос на поимите македонски јазик, македонско државјанство, македонски производи и сл., односно ниту збор за сето она кое што беше „бетонирано“ со Преспанскиот договор. Ако ги погледнеме само извештаите за Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, ќе видиме придавките српски, црногорски или босански се застапени со над педесет пати во текстот, во зависност од извештај до извештај. Српрскиот, црногорскиот и босанскиот јазик се јасно наведени во повеќе наврати како посебни и различни јазици, иако нивната сличност е неспоредливо поголема од сличноста меѓу македонскиот и бугарскиот.

Таков е нашиот Извештај. Она што до 2015 година се нарекуваше „Извештај за напредокот“ на земјите кандидати за членство во Европската Унија, сега едноставно се нарекува само „Извештај“! Случајно или не, суштински или симболично, исчезнувањето на зборот „напредок“ уште во старт ги детерминира максимално резервираните позициите на ЕУ во однос на политиката на проширување.

Во 2014 година, Жан Клод Јункер, како претседател на Европската Комисија, јасно и недвосмислено кажа дека ЕУ не планира да се проширува во наредните пет години, за време на траењето на неговиот мандат. Дури и името на Комесаријатот за проширување, како и носителот на функцијата Комесар за проширување, претрпеа суштинска промена. Ако до 2009 година соработувавме со Комесарот за проширување и соседство, Оли Рен, од 2009 до 2014 година во Скопје и Брисел се среќававме со Комесар за проширување и европска соседска политика, Штефан Фуле. Од крајот на истата година го добивме Јоханес Хан како Комесар европска соседска политика, при што проширувањето беше ставено во втор план, срамежливо опфатено преку поимот преговори за проширување. Да, само преговори, но не и проширување. Факт е дека ЕУ не се проширила од 2013 година (Хрватска). Воопшто не се гледа ниту можност за некое ново проширување во наредните 4-5 години, односно за време на мандатот на Оливер Вархеи, кој, ако е некаквов зрак на оптимизам, ја извршува функцијата Комесар за соседство и проширување.
Наизглед мали измени во името на функцијата, но сепак со јасна и прецизна порака, особено ако се држиме до оној дипломатски и културен бриселски јазик. Јазик, дијалект или „јазична форма“, што и да е, која „сите го/ја разбираме“, нели?!

За потсетување, почнувајќи од 2009 година до сега, сите состави на Европската комисија имаа т.н. позитивен извештај во однос на напредокот на Македонија, односно постојано ја повторуваа првата препорака од 2009 година, дека земјата е подготвена за почеток на преговорите. Незаивисно од тоа што секој извештај во себе содржеше „позитивни и помалку позитивни оценки“ за состојбата во македонското општество, секогаш имаше препорака за почеток на преговорите со ЕУ. Но, и покрај постојаните препораки, Македонија се соочуваше и со постојани блокади од страна на јужниот сосед поради наметнатиот спор за името на државата.
Во еден момент, при комуникацијата со претставниците на ЕУ започнаа отворените укажувања од потребата од наоѓање на решение за спорот со името, како и изговори и потенцирање на ограничувањата кои што ги има ЕУ за надминување на својот внатрешен проблем поврзан со начинот на одлучување. Започна процес на кревање на раменици од страна на нашите европски партнери, неможејќи да дадат одговор на тоа, како е можно во дваесет и првиот век, членка на Европската унија да наметнува спор за нешто досега невидено во историјата на европската цивилизација. Започна процес на упатување јасни пораки дека исполнувањето на критериумите од Копенхаген не се единствениот услов за продолжување на македонскиот процес на евроинтеграции.

Епилогот го знаеме. Името беше сменето со цел земјата да направи клучен исчекор кон остварувањето на целта, членството во ЕУ. Но исчекорот го нема никаде во стварност. Менувањето на документите кои имаат меѓународна употреба (пасоши на пр.), во согласност со оној т.н. „технички“ период од пет години предвиден во договорот, нашава Влада самоиницијативно и доброволно го надгради и надополни со менување на имињата на се што постои во Македонија, а е поврзано со оној „политички“ период кој според Преспанскиот договор треба да трае 5 години, започнувајќи да тече со отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија. Замислете нашиве „европејци“ брзат час поскоро да ги исполнат сите обврски од Преспанскиот договор, а при тоа земјата сеуште не започнала преговори, ниту пак има гаранција дека истите ќе започнат овој декември поради можната блокада од источниот сосед.

Почитувани „европејци“ од македонската Влада, ако не сте способни за нешто повеќе, барем држете се до оние обврски кои ги превземавте со Преспанскиот договор. Како сте тргнале ќе исполните и што треба и што не треба, повторно доведувајќи ја земјата во подредена позиција во однос на други земји. Вашето очајно брзање нема да ги зајакне позициите на земјата. Можеби само ќе ви пишат петки на вашите рачиња за „одлично“ и предвремено сработената задача. Ќе ја доведете земјата во положба да добива нови и нови услови, кои ќе немаат крај во процесот на отворањето на секое од поглавјата поединечно.

Ако Јункер, како претседател на Европската комисија, јасно кажа дека ЕУ нема да се проширува во неговиот мандат, Макрон, со неговата нова методологија на преговарање, го одбележа почетокот на работата на сега веќе актуелниот состав на Европската комисија во однос на проширувањето на ЕУ. Реверзибилен карактер на процесот на преговори! Тоа е новата методологија на преговори. Методологија која наликува на митологија, онаа на Сизиф. Ако згора на сето ова го ставиме бугарскиот „Објаснувачки меморандум“, повеќе од јасно е дека македонските преговори можат да добијат митолошка димензија.

И како заклучок кој се наметнува самиот по себе.

Верував дека никогаш нема да кажам вакво нешто, уште помалку да напишам. Извештајот самиот себе се претставува како класичен политички памфлет, кој има за цел да ги претстави работите онака како што во моментот и одговара на бриселската бирократија, со намера да ги оствари сопствените цели. Ако крајната цел е Македонија да ги започне преговорите, тогаш целата политичка еквилибристика содржана во Извештајот ќе добие на оправданост. Ако Македонија не започне со преговори во декември и остане заглавена во „сизифовата митологија“, тогаш овој документ навистина ќе го оправда епитетот „политички памфлет“, кој има единствена цел, перење на европските раце од нанесените неправди кон Македонија и Македонците!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.