Васко Шутаров
Алта Бадиа, велат било волшебно место на италијанските Доломити. Mагично место сочинето од седум алпски селца, токму како од соништата. На туристичките реклами уште и ќе прочитате дека Алта Бадиа е совршена комбинација од зимска идила, вековна култура, совршени ски патеки, рустикални колиби за туристи, но и ексклузивни ресторани со „4 Michelin” ѕвезди, сауни, 300 сончеви денови во годината. Тивок раскош. Нормално, за оние кои можат да си дозволат таков раскош и рај. Зошто да не? Но, за властите и бизнисот на Јужен Тирол и овој дел на Италија, и покрај исклучителниот интерес за овој раскошен планински предел, „здравјето на сите гости и локалното население е од посебен приоритет”. И затоа, „сè е направено за да се обезбеди заштита на здравјето преку почитување на посебни мерки за заштита, дури трае опасноста од ширењето на коронавирусот”, стои на официјалната веб локација на Алта Бадиа. Предупредување, дури и по цена да им пропадне туристичката сезона и бројните туристи. Но, за да не се случи пропаст на туристичата сезона, се погрижила и една многу „грижлива” докторка. Од Македонија, се разбира.
Еден доктор, од едно друго време
Мислите од овој земен зимски рај, за кратко ќе ги пренесам во повоена Гевгелија, на југот на Македонија. Град кој и тогаш, како и денес, има скоро 300 сончеви денови во годината и град каде снегот e толку ретка појава па има ексклузивност, како екслузивноста на снежниот рај од италијанските Доломити. Во 1945 година на свое барање, во Гевгелија пристигнува еден лекар. Бил роден 1914 година во Сента, Војводина, а потекнувал од средно имотно еврејско семејство. Студирал на Медицинскиот факултет во Белград, каде и дипломирал 1939 година. Во 1941 година бил заробен од Германците и бил депортиран четири години во еден од логорите на смртта, каде ја проживеал својата и голготата на својот народ во Втората светска војна. Доаѓа во мојот град веднаш после ослободувањето и останува да живее во него, до крајот на својот живот. За Гевгеличани, тоа е нивниот народен лекар, легендата на гевгелиското здравство, д-р Александар Сингер. Бил лекар по општа пракса, педијатар, акушер, гинеколог, интернист, бил цел свој работен век, лекар за сè и лекар пред сè. Го паметам многу добро. Како дете одев често со татко ми, тогаш млад лекар, и секогаш го наоѓавме во амбуланта или болница, меѓу своите пациенти. Врежан ми е тој лик на Докторот, кој живееше деноноќно со своите пациенти, со пеперутка-машна под белиот мантил, кои ретко ги симнуваше од себе. Тивок раскош од човек. Господин, интелектуалец, полиглот, џентлмен и бонвиван, но пред сè лекар, во вистинска смисла на зборот. Од негови помлади колеги, од негови пациенти знам за негови постапки во години и услови кога немало ни реагенси, ни инструменти а ни доволно лекарства за многу болести, постапки што од денешен аспект заслужуваат посебна рубрика, за верувале или не. Знам за негови бројни човечки и професионални подвизи и пожртвувања. И секогаш кога помислувам на лекар и ден денешен, помислувам на него.
И една докторка, од вчера
И што да помислам, после оваа мала реминисценција за големи народни лекари- враќајќи се во реалноста во која го живееме актуелниов миг на домашното здравство? За докторката, која токму во екот на сезоната на ширење на коронавирусот заминала на скијање, во регион кој е високо-ризичен, ама монденски познат и раскошно привлечен. Потоа, си се вратила на работа, си организирала симпозиум за 100 дерматолози, патем потпишувајќи и делејќи сертификати. Сертификати, зошто? За да потврди колку е тешко заболено домашното здравство? Колку е длабока ерозијата на општествениот морал? Колку е голема хипокризијата на оние што изговарајќи ја Хипократовата заклетва, свечено ги изговараат и светите зборови за лекарската професија: „и под закана нема да дозволам моите медицински знаења да се искористат спротивно на законите на хуманоста”. Сертификати за тоа колку се ниски гранките на кое е спаднато јавното здравство. Како тоа јавното здравје стана, сечие и ничие? А најмалку, наше? Бидејќи, никој не сака да каже, од што точно е болно нашето здравство? А сите симптоми на болеста на здравството, наоѓаат пресечни точки, токму во овој „случај на разочарување” (според актуелниот министер за здравство)
Уште една мала дигресија. Реминисценција за една епидемија од 1972 година, која повозрасните сигурно ја паметат. Вариола Вера. Еден, на прв поглед безначаен момент ја предизвикува страшната болест, за која тогашните југословенски власти дури првично помислуваат дека е биолошко оружје со кое е нападната тогашната држава. Ибрахим Хоти од Косово сака да оди на аџилак во Мека. Пред одење, бил вакциниран во Скопје (О, света случајност!) но му дале сертификат без да испитаат дали е успешна вакцинацијата. Ибрахим си купува кавал од пазар во Саудиска Арабија и во март 1972 се враќа во Косово. Но, додека престојувал во Саудиска Арабија се заразил со вирусот Вариола Вера, вирус на големи сипаници. Ибрахим, набргу го споделил кавалот со своите сопатници во автобусот, а потоа и низ Косово. Заразата се пренесла на преку 250 луѓе, од кои 40 починале, а 18 милиони луѓе биле итно вакцинирани. Во месец мај, југословенските власти прогласиле дека се справиле со епидемијата. На помладите можеби им текнува на култниот филм, посветен на оваа заразна болест. Сцените на паника, страв и методите кои ги преземале југословенските власти, обезбедувајќи го карантинот со полиција и војска, се наметнуваат сами, во споредбите со најновата епидемија на коронавирус и борбата со истиот во Кина или Италија. Присетувајќи се и на филмот, присетувајќи се на романот „Чумата” од Алберт Ками, дилемите кои се наметнуваат дури сме соочени со новиве предизвици по нашето здравје, се секако дилемите за моралниот дискурс. Претпоставувам, дека барем филмот некогаш го гледала нашава докторка.
За моралниот дискурс во здравството
Нивото на моралниот дискурс на нашето здравство, за да не биде апстрактно, пластично може да биде опишано во само една сцена, што така очигледно падна во очи неделава. Станува збор за Маја, медицинска сестра која и на 8 Март била дежурна на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, „давајќи грижа на пациентите со коронавирус”, како што ќе запише на својот Фејсбук, актуелниот министер за здравство. Илјадници допаѓања, стотици коментари, една слика-и илјада зборови за состојбите во нашето здравство. Сестра Маја е вистинска и несомнена хероина. Но, без заштитни очила, без заштитен скафандер на неа. Непријатна е првата асоцијација која се наметнува гледајќи ја фотографијата со медицинската сестра Маја. Заштитата на неа е стандардна и задолжителна. Но, само во конзервно-преработувачката индустрија. И толку? Ние во моментов, како со црешово топче да се штитиме од најопасниот планетарен вирус? Моралниот дискурс е поразен, срозан на најниски гранки. Нели бевме комплетно опремени за гранична превентива од потенцијално заразени од коронавирусот? Да бевме, така елегантно ќе си се вратеше дома, докторкава од ски-приказната? Нели бевме потполно опремени за борба против коронавирусот, дома? Вратете ја фотографијата, врамете ја и засрамете се!
Сериозно болно е македонското здравство. Здравиот морален дискурс и материјалните ресурси што иманентно му припаѓат, мора најитно да дојдат на дневно-политички ред. Како што денес својот глас по овој повод го крена Клубот на млади лекари, глас кој предупредува дека мораме од прокламативни и протоколарни мерки навистина да почнеме да дејствуваме како вистинско здравство, каде еснафот постапува само по етичкиот кодекс, а медицината се базира само на докази. Во меѓувреме, нека оздрават актуелно болните од коронавирусот. Нека ја сменат од директорска функција несовесната докторка. Нека си одговара и кривично за ризикот од ширење опасен вирус. Нека се набави конечно и заштитната опрема за коронавирусот, макар тоа било во полн ек на неговото ширење. Но, никогаш да не престане потсетувањето и потенцирањето, дека дури од крајот на азбуката, од „Z” не дојде под „А” на дневно-политичиот ред, нашето здравство ќе ни боледува. Ќе ни одат курбан едно мноштво пациенти, не само во сезона на вируси. Од банални или „не сосем разјаснети причини”. А министрите ќе си доаѓаат и заминуваат, разочарани.
И актуелниов, само на разочарување ли си остана?
П.С. И ќе спомене ли некој, како во меѓувреме ни се заштитени студентите по медицина?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.