Петар Поп-Арсов
Можеме уште повеќе, уште подобро! Така велат, така не убедуваат сега на крајот од нивното владеење. На почетокот пак велеа „…Гарантираме заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија. Гарантираме заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани. Гарантираме дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава...“.
Гарантираа многу, ветија и ветуваат уште повеќе. Сакаат повторно да владеат, нудејќи ни програма за чија што реализација, гаранција се нивните досегашни постигнувања. Минатото како гаранција за иднината. Но, што е она што реално го направија во нивните пет минути слава? Пет минути растегнати во три години владин мандат?
Да почнеме од почетокот.
Избраа претседател на Собранието со преврат, без потребното мнозинство на гласови. Испровоцираа маса македонски граѓани да влезат во Собранието, со директна асистенција од петтата колона во редовите на дотогашната власт, која што петта колона подоцна стана симбол за „отворање на секоја врата“ на македонската земја и рушење на сите нејзини одбрамбени линии.
Воведоа двојазичност! Ја воведоа без учество на опозицијата и потребниот сеопшт национален консензус. Ја воведоа на целата територија на државата. Ја воведоа во Берово, Штип, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Велес, секаде онаму каде што немаше никаква потреба од тоа. Ја воведоа без оглед финансиските импликации по македонските граѓани. Финасиски импликации кои што неможат да си ги дозволат ниту најбогатите европски земји. Ја воведоа спротивно на европските стандарди, спротивно на Европската конвенција за регионални и малцински јазици и спротивно на сите укажувања на домашната и светска експертска јавност, вклучително и Венецијанската комисија на Советот на Европа, во која се колнеа и на која постојано се повикуваа. Излажаа!
Потпишаа непропорционален договор со Бугарија, со кој земјата ја доведоа во положба на потчинетост кон источниот сосед. Се откажаа од нешто што е градено со генерации. Го загрозија македонскиот јазик и идентитет, ставајќи ги на тезга македонските великани заради поткусурување во „бизнисот“ меѓу „неразбраните трговци“, Заев и Борисов. „Но дискасити фор ајдентити“, рече и остана цел. Многу „неразбрани трговци“ ја газеа македонската земја минативе неколку години. Со сите сили се обидуваа да ги избришат и обезвреднат Гоце Делчев и останатите македонски великани. „Послушајте патриоти“, тоа е песната, тоа е текстот во кој на едно место се сместени и предавниците, неразбраните трговци со македонските вредности, и македонските великани. Од петни жили се обидуваа да ги
избришат пораките од стиховите „послушајте патриоти, да ви кажам словото…“, упатени до македонските великани, за нив испеани, исто онака како што ги бришеа од македонската химна токму тие великани, во неа опеани.
„Илинденска Македонија“, крикна Заев, соопшувајќи го новото име на државата! Не, не било тоа! Друго било! Гледано од денешна перспектива човек ќе помисли дека цело време преговарал со руските пранкери, кои покрај „Порошенко, Столтенберг и малата Грета“, му нашле место и на „Ципрас“, за да ја договори Илинденска. Ако можело бесрамно да се озборуваат светските лидери, да се договара затворање на аеродроми и подмитување на Вселенскиот патријарх заради признавање на автокефалноста на МПЦ, зошто не би договорил и едно име за државата. Онака, по телефон, и тоа „вит греит плежр енд греит анр“.
Го сменија Уставот и Уставното име и покрај неуспешниот референдум. Македонија, ерга омнес! „Големото“ им постигнување! Вакво решение без проблем можеа да „издејствуваат“ сите политички гарнитури кои беа вклучени во процесот на преговори. Но, не го сторија тоа! Не го сторија ниту нивните политички икони, Глигоров и Црвенковски, свесни дека со тоа се загрозуваат државните интереси за кои што Заев даде гаранции при добивањето на мандатот. Уште една лага, уште едно предавство на македонскиот народ.
Направија невидено насилство врз правниот систем на македонската држава, ставајќи ја под нозе волјата на македонските граѓани изразена на највисокиот чин на демократијата, Референдумот. Го објавија Законот за јазици без потпис на претседателот на Републиката. Гласаа закони во Собранието без законски предвиденото мнозинство. Носеа маички со знакот на СЈО. Рекетираа заедно со „трите“ и останатите, уништувајќи го правниот систем на државата. Ја девастираа довербата во институциите, владеењето на правото и најважно од се, правдата. За каква правда неартикулирано врескаат на митинзите пред нивните симпатизери? Еден убав ден, го видовме нивниот Ден како си става купче пари во торбата, комплетирајќи го процесот за целосна „муртинизација“ на Република Македонија.
Амнестираа криминалци и убијци. Ги пуштија од затвор убијците од случајот „Монстроум“. Ослободија докажани бандити кои во минатото тероризираа цели градови, заграбувајќи ги нивните најголеми стопански субјекти, и кои во слободно време малтретираа и шамараа граѓани, па дури и нивни функционери на државно и локално ниво. Зарем не, драги мои кумановски функционери?
Целосно ја партизираа администрацијата. Ја преполнија до врв со партиски кадри, роднини, фризерки, масерки и други занаети, од најстариот па натака. Сега најавуваат дека ќе бркаат од работа. Дваесет проценти од администрацијата ќе ги загуби своите работни места, ако повторно ја приграбат власта. Јасно зацртале во програмата. Конечно доаѓаат на чекор од исполнување на монструозната закана на „апсениот Заев“, дека ќе бркаат од работа и дека ќе јадат живи луѓе. Сите шарени лаги за реформи,
трансфери, отпремнини се само обична маска на она што е нивната вистинска намера, пресметка со неистомислениците во администрацијата.
Три пати прославуваа датум за почеток на преговори со ЕУ, а датум нема! Датум нема, и сеуште нема, но има стипендии од народните пари за студиите на нивните деца во земјите на ЕУ. Немаме датум, но „одозгора на тога“ имаме процес на усвојување на преговарачка рамка со оспорен македонски јазик. „Док се чукамо и ударамо у градима нашима“ дека туку што не сме влегле во ЕУ, преговорите се онаму каде што беа уште во 2009 година, на позицијата „ќе биде“, но овој пат со сменето име на државата и уште неколкукратно повеќе предвремено отпочнати промени во државата, во услови кога сеуште не е започнат процесот на преговори со ЕУ. Но без оглед на се, „Јуроп нид ту..ту римеин мор сексипил…сексипл, лејди ин д врлд“, оптимистички ни порача Заев.
Ја уништија дипломатската мрежа на Македонија! Оставија огромен број на упразнети амбасадорски места ширум светот. Не можеле да се договорат меѓу себе! Стево го мразел Димитров, или обратно беше, сеедно. Двајцата советници од претседателските кабинети ја спуштија дипломатијата на најниските гранки во историјата на оваа држава. Воопшто и не зачудуваат дипломатските испади и импровизации на Заев, час со руските пранкери, час со оној белосветски преварант кој лажно му се претставил како принц на Црна Гора, Македонија и Србија и кој што го „одликуваше“ со некаков орден нашиот македонскиот премиер. Не зачудуваат ниту катастрофалните испади со погрешните знамиња на земјите чии што премиери, претседатели и останатите високи функционери ја посетуваа Македонија. Каква дипломатија, таков дипломатски и државен протокол. Ужас! Срам!
А уживаат да се претставуваат како професионалци! Поголем аматеризам од македонската дипломатија во последниве три години светот нема видено.
Инфраструктура и инфраструктурни објекти. Што да кажам за ова? Ништо! Истото она што тие го направија во овој сектор во текот на нивниот мандат, НИШТО! Одиграа еден чочек, кое што морам да признам воопшто не е лесно да се одигра по целата должина на километарскиот тунел, исто онака како што не било лесно тој тунел да се пробие и целосно изгради од оние што го градеа тој дел од автопатот. Тоа е, за мака се дојдени на власт.
Ја задолжија земјата до максимум. Земаат кредити за да се одржат на власт и да вршат предизборен поткуп преку разно-разни картички со мизерни износи. Создаваат само гужви пред банките за да предизвикаат експлозија на Ковид-19 во периодот после изборите. Не донесоа ниту една странска компанија да инвестира во Македонија. Воопшто не беше случајно бламирањето на нивната Заменичка министер за економија, која мака мачеше пред камери да посочи барем една компанија која инвестирала во Македонија. Срам ми беше што ја гледам. Ништо поарна не беше ниту коносителката на листа во Изборната единица 2, која незнаеше да посочи ниту еден километар автопат кој што го изградиле. Не се криви жените. Едноставно го кажаа она што реално го создадоа, ништо!
Досегашниот мандат им беше наменет за решавање на политичките прашања, како што велат, односно за распродавање на македонските национални атрибути, како што реално е. Идниот мандат што го бараат ќе им бил наменет исклучиво за економијата, како што декларираат, или пак исклучиво за пљачка на македонскиот народ, како што би било реално да се очекува.
Веќе одамна заборавениот нивни план, 3-6-9, оплеменет со подзаборавените лубриканти на државна сметка, го сведоа само на „политичката позиција“ 69. Потрошија огромни пари за подзаборавените апетисани и јаткасти производи со цел зацврстување на нивниот „импотентен политички став“, за кој во меѓувреме утврдија дека дефинитивно има потреба од дополнителна хемиска и финасиска стимулација обезбедена од нивниот директор на Фондот за здравство, изрекетирана од современата медицинска и фармацевтска индустрија.
И да се вратиме на почетокот. „Можеме уште повеќе, можеме уште подобро!“. Дефинитивно можат, не се сомневам! Верувам дека се подготвени и способни да направат уште повеќе од сето ова што го направија за само три години, за кое што ретроспективно се потсетивме во текстот погоре во најкратки црти. Верувам дека се способни за уште поголеми скандали, за уште поголеми отстапки и доведување на Македонија во потчинета положба кон други. Верувам дека се подготвени на задолжување на земјата без лимит, за да го довршат процесот кој што го започнаа и дебело да ги наплатат сопствените „заслуги за сработеното“.
Им треба нов мандат. Го бараат од македонските граѓани. Им треба поддршка на нивната кандидатска листа. Им треба поддршка за некои нивни нови „гаранции“. Вреди ли да им се даде нов мандат за да работат онака како што работеа до сега? Ќе го прифатиме ли нивното минато како гаранција за нашата иднина?
Пред нас е одлуката. Заедно со нивната кандидатска листа има уште 14 други листи за кои што може да се гласа. Има уште 14 алтернативи на нивните „блескавите постигнувања“ опишани во текстот. Има 14 алтернативи, но само едно е решението кое ќе му стави крај на ваквото талибанско владеење. Решението е во бројот 14!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.