Петар Поп-Арсов
Бугарската држава не признава постоење на национални малцинства. Сите се Бугари! Тоа е нешто слично како францускиот концепт на уредување на државата, ама на балкански начин. Во Франција сите се французи. Французи се оние кои што самите се сметаат за французи по род, наследниците на Галите, но и оние од Алзас, Лорен, Бретања, Баскија, Корзика па дури и дојдените од земјите на Магреб и останатите делови на Африка, а кои чувствуваат „малку“ поинаков идентитет. Задолжителна компонента, која што без исклучоци ги поврзува сите овие луѓе под француското знаме, е францускиот јазик. Говорењето на францускиот јазик е задолжително и само преку неговото познавање поединецот може да се стекне со правото на француско државјанство. Јазикот е основниот елемент врз кој се дефинира граѓанскиот идентитет на секој французин. Но, мора да се истакне дека јазичната разноликост, која што постои во Франција, се почитува и во тој контекст слободно можат да се користат и изучуваат јазици како што се алзашкиот, каталонскиот, баскискиот, бретањскиот, дури и галскиот фо форма на регионални јазици во Франција.
„Истото“ е и во Бугарија. Иако е под силен притисок на Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа, која од неразбирливи причини Бугарија ја има прифатено, земјата не признава малцинства. Не признава малцинства или тоа го прави сосема неволно со толкување на одредбите од Конвенцијата на свој уникатен начин. Тоа значи дека во Бугарија сите етнички групи, Македонци, Турци, Роми, Помаци и останати, бугарската држава ги идентификува исто како и мнозинскиот бугарски народ. Сите се Бугари!
Во Македонија имаме сосема различен концепт. Малцинските права се признаени. Признаени се преку Уставот и националното законодавство, но и преку превземените обврски од прифатените меѓународни договори и конвенции. Тоа е сосема спротивен концепт од бугарскиот. Кај нас, покрај мнозинскиот македонски народ, признаено е постоењето на останатите заедници кои експлицитно се наведени во Уставот. Во Македонија свој неоспорен идентитет и права уживаат Албанците, Србите, Ромите, Власите, Турците и Бошњаците, но и сите останати, кои што се изјаснуваат на поинаков начин, и не се оспорувани од никого.
Овде доаѓаме до суштината на споредбата на овие два концепти. Ако во Бугарија сите се Бугари, а бугарската политика смета дека Македонците се Бугари, дали тогаш, имајќи го во предвид бугарскиот концепт на поимање на идентитетот на сопствените граѓани, сите останати кои што живеат во Македонија, исто така се Бугари? Ако во Бугарија сите се Бугари, а во Макединија Македонците се „Бугари“, тогаш логично е и сите останати во Македонија да се „Бугари“?! „Бугари“ се и Албанците, и Србите, и Ромите, и Турците….сите се „Бугари“! Тоа би бил логичниот заклучок ако одиме по бугарските стандарди и вредности!
Апсурд!
Ако ја продолжиме низата на апсурди на бугарската политика тогаш ќе испадне дека Албанците во Албанија, Србите во Србија, Турците во Турција се Бугари. Бугари се само затоа што нивните малцинства во Македонија, според бугарските толкувања на нештата, се „Бугари“. Така кажува логиката, дури и тогаш кога истата е заснована на апсурди.
Втората компонента е јазикот. „Убивање на македонскиот јазик“ е од првостепено значење за реализација на бугарските позиции. Ако францускиот концепт го става францускиот јазик на пиедесталот кој што го дефинира францускиот идентитет, тогаш постоењето на македонскиот јазик е најголемата пречка на патот на остварувањето на бугарските политики, кои од скоро, преточени во „список на желби“, беа испратен до официјален Брисел. Испратени со цел да бидат условувани македонските евроинтеграции, а македонската држава уценувана и притискана.
Го оспоруваат јазикот! Пред официјален Брисел го оспоруваат она што претставува една од најголемите европски вредности, богатството на јазичниот диверзитет. Го оспоруваат токму она за кое што Македонија беше постојано фалена, поддржувана, па дури и притискана од ЕУ, негувањето на јазичната разноликост. Сега кога на вратите на ЕУ чука уште еден јазик, македонскиот, јазик кој што ќе ја збогати европската јазична разноликост, ние се соочуваме со блокада!
“Merci“ ЕУ, „мерси“ Бугарија! Ви „благодариме“ на „почитувањето“ на „вашите вредности“! Не е доволно да се користи француски збор за изразување на благодарност, зборот “Merci”, за да се биде европјанин и да се поседуваат европски вредности!
Македонскиот јазик е најважната компонента на македонскиот идентитет и за него не смее да има никакви преговори и компромиси! Никакви отстапки, по никоја цена, најмалку по цена на нашето интегрирање во ЕУ!
Што се однесува до ЕУ, уважувањето на бугарските позиции од страна на официјален Брисел ќе создаде нова армија на евроскептици во рамки на македонското општество, и тоа токму од оние кои што беа најсилни поддржувачи на зачленувањето на Македонија во ЕУ. Еден од нив дефинитивно ќе бидам и јас!
Јасно е дека актуелната владејачка гарнитура се перцепира како меко ткиво во македонскиот организам и токму сега, според бугарските проценки, е моментот да се зададе финалниот удар на македонскиот идентитет. Во ЕУ можеме да влеземе само како држава во која живее народ со јасно дефиниран идентит и јазик, македонски! Никако поинаку!
Од Борисов постојано слушаме дека ние сме браќа. Убаво е тоа! Убаво е кога некој те чувствува толку близок и те ословува со брат. Но, се поставува прашањето, зошто Бојко, сите негови претходници и бугарската држава во континуитет, никогаш и ништо не говорат за своите „браќа“ во Грција? Зошто не побараат Бугари во Грција туку Бугарите постојано ги бараат во Македонија? Зошто сите битки за заштита на малцинските национални права во Грција, пред грчките институции и пред Судот во Стразбур, се водат од страна на Македонците, а не од Бугарите?
Борбата за заштитата на правата на Македонците во Грција има автохтон карактер. Извира од самото место. Ја водат Македонците! Ние воопшто не слушнавме дека постои некаква автохтона борба за заштита на „бугарските“ малцински права во Грција. Тамошните „Бугари“ не се борат за заштитата на сопствените права, но тамошните Македонци водат повеќедецениска борба.
Бате Бојко, ако ние Македонците овде во Македонија сме твои браќа, тогаш треба да се браќа и оние долу, Македонците во денешна Грција. Но, нешто не гледаме и не слушаме дека воопшто ги спомнуваш сопствените браќа во Грција! Каков брат си ти бате Бојко? Или пак во Грција е тврдо! Затоа пак Бугарија почна да бара „Бугари“ во Албанија, во регионот на Мала Преспа, онаму каде што живеат Македонците. По се изгледа Албанија делува „помеко“ па таму е полесно да се „шири братството“.
Кој би бил логичниот заклучок од ова? Брат си е брат, но секој си имаа свој сопствен идентитет, сопствен дом и сопствено семејства. Претензиите на физички поголемиот да го анулира постоењето на физички помалиот брат, не е братство. Во нашава приказна немаме братство, туку класичен великодржавен концепт. Немаме искрен пристап и искрено братство туку големодржавни политики, долгорочни стратегии за нивно реализирање и аспирации кон соседот кој што е оценет како „меко ткиво“. Нормално дека ќе биде меко ткиво со ваква власт!
Понатаму, се инсистира на менување на историјата. Целиот процес на меѓусебни разговори е блокиран околу припадноста на Гоце Делчев, а верувам дека после Гоце би следувале сите останати истакнати Македоноци кои се вложиле во создавањето на македонската држава. Сите тие се Македонци, се бореле за Македонија! Сите се од Македонија! Крушево е во Македонија! Востанието е наше, водено од наши луѓе, Македонци! Тоа се наши предци, наши дедовци! Ние сме нивни синови и ќерки, нивни внуци! Ние, што живееме во Македонија, а не вие, па како сакале и да не нарекувате или негирате!
Што сте запнале толку со Гоце Делчев? Гоце Делчев е Македонец од Македонија! Од онаа Македонија која што била дел од Османлиската империја! Македонец, роден во делот на Македонија кој што денес и припаѓа на Грција, а за кој што денешната бугарска држава не сака ниту збор да каже за наследниците на роднините или комшиите на Гоце Делчев. Ако Гоце е „Бугарин“, зошто за наследниците на „Бугарите“ од времето на Гоце, кои денес живеат во Грција, нема ниту збор од официјална Софија?
Еве една мала логична дигресија во контекст на приказнава. Гоце Делчев е онолку „Бугарин“ колку што македонската народна песна „Една мисла имаме“ е бугарска, како што тоа сака да го прикаже нејзиниот бугарскиот плагијат (двата хиперлинка задолжително да се погледнат). Со плагијати и крадење на културата и историјата не се станува ниту културно побогат, ниту историски поголем од она што реално си.
Уште еден апсурд!
Затоа, оставете го Гоце Делчев на историчарите, прекинете со негаторската политика и тргнете ги блокадите од нашиот пат кон ЕУ!
Апсурдно е да се повикувате на европски вредности во ситуација кога токму вие ги кршите таквите вредности! Не нарекувате браќа, а истовремено ги блокирате нашите евроинтеграции како да сме ви најголеми душмани! Не велам дека ние Македонците не сме браќа со дел од бугарските граѓани. Да, браќа сме со Македонците кои што живеат во Бугарија! Сосема нормално и разбирливо. Според нашите стандарди на признавање на разноликоста и малцинските права, ние, Македонците од Македонија, немаме никаква амбиција или претензии да го наметнуваме нашето братство кон сите останати етнички групи кои што живееат во Бугарија, исто онака како што тоа го правиме во Македонија. Ако Бугарин може да стане секој, Македонец не може да стане секој!
Со Бугарија и целокупниот бугарски народ треба да сме добри соседи, уште подобри од тоа што сме во моментов и уште повеќе меѓусебно поврзани. Неколку пати споменав во моите претходни колумни, ќе повторам и сега, направете нешто за подобро инфраструктурно поврзување на двете земји, а не поврзувањето да се сведе и да остане само на прегратките на Борисов и Заев.
“Merci beaucoup” бате Борисов, доста нѐ бранеше!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.